ЕЛИЗАБЕТ ПАК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:31:"Бети,вратинисе!

    1. Подметнувачите на бомбите во Скопје и во Куманово не оставиле траги. Што мака си има македонската полиција со такви непрофесионални бомбаши. Обично во светот, кога пукаат бомби, подметнувачите оставаат и траги, па ги фаќаат. А кај нас, ај што не оставаат траги, туку не се ни јавуваат по телефон. И после луѓето ја критикуваат полицијата и велат дека била неспособна. Како може полицијата да ги фати бомбашите што не соработуваат со неа. Добра си е полицијата. Не ни чинат бомбашите.
    Мора да се признае, не е пријатно во држава која од ден на ден бележи сé позабележителни резултати, општиот впечаток да го расипуваат некои осум бомби поставени од бомбаши што не оставаат траги. Затоа, владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија “очекува од надлежните институции во државата да сторат сé за да се разрешат што побргу овие терористички акти и да ја информираат јавноста за нивните извршители и мотиви”. Да не го видевме соопштението на СДСМ, немаше да знаеме дека надлежните институции во државата се под контрола на опозицијата.
    Министерот за внатрешни работи Томислав Чокревски има изјавено дека како универзитетски професор заскитал во полицијата. Изгледа професорот сега толку многу заскитал, што се изгубил. Којзнае каде е, штом ни неговата партија не може да го најде, па мора да му испраќа пораки со соопштенија за јавноста.
    Оттука, сосема беспредметно е што некои упорно бараат оставка од министерот Чокревски. Нема потреба. И онака имаме чувство дека Македонија и нема министер за внатрешни работи.

    2. Само во Македонија може да помине такво ступидно објаснување како она на европарламентарката Дорис Пак, дека појавувањето на терминот “Славомакедонци” било грешка во преводот. Госпоѓата Пак ни се извини, а ние ќе излеземе уште среќни, весели и уверени дека функционерите на Европската унија нé почитуваат. Можеа и да не ни се извинат. Министерот Ханџиски си ја прифати приказната за грешката и и прости на госпоѓата Пак. Така остави простор и за некоја идна грешка. Прво ќе те удрат, па ќе ти речат: “Извини”. Ти ќе премолчиш и пак ќе те удрат, и пак ќе ти се извинат. На крајот, ќе си останеш тепан, ама почитуван.
    Баш ме интересира како успеал преведувачот Македонците да ги преведе со “Славомакедонци”? Тоа е исто како ние тука Дорис Пак, да ја преведеме со Елизабет Рен. Иако, Елизабет Рен, во однос на Дорис Пак беше Црвенкапа. Баш беше Финка. Аман, Бети, врати ни се! Ти барем бараше само универзитет на албански јазик. Колешка ти Пак нé убедува дека “една земја се збогатува со двојазичност или повеќејазичност”. Само не ни кажа која е таа “една земја”. Да не е случајно овде, некаде околу нас, на Балканот, или можеби досега не сме чуле за двојазична Германија, Франција, Италија и другите што ја испраќаат европарламентарката да се слика со претставниците на македонската власт во Скопје, а извештаите ѝ ги диктираат во Тетово.
    Од каде ѝ е идејата на госпоѓата дека би требало да се размисли за амнестија на градоначалниците на Гостивар и Тетово, за да се избегнат непотребни тензии и огорченост на македонските Албанци пред претстојните парламентарни избори. Дорис Пак би била задоволна кога би се испитала таквата можност. Откако ќе се амнестираат, тие повторно ќе прават тензии, власта ќе ги суди и потоа пак ќе ги амнестира за да не прават тензии.
    Во која земја од Европската унија власта ги амнестира осудените за уривање на уставниот поредок за да не се создаваат тензии пред изборите? Или госпоѓата Пак смета дека оваа земја нема Устав и закони.
    Којзнае, можеби тоа никој не ѝ го кажал. Од каде тогаш претставниците на Владата дошле до заклучок дека сме блиску до асоцијативен договор со ЕУ? Да не им шепнала госпоѓа Пак за време на фотосеансите за медиумите во нивните кабинети.

    3. Убаво нé убедуваше Златка Поповска да не ја слушаме Дорис Пак. Следниот пат, место кај Ханџо, ќе ја испратиме кај неа. Министерот има многу разбирање за грешките при преводи. Башка, ќе се прави џентлмен со дама. А Златка, како што ѝ е лута поради изјавите за помошта од ФАРЕ, ќе ја среди по женска линија. Ако и тоа не успее, тогаш треба да се примени истиот рецепт како со Елизабет Рен. Госпоѓата Пак ќе ја прими претседателот Глигоров во вилата во Охрид и ќе ја задржи на неколкучасовен пријателски муабет, како што се случи со Рен, по нејзините остри изјави во Гостивар и Тетово. Ќе видите како и Дорис Пак ќе го врати мандатот.

    4. Бегалци од Косово, во Македонија – нема. Министерот Ханџиски вели дека откако на гостите ќе им помине тримесечниот легален туристички престој, тие можат да се регистрираат како бегалци, ако не се вратат дома.
    Сега не ни требаат бегалци. Сега ни требаат туристи. Покрај низата успеси што во предизборниот период се бележат во сите области, не е лошо Заводот за статистика да излезе со податоци и за зголемен број туристи и успешна туристичка сезона. Кога ќе завршат изборите, туристите можат да станат бегалци.

    5. Претседателот на Демократската алтернатива Васил Тупурковски, како противтежа на дарежливоста на Владата, по битолските села ветувал дека ќе отвори педесет фабрики и во секое село ќе изгради живинарска фарма. Така Македонија ќе може да се преобрази во голема животинска фарма на граѓанките и граѓаните. Циле е крупен, па според неговата конституција, му прилега да биде Големиот брат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари