ЕВРОПСКО МАГАРЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:130:"УлогатанакучкатаДијанаворазоткривањетонахрватскатагеноцидност

    1. Одвај чекам да го донесеме Уставот. Белким тогаш ќе можам да си кажам што си сакам, а притоа никој да не ме посочи како предавник на националните интереси или, не дај боже, дестабилизатор на оазата на мирот. Премногу долго сé му подредивме на Уставот. Си седиме мирни – дури не нé признаат. Така ни велат оние што секој ден ни воведуваат нови давачки, ни го правдаат зголемувањето на цената на бензинот со зголемувањето во другите републики, ја забошотуваат исплатата на пензиите… Толку се научивме да молчиме, што од стравот да не нé прогласат народни непријатели не реагиравме ни на ѓубрето што речиси цела недела ни го красеше главниот град. Прво да го донесеме Уставот. Па макар се удавиле во ѓубре. Валкани, болни, ама мирни и независни.
    Белким од понеделник ќе станеме нормална држава. Со душа чекам да почне да се штрајкува. Онака, мераклиски, на европски начин. Па да станат оние 84 илјади работници кои примаат плата со задоцнување од повеќе од два месеца. Па да им се придружат оние четириесетина илјади со загарантиран личен доход. Па да ги поддржат десетте илјади “стечајно” безработни и уште 65-те илјади “превработени”. Кога ќе им дојдат уште и 160-те илјади од списокот на невра­ботените и кога сите заедно ќе престанат да се секираат која е заднината на оставката на Љупчо Георгиевски, дали за Уставот ќе гласаат ПДП и НДП, што му кажал Киро Глигоров на папата и дали премиерот Никола Кљусев победил на фестивалот “со песни и ора низ Австралија – земја македонска”, туку ќе почнат да бараат храна – тогаш ќе станеме европска држава. А Уставот ќе биде и најма­ке­дон­ски и најграѓански истовремено кога ќе се наполнат тезгите во продав­ниците.

    2. Во Европа можеби може да се стигне со “Устав 91”, ама за да се тргне, ќе ни треба барем “супер 98”. А тој, како што стојат работите наскоро ќе го нема. Од вчера Европа реши да воведе економски санкции против цела Југославија, војувал не војувал, исто ти се фаќа. Настрана што им предлагаат на Обединетите нации да воведат ембарго на испораката на нафта. Лесно им е на Србите. Ним Воислав Шешељ веќе им препорача наместо да возат автомобили да јаваат коњи. Туку, што ќе правиме ние? Кај нас отповеќе има само магариња. А јас навистина не би сакал во Европа да пристигнам на магаре. Не ми е нивото.
    Поведрата страна од вчерашната вест од заседанието на европските министри во Рим е таа што “ЕЗ предвидува можност за давање финансиска помош на оние републики кои ќе ги поддржат мировните напори на Заедницата”. Што би се рекло – прво ќе те соблечат, потоа ќе ти го “спопикаат”, па накрај ќе ти подарат крпа – за да си го покриеш газот.

    3. Она што ќе остане непокриено, веќе е обезбедено. Авионот на угандската компанија од типот Боинг 707, што своевремено беше запленет на загрепскиот аеродром поради шверц на оружје, стана сопственост на федералната армија. Сојузната управа за царини изгледа не сакала да се мачи со разни лицитации, продажби, барања купувачи, па реши авионот да ѝ го подари на некогашната југословенска и народна армија.
    Тоа од своја страна и не е толку лошо. Значи, господата воени злосторници се подготвуваат да бегаат. Тоа што одбраа широкотрупен авион, наменет за карго превоз, значи дека ги има многу. Тоа пак што леталото е предвидено за летање на долги линии, значи дека ќе бегаат далеку. Во Кина, или во Куба.
    Таму, во мир и благосостојба, каква што може да понуди само изворниот реал-социјализам, на непоколебливиот пат до комунизмот, бегалците од угандски­от “Боинг” ќе можат да му се воодушевуваат на делото што го оставија зад себе.

    4. Пред неколку дена “Борба” објави репортажа од бомбардираниот Шид. Покрај описот на загинувањето на тројца граѓани при артилерискиот напад од страна на хрватските сили на ова гранично место меѓу Србија и Хрватска, репортерот во траурен стил пишува дека “кучката Дијана, жива, но осакатена, само што не ги напуштила засекогаш своите шест кутриња”. Според начинот на пишување може да се заклучи дека шесте кутриња биле српски. Инаку “про­југословенската” “Борба” воопшто не би се возбудувала.
    По овој трагичен настан можам да си го замислам Вељко Кадиевиќ, како уживајќи во благодетите на некоја викендичка на Фидел Кастро, среде непрег­ледно поле на шеќерна трска, полн со себе дека од близина му прави инает на својот вечен идеолошки непријател, пошироко познат под името “Америка”, пишува мемоари со стручна подлога, под наслов: “Улогата на кучката Дијана во расветлувањето на доказите против фашистичката власт на Хрватска, која работи по налог на нацистите Геншер и Мок, со посебен осврт на геноцидноста на Хрватите и нивното влијание врз голоракиот и напатен српски народ низ вековите”. Рецензенти: Воислав Шешељ и Слободан Милошевиќ.

    5. Во исто време, во слободна, мирна, независна, суверена, конструктивна и меѓународно призната Македонија, Стојан Андов во својата книга “Како го пишувавме Уставот” ќе полемизира со авторскиот труд на пратеникот Михаил Пановски: “Улогата на македонските србокомунисти во уништувањето на идејата главен град на Македонија да стане Охрид”. Сосема независно од нив, пратеникот Горан Зафировски ќе ја довршува финансиската конструкција на општината Гази Баба како бесцаринска зона.
    Сé си мислам: ако можат Крушево и Гази Баба да бидат бесцарински зони, зошто јас не би предложил еден амандман на член 118, па во Уставот да ја “протуркам” некако и мојата месна заедница?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари