ФОТОРОБОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:88:"Алтернативатана"Галија"севика"Бегалскикамп"

    1. Бумерангот е абориџинска измислица, ама нема разлика дали се фрла во Австралија, или во Македонија. Кога тогаш, се враќа и те удира по глава. Па да поминале и повеќе од три години.
    Силниот удар, веднаш по победата на тогашниот Сојуз за Македонија, кој кон крајот на 1994 година по “нашки” си го викавме – “Хард рок”, деновиве се враќа во ликот и делото на Роли Јакуповиќ, човек со голем углед во некои скопски кругови чиешто име се поврзуваше со демолирањето на познатата скопска дискотека. Сé си беше убаво замислено. Ќе се викне човекот задолжен за обезбедувањето на предизборните митинзи низ Македонија да го нападне Фрчкоски, со кого авторот на емисијата во Сител е во судски спор. Арно ама, легендарниот Роли ќе се призанесе во улогата што му е доделена, па толку ќе почне да го брани премиерот, така што бумерангот удира директно по главата на Бранко.
    Е па кој му е виновен што си има такви пријатели, со кои еден ден седи заедно во “Златна виљушка”, а другиот ден истите излегуваат на телевизија и се перчат дека имаат влијание врз кадровскиот состав на Владата, бидејќи му викале: “Малиов не се снајде најдобро на местото министер за внатрешни работи, дај да го ставиме на друго место”. Можеби Бранко не ги прифатил сугестиите на пријателите, ама ќе трпи, во име на пријателството и во знак на благодарност што друштвото на Роли го примило да игра фудбал со нив. Можеби и Роли неправедно бил притворен, зашто не се собрале докази дека тој бил водач на групата хулигани што го демолираа “Хард рок”, ама сега барем е докажано дека премиерот и министерот за одбрана Лазар Китановски, кога седат во кафеани, избираат друштво, а богами и не спортуваат со кого било.

    2. Претседателот на Републиката Киро Глигоров, за последното издание на “Пулс” ни порача каков претседател треба да избереме, кога нему ќе му заврши мандатот. Не сум многу упатен, ама сигурно и Бил Клинтон, една година пред да му заврши мандатот, ќе им порача на Американците за каков иден претседател да се определат.
    Претседателот има повеќе желби, кога станува збор за конструкцијата на неговиот наследник. Сега сето тоа ќе треба добро да се обработи и на јавноста да ѝ се сервира едно компактно, но едноставно решение. Добро е што странците, за време на истрагата на атентатот, на МВР му подарија компјутер за правење фотороботи. Стручњаците, врз основа на искажувањата на Глигоров, ќе направат фоторобот на неговиот наследник. Којзнае, можеби по толку вежбање за правење фотороботи за можните атентатори, овој ќе биде успешен.
    На кадровската комисија од “Златна виљушка” ќе ѝ се дадат неколку варијанти, а таа ќе направи потесен избор. Сé уште е рано да се зборува, ама едно е сигурно. Комисијата не смее да си игра со основните стратегиски определби за ликот на новиот претседател. Прво, фото роботот на идниот претседател на Македонија не смее да има мустаќи и не мора баш да биде некоја крупна фигура, зашто крупните работи веќе се завршени. Ако зборува на дијалект, подобро е да врти накај источните, а никако накај јужните дијалекти. И тука може да се направи грешка, па на компјутерот треба да му се даде команда, и покрај погодениот дијалект да не “исфрли” како можно решение некој бивш премиер. Што се однесува до брадата,наследникот на Глигоров може да ја има, ама само во случај постојано да кима со главата, преправајќи се дека разбира сé. Особено внимание треба да се обрне на косата. Проќелави не доаѓаат предвид. Претседателот може да има бела коса, ама само во случај да се вика Тито. А што се однесува до тоа дека на неговиот избор не треба да има влијание од надвор, најдобро е Црвенковски да престане да игра кошарка со американскиот амбасадор, туку да се сконцентрира на фудбалот со Роли.
    Во описот на идниот претседател на Република Македонија, Глигоров заборавил само една работа што може да го збуни компјутерот. Дали неговиот наследник ќе мора да ги земе и советничките од кабинетот, или ќе му биде дадена слобода на избор?

    3. Нема само СДСМ проблеми со бумеранзите, туку и ВМРО-ДПМНЕ нема кај да бега кога некој што залутал меѓу нив, неконтролирано ќе почне да се расфрлува со изјави. Којзнае, можеби секогаш кога од закоравени комунисти стануваат закоравени ВМРО-вци, луѓето личат на генералот Митре Арсовски.
    Ајде тоа што АРМ сака да ја прекрсти во национална армија на Македонија, а притоа да не го сфатиме како што го сфативме – дека бара еднонационална војска, да го оставиме настрана. Којзнае, можеби имал идеја името да му личи на Југословенската народна армија. Ама, објаснувањето дека АРМ била армија на државата, а државата била власта, а националната армија ќе била армија над државата не верувам дека би поминало и во Јужна Америка.
    Во таква армија, Митре Арсовски ќе биде над државата. Бидејќи, според неговите сфаќања, државата е исто што и владата, Митре со својата војска ќе може да ја урне секоја влада што не му се допаѓа.

    4. Во популарната кафеана “Галија” на Фуфо станува претесно. На една до друга маса сега седат луѓето од ЛДП и членовите на иницијативниот одбор на партијата на Циле. Фуфо ќе мора да побрза со отворањето на новата кафеана спроти “Галија”. Остави тоа што Андов вели дека нема простор за нови партии. За нови кафеани места има. За Демократска алтернатива, и новата кафеана ќе дојде како алтернатива на “Галија”. Фуфо веќе ѝ дал име, ама не е лошо да размисли за некоја нова варијанта. Циле вели дека кај него ќе пребегаат разочарани членови од сите партии. Би можело кафеаната да се вика – “Бегалски камп”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари