ГРД СОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:126:"Уредувачкиотколегиумна"Вечердејли"гопоканинагостиБилКлинтон

    1. Да не беше Добрица Ќосиќ, што во светот се претставува како претседател на таканаречената Сојузна Република Југославија, никогаш немаше да откријам зошто одвреме навреме имам проблеми со дишењето. Па ние сме ти биле сместени “во длабочините на српско-грчкото пријателство”. Така барем писателот Ќосиќ му пишува на претседателот на Грција Константин Караманлис. А во тие длабо­чини “наоѓа истородност на некои битни и заеднички национални интереси”.
    Не може ни да се замисли колку сум трогнат откако разбрав дека претста­вувам заеднички национален интерес на Ќосиќ и Караманлис. И истовремено разочаран што од длабочините на истородните српско-грчки интереси не можам да влијаам на можностите СР Југославија да ја признае Македонија. Сега сочувствувам со “југословенската јавност”, затоа што, како што напиша Ќосиќ, веста за можноста од признавање на Република Македонија од страна на СРЈ ги вознемирила граѓаните на неговата земја. И тоа многу повеќе отколку кога слушнаа дека нивните грчки пријатели во Европската заедница гласаа за санкциите против нив, гласаа за протерување на нивната квазифедерација од ОН, па дури побрзаа и да им испратат воен брод во Јадранот.
    Нормално е за Добрица Ќосиќ да се вознемири токму на прашањето на Македонија. Па, нели и ова парче земја што се наоѓа меѓу Србија и Грција е влезено во неговите писателски замисли. Тој и онака е дојден на чело на самонаречената федерација за да го заврши делото што самиот го започна. Само што сега треба малку да го коригира својот ученик Слободан Милошевиќ. Има посуптилни методи. Наместо директно да преговара за поделба на Македонија пишува писма на верност на “долговековниот сојузник во борбата за слобода, демократија и христијанска култура”.
    Сиромашките Грци. Не знаат со кого си имаат работа. Уште утре, штом така ревносно се повикуваат на пријателството со Ќосиќ, Милошевиќ и Шешељ, ќе имаат шанса да ја слушнат песната “Ко то каже, ко то лаже, Србија је мала”. Знаат ли Мицотакис и Караманлис за оној дел што вели дека Србија има море. Зад Солунско Поле.

    2. Уредувачкиот колегиум на “Вечер дејли” донесе одлука да го покани на разговор новоизбраниот претседател на САД Бил Клинтон. За да излеземе фер пред Џорџ Буш, за кого уште веруваме дека за инает на американските Грци што не гласале за него, ќе нé признае до јануари, би можеле да го поканиме и него. Одлуката беше донесена едногласно, веднаш по сослушувањето на извештаите од престојот на претседателот на Република Македонија Киро Глигоров во САД. Клучно значење имаше сознанието дека нашиот претседател го воделе низ Америка од еден весник до друг, по многу студено време под нулата.
    Бидејќи кај нас уште не заладило, му предлагаме на Бил Клинтон да побрза со доаѓањето. Тоа ќе биде гест што произлегува од длабочините на македонско-американските односи. Тоа не е обична мерка на реципроцитет, туку суштински одговор на злобниците кои се јавуваа во нашата редакција со забелешките дека би било поевтино уредниците на американските весници да дојдат кај нас, отколку претседателот да оди на нивните уредувачки колегиуми.

    3. Штета што претседателот Глигоров не беше во Скопје кога минатата недела допатуваа двајца претставници на Транснационалната радикална партија од Рим. Момчињата изгледа биле многу значајни штом во еден ден успеаја да бидат примени и да разговараат лично со претседателот  на Собранието, со прет­се­дателот и со потпретседателот на Владата. Нормално, за средбите јавноста беше информирана официјално со соопштение.
    Бидејќи претседателот на Републиката беше на пат, момчињата од Италија морав да ги примам и јас. Со нив се задржав во подолг и отворен разговор во пицеријата “Бела” во Карпош 1. Им ја предочив тешката положба на Македонија предизвиката од блокадата на Грција и доцнењето на меѓународното признавање. Тие изразија согласност дека проблемот со признавањето мора конечно да се реши. Воедно, имаа целосно разбирање за проблемот што им го изложив, предизвикан од празниот резервоар на мојот автомобил, и ветија следниот пат, како економска помош до меѓународното признавање, да ми донесат еден канистер со 20 литри супер од Бугарија.

    4. Претседателот на државниот синдикат Живко Толевски се заканува дека доколку во Законот за приватизација не влезат барањата на неговиот синдикат, ќе ги повика работниците на јавен протест за да ја урнат Владата.
    Кој му дал право на Толевски да се меша во секторот на Стојан Андов?
    5. Сонував дека годишнината на “Вечер” ни ја честитаа со телеграми претсе­дателот на Републиката, претседателот на Собранието и претседателот на Вла­дата. Бев многу исплашен затоа што тие им честитаат само на своите весници.
    Се разбудив сиот испотен. Ми олесни на душата. Тоа бил само грд сон.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари