1. Кој велеше дека полицијата не си ја врши работата како што треба и дека не се забележуваат резултати од нејзиното работење. Требаше да помине сосема краток период па да се види каков ефект имаше нивниот неодамнешен апел до сопствениците на огнено оружје да се воздржуваат од пукање во затворени објекти. Последното спектакуларно убиство во Скопје се случи надвор среде една од најпрометните улици. Почитувајќи го апелот на МВР, убиецот наместо во затворен простор, пукал на отворено. И после нека каже некој дека криминалците не работат како што ќе им каже полицијата.
2. Велат дека убиецот имал завидна кариера, чиј врв бил достигнат на минатите избори, во октомври 1994 година како обезбедување на тогашниот Сојуз за Македонија и подоцна при демолирањето на дискотеката “Хард рок”, кон крајот на ноември истата година, пред самото свечено сезонско отварање на кое се очекувале видни личности од политичкиот живот. Ако “хард рок” се преведе дилетантски од англиски на македонски, тоа буквално би значело “силен потрес”. Изгледа дека кон крајот на 1994 година потресот навистина бил толку силен, што ударите ги чувствуваме и сега. Околу прашањето кој ангажирал криминалци за заштита на предизборните митинзи тогаш се случи а и првата посериозна кавга меѓу тогашната Либерална партија и СДСМ во Сојузот за Македонија.
Во јули следната година, МВР едноставно стави клуч на “Хард рок”. За петмина од вандалите истрагата се откажа од гонењето, а двајца сé уште беа во бегство. МВР поднесе само прекршочни пријави. Во меѓувреме и избеганите се вратија, случајот се заборави, Сојузот за Македонија пропадна, а МВР прејде кон посовремена техника во борбата против криминалот – пишува учтиви апели. Нас никој не нé измамил. Во рекламите тогаш ни нудеа “сигурна куќа”. Што е за право, никој не ни гарантираше сигурни улици.
Секаде полицијата си има соработници од подземјето и користи поединци да ја контролира ситуацијата. Веројатно е можна и друга комбинација – подземјето да ја контролира полицијата. Кај нас, одејќи по улици речиси на секој чекор може да се забележат многу полицајци. Ловат шверцери по пазарите, ноќе затвораат кафеани, асистираат на пајакот при подигањето на непрописно паркирани возила, приведуваат непослушни штрајкувачи, возат некои смешни комбиња кои порано ги викавме “марица” а сега се викаат “подвижна полициска станица”, се кријат зад дрвја и грмушки со радари.. . Сега добија конкуренти. Колку има полицајци по улиците, сé повеќе и криминалците излегуваат надвор. Сé се измешало. И криминалци и полицајци. Не знаеш од кого да се плашиш.
3. Бугарите можат да се покријат и еднаш засекогаш да престанат со прикаските за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот. Како да не!? Македонскиот јазик е дијалект на словачкиот. Затоа и не ни требаше преведувач на изјавата на министерот на Словачка Зденка Крамплова. Убаво ни рече министерот Ханџиски: “Како што министерката разбира македонски, така и ние разбираме словачки”. Пушти очите нека зборуваат. Голема работа што преведувачката се изгубила некаде на патот меѓу Собранието на Македонија и Министерството за надворешни работи! Службите во МНР ни рекоа ќе ни обезбеделе титлувана изјава. Веројатно затоа по изјавата, од колегите од телевизиите ги бараа лентите. Можеби Ханџиски им обезбедил и машина за монтирање.
Како и да е, по појавата на госпоѓата Крамплова во Македонија, многу е голема веројатноста да дојде до натамошно заладување на односите со Бугарија. Некако на министерот Ханџиски повеќе му личи да го гледаме во друштво со Словачката Зденка, отколку Бугарката Надежда. Башка, како гордо одеше покрај гостинката, па како џентлменски ѝ даваше предност, уште со оној негов познат шеретски поглед “под око”, небаре како да сакаше да ни се пофали дека откачил стара и фатил нова женска.
А зошто да не. Надежда го разочара со однесувањето. Не испадна ништо од благата надеж за подобрување на односите. А Зденка е русокоса и плус, си имаат разбирање. Се виде апла пред сите на прес конференцијата дека добро си се разбираат. Со неа може да се среќава и без преведувач, а да не предизвика дипломатски скандал.
Само Медлин Олбрајт да не дознае за оваа работа.
4. Организацијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД) ја објави листата на странските инвестиции во земјите во транзиција, според која Македонија со 8 милиони долари директни странски инвестиции во 1996 година е на последното 25 место. Ај да не се споредуваме со Полска, Унгарија и Чешка, затоа што така ни препорачува премиерот, а ние го слушаме. Не се споредуваме ни со Словенија – веќе одамна. Ама што правиме, кога како земји за споредба ни ги препорачува Албанија, Бугарија и Југославија. И тие се пред нас. За Хрватска, со 300 милиони долари странски инвестиции, ич да не зборуваме. Ај да зборуваме за Таџикистан, Киргистан и Белорусија. И тие се пред нас.
Има ли утеха? Има! Босна и Херцеговина воопшто ја нема на списокот.
5. Електростопанство на Македонија ја призна грешката со потпишувањето на договорот за набавка на опрема за “Козјак” од грчката компанија, а соопшти дека не ја прифатила понудата на швајцарската компанија затоа што била поскапа.
Минатата недела, на прес конференција во ЕСМ, на прашањето на новинарите колку чини зделката со кинеската компанија, која логично се претпоставува дека е поефтина беше одговорено дека “сумите се игри на цифри”. Неделава, скопската телевизиска станица “А 1” дојде до текстот на потпишаниот меморандум за преговори со Кинезите во кој не е договорена – цената.
Нема цена, нема игри на бројки, нема сума. Кинезите ќе ни го прават “Козјак” без пари.