Идно минато

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:179:"КогадржаватанеможешедавлезевоКондово,зоштобиможеладајапробиеиблокадатакајЧешиново.

    1 Половина од власта ни се на некакви црни листи, а само судиите се вознемириле. Зошто паника? Цел свет ни кажува дека судството ни е одлично, само Американците правеле некакви списоци, оти ќе не уценуваат за да влеземе во НАТО.
    Ако е за утеха, не станувало збор за црна листа на судии. Скраја да е не станува збор ни за судии на црна листа. Тоа била листа на судски процеси кои никако не завршуваат.
    А кој ги води судските процеси? Читајте весници и гледајте телевизија па ќе дознаете. Некој е болен, не се јавува во суд, а шета по улици, некој е недостапен, а секој ден оди на работа, некој е затворен, ама експресно ослободен поради олеснителни околности.
    Сега судиите си ја ишкаат мувата од капата. Па дури и неизбежната Слаѓана Тасева рече дека правењето листи од страна на американската администрација било мешање во внатрешните работи на државата.
    Кога на црна листа го ставија Љубе Бошковски тоа не беше мешање во внатрешните работи. И оној несудениот амбасадор во Софија како кадар на ДУИ што бил во затвор неколку пати, кога осамна на црна листа не беше мешање во внатрешните работи. А за судиите не смее да се зборува. Затоа што тие се независни. Не зависат од народот. Зависат од политичарите.

    2 Каде се наоѓа Чешиново? Во Источна Македонија. А таа Источна Македонија, во Македонија е, или во некоја друга држава? Половина земја е отцепена повеќе од три недели и никој не се вознемирува.
    Овие од власта сами си го смислија проблемот, па сега нека си го решаават. Прво беше општина Облешево, ама оти била ВМРО-вска, решија да направат општина Чешиново, оти селото било СДСМ-овско. Па Облешевци го блокираа патот и власта рече општината да се вика Чешиново – Облешево, со седиште во Облешево. И сега традиционалните СДСМ-овци од Чешиново се лути и ја блокираат половина држава.
    Облешевци и Чешиновци се роднини. Не си го решија проблемот дома, па го извадија на улица. Кај и да е ќе мора се организираат меѓународни преговори за иднината на општината. Наместо Чешиново-Облешево, со седиште во Облешево општината да се вика “Бивша облешевска општина Чешиново”, со деловен центар во Облешево, а административен центар во Чешиново. За внатрешна употреба нека си се викаат како сакаат, а ние ќе ги ословуваме со привремената референца БООЧ.
    Луѓето на барикадите велат дека ќе преземат радикални мерки. Ако треба ќе го минирале и мостот. Оти тој е на татко им, не е наш.
    Ете што направи власта со почитувањето на нечии човекови права со уцени од насилство. Кога државата не можеше да влезе во Кондово, зошто би можела да ја пробие и блокадата кај Чешиново.

    3 Бучко во Брисел рече дека е уверен оти Македонија ќе стане членка на ЕУ во 2010 година.
    Баросо му порача да не шпекулира со датуми. Оти ние можеби во 2010 и ќе стигнеме во ЕУ, ама во февруари 2005 не можеме да се пробиеме ни до Кочани. За Кондово пак, ич муабет не правиме.

    4 Електростопанство на Македонија пред неколку месеци на обвинувањата дека цели краишта во северниот и западниот дел од Македонија не плаќаат струја одговараше дека најголем процент на неплаќачи има во Гевгелија и во Прилеп. Тогаш на списокот ги немаше ни Липковско, ни Арачиново, ни Гостиварско, ни Струшко…
    Пред неколку дена ЕСМ соопшти дека во Велешта дури 72 отсто од домаќинствата крадат струја, во некои гостиварски села процентот е над 50 отсто, во Тетовско 55 отсто, во Кумановско, Арачиново и Кондово околу 60 отсто.
    Тие што не плаќале струја ЕСМ ќе ги даде на суд. Ним ќе им ја исклучат струјата.
    Тие што крадат струја, никому ништо. ЕСМ не може да им ја исклучи струјата оти биле брутални. Ги напаѓале со секири.
    Јас сум будала. Ај што си плаќам струја, туку немам ни секира за да ја закопам.

    5 Избран е пилот проект за стариот скопски театар. Ќе се гради нов театар што ќе личи на стариот што се урна во земјотресот 1963 година.
    Ќе направиме поубав и постар театар од стариот.
    Цел свет измислува нови форми и нови материјали за изградба, а ние ќе се враќаме во минатото. Сите одат напред со архитектурата, а ние ќе се враќаме во турско и ќе градиме по австроунгарски терк. Распишуваме конкурси за стари згради. Нашите архитекти наместо да гледаат напред, ќе се враќаат назад.
    Велат дека така ќе го врателе стариот дух на Скопје. Откако Скопје стана крајно нехумано место за живеење, сега ќе му ја враќаат душата со една стара зграда. На кого му значи тој објект што не постои веќе четириесет и кусур години? На тие што се постари од 60!? Па белким и тие шетале и виделе дека светот не застанал во шеесеттите.
    Зошто се прават во светот челични мостови? Ајде ние да правиме дрвени. До новиот стариот театар нека оди ново дрвено мовче. Оти скопјани и на тоа се сеќаваат.
    И чајничето до Кичево нека го вратат, оти овој нормалниот воз не вози низ западна Македонија уште од 2001 година.
    Европа нема да ни избега. Во некое идно минато време. До 2010, кај и да е ќе се вратиме во иднината.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира