ИЗМИСЛЕНО ЦАРСТВО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:70:"РуфиОсманиѝзавршиработанаВладата

    1. Претседателот на ДПА Арбен Џафери, коментирајќи го судењето на неговиот сопартиец Руфи Османи рече дека власта намерно го поттикнува бесот кај албанскиот народ, со јасна намера да ги урива мостовите за меѓуетничка доверба.
    Ако се вратиме неколку месеци наназад, не е тешко да се потсетиме дека тогаш, со веењето на албанските знамиња низ цела западна Македонија, со повиците дека ако треба знамето ќе се брани и со крв и со парадата на црнокошулестата параполиција низ улиците на Гостивар, токму Османи и неговите беа тие што намерно го поттикнуваа бесот кај македонскиот народ, со јасна намера да ги уриваат мостовите за меѓуетничка доверба.
    И Османи и Џафери се доволно умни и образовани за да можеа да претпостават дека за тоа што го прават против државата, обично се одговара пред законот. Само што беа толку дрски и самоуверени во убедувањето дека државата не функционира, нема сила и нема никогаш да се осмели да продре во нивното замислено царство.  На нивно разочарување, се случи Гостивар, се случи акцијата на симнување на туѓите знамиња во сопствената држава, се случи и меѓународниот прекор за одредени бруталности на полицијата по престанување на престрелките, но се случи, повторно на нивно разочарување, јасниот прекор од странство дека такво нешто, како што правеа тие не би го толерирала ниту една сериозна држава во светот.
    И, што се случува сега? Еден судски процес, кој повеќе личеше на забавна хумористична серија што се емитува доцна навечер, брзање на судијката да ја заврши работата побрзо, притисната од притисокот на домашната и странската јавност, медиумите, партиите, па ако сакате и од неповолните услови за работа, работење по цели денови и една казна, која без разлика дали ќе беше помала или поголема ќе беше исто така предмет на политички оценки, како што се случува сега. Останува само дилемата дали со ова судење, кое за среќа имавме  можност да го видиме сите на телевизиските екрани, државата не ја девалвираше работата што ја заврши на 9 јули во Гостивар.
    На секој лаик му беше јасно дека Османи, за тоа што го правеше ќе мора да одлежи в затвор.Тоа ќе се случеше и без брзање и без ноќни сеанси и без општо разочарување какво ни било судството. Можеше Османи да биде осуден и на 10 и на 15 години, можеше да биде осуден и условно, но општиот впечаток и дома, а особено надвор ќе беше сосема поинаков, ако имавме ден сериозен судски процес. Како што на државата ѝ беше потребна полициската интервенција во Гостивар за заштита на суверенитетот, така ѝ беше потребно и сериозно финале во гостиварскиот суд кое нема да остави простор за никакви дилеми. Тоа ѝ беше потребно,  речиси исто толку колку што на политичарите сега им е потребно да ја коментираат пресудата на судот. За некои Османи е херој, за други жртва, за трети непријател што си го доби тоа што си го заслужил.

    2. Не сум од оние што влегуваат во дискусија дали Османи требало да добие 5, 10 или 15 години затвор.  Единствено сум во дилема дали судењето имаше политичка заднина, по сценарио на владејачката партија. Ако беше така, мислам дека градоначалникот на Гостивар требаше да добие најмала можна казна.
    Граѓаните на Македонија, без разлика на национална и верска припадност од пред летото наваму беа преокупирани со проблемите што ги правеше Османи. Ги расправавме веењата на албанските знамиња низ Гостивар и Тетово, ја коментиравме одлуката на  Уставниот суд, ги читавме полемиките на интелектуалците за Законот за знамињата на националностите, се “палевме” на митинзите на ДПА и на запалливите изјави од говорниците, ја следевме интервенцијата во Гостивар, се забавувавме со судењето и лилјакот во гостиварскиот суд.. . Оние од ТАТ уште нешто се собираат, ама никој не ги регистрира. Сега има нова афера со “Клуб 21”, ама ни оддалеку не нé потресува како ТАТ. Девалвацијата веќе ја заборавивме. Неуспешните преговори со “Ауди” веќе се минато.. . Руфи Османи и самиот не е свесен колку убави работи направи за оваа влада. Да беше политички процес монтиран од СДСМ него не требаше да го казнат. Тој можеби заслужил и награда.

    3. Пред неколку дена беше извршено запрашување на боровите шуми низ Македонија, затоа што дрвата ги фатила некоја болест што ја викаат “боров четник”. Дали акцијата низ македонските шуми била успешна ќе зависи од тоа дали се уништени четниците. Ме интересира, дали ако ги уништат четниците ќе се  организира и  запрашување и против балистите и врховистите.

    4. Престојував неколку дена во Будимпешта, на некој од многубројните семинари што Европјаните ги организираат за да нé научат на демократија. Темата беше дали нас од Балканот нé бива за Европа и дали таму ќе нé примат еден по еден, или сите заедно во пакет. Што мислат тие за тоа најдобро покажаа по тоа што нé поканија само од Македонија, Бугарија, Албанија, СР Југославија и Босна и Херцеговина, а улогата на домаќини им ја доверија на Унгарците, затоа што тие веќе им се на прагот.
    Се сеќавам на убавите зданија од  Будимпешта од пред седум осум години, но тогаш таа делуваше тажно, уништена од комунизмот. Тогаш ги жалевме Унгарците. Ние за нив бевме богати капиталисти. Сега се вратив разочаран и дефинитивно ми стана јасно зошто не можеме ни да помислиме дека можеме да бидеме во истиот пакет со нив, ниту пак да им се лутиме на Европејците што не нé сакаат. Каде се нашите 50 милиони долари странски влог во однос на нивните 16 милијарди? Каде е нашиот “Мекдоналдс”, во однос на речиси сите најголеми светски компании кои таму ги купија фабриките? Како ли ги собраа 20-те милиони странски туристи минатата година, кога немаат ни море, а највисоката планина е пониска од нашето Водно? Единствено што по тамошните улици не се возат толку “Аудија” и “Мерцедеси”. Остатоците од социјализмот уште се присутни во застарените “Вартбурзи” и “Трабанти” и евентуално во мебелот на некои хотели, како кај нашите синдикални одмаралишта. Само, знаеш дека утре веќе тој мебел ќе биде сменет, а и на “варбурзите” ќе им измине рокот.  Едноставно, во тоа сум убеден. Имав  чувство дека и луѓето што седат зад тие волани, имаат многу појасна визија за капитализмот што го градат, од оние што кај нас ги возат “мерцедесите”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари