ЈАКА ШТИКЛА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:148:"ПроизводствотоначевлизаФилипинкатаИмелдаМаркос-новаскопскапровокација

    1. Не знам какви се народните обичаи и традицијата на Новата португалска република Лисабон, ама штом господинот Пињеиро решил да се претставува како кум, ако сака да ги почитува тукашните обичаи, каде што кумството претставува голема чест, требал однапред да размисли во каква финансиска авантура се впушта. Се знае, кога ќе му спискаме, уште и вака разочарани од глупавото име што ни го надена: “Куме, ти изгоре ќесето!”, а тој, сиромашкиот, моментално без ситно –  отиде честа на Европската заедница. Па ќе мораат честа да ја спасуваат на пример Англичаните, кои наводно предложиле да ни се даде некаква финансиска помош. А за ступидниот предлог за името ќе си се прават англичани.
    Како високо патриотски настроен Вечерен Скопјанец (името на државата “Нова македонска република Скопје” не го прифаќам од каприц – за инает на “Нова Македонија” ќе си се викаме “Вечерна Република Скопје”), со нетрпение очекувам најновиот предлог на новопортугалските лисабонци да почне да дава резултати.Тие досега се покажаа како многу конструктивни во решавањето на југословенскиот проблем. Како на пример нивниот дипломат Кутиљеро. Откако тргна по паметот на Радован Караџиќ и почна да си игра со цртање карти, свршија работа со Босна. Сега со името и нас ќе нé збришат. И така ќе ги решат сите проблеми. “Со име прифатливо за сите заинтересирани страни”.

    2. Во концепцијата не им влегоа Филипини. Кои, ете, ја признаа независноста на Македонија, иако тоа никој не го бараше од нив. Дури и никој не отпатува до Манила. Па сега нé ставија во незгодна ситуација. Не сме подготвени да им се заблагодариме.
    Кога пред повеќе години диктаторското семејство Маркос бегаше од Манила, новинарите открија дека госпоѓата Имелда во нејзините ормари си ги заборавила своите три илјади чифта чевли. Сега, кога вдовицата Маркос учествува во претседателската трка, па уште и ако стане претседателка, ете ни шанса да се покажеме благодарни. Уште денес “Чик” и “Газела” нека почнат да изработуваат чевли за госпоѓата Имелда. Тоа што нема да отпатува за Филипини, ќе го продаваат тука. За сезоната пролет-лето, како колекција “Маркос”.
    Така, не само што ќе испаднеме фини пред Филипинките, туку ќе им прире­диме “нова скопска провокација” на Грците. Ќе се повикаат на партизански­от генерал Маркос, па ќе врескаат низ Европа дека им ја присвојуваме историјата. А на критичарите на надворешната политика на претседателот Глигоров и министерот Малески ќе може да им се одговори дека конечно “Македонија удри со ѓон” и “им акна штикла на Грците”.

    3. Во врска со однесувањето на САД и Европската заедница, кои “со сите средства се трудат да ја спречат војната и крвопролевањето во Босна и Херце­говина” и “ги разгледуваат мерките што треба да се преземат против Србија и Југословенската армија”, ми текна на еден стар виц, ама добро се вклопува во сегашната ситуација:
    Доаѓа синчето претепано дома и му се жали на таткото дека некое другарче од улицата го тепало. Слегуваат заедно и го наоѓаат тепачот. “Ти ли си го тепал син ми?” прашува таткото. “Јас!”, одговара дрско мангупчето. “Ај да те видам, удри го сега ако можеш!”, се сили таткото. Овој без размислување му удира уште една тупаница. Таткото зачуден од дрскоста, пак му се заканува: “Ај да те видам, уште еднаш!” Овој охрабрен го удира уште посилно. Синчето почнува да плаче и да моли: “Тато, ајде те молам немој да ме браниш повеќе!”

    4. Мерките на антиинфлационата програма на Владата на Македонија, кои премиерот Никола Кљусев, во минатонеделната емисија “Директно со Владата”, ги објасни на народски јазик со едноставната реченица: “Нема да имаш пари да купуваш раскошни производи од луксузна широка потрошувачка”, граѓаните кои досега беа навикнати на невиден раскош и луксуз, па дури и си дозволуваа секој ден да си ги возат сопствените автомобили или, не дај боже, да ја обновуваат гардеробата барем еднаш годишно, сега си ги толкуваат секој на свој начин.
    Пример број еден: Банкарски службеник зад шалтерот им објаснува на граѓаните зошто нема денари за исплата: “Па како не сфаќате дека тоа е суштина на реформата. Нема пари! Што ќе ви се пари? Ако си трошел литро масло, од сега ќе трошиш само четврт!”
    Пример број два: Електротехнички инженер, вработен во релативно добро стоечка фирма: “Што се секираш, ќе земеме неплатено, ќе одиме во странство да работиме како келнери!”
    Пример број три: Постара госпоѓа со купче рецепти пред шалтерот на една “државна” аптека: “Овие се договараат со Владата. Треба да изумрат што поголем број луѓе, за да можат тие што ќе преживеат полесно да ги прехранат”.

    5. Пред неколку дена претседателот на Собранието Стојан Андов се врати од Стразбур, каде што во име на Македонија го полагаше испитот пред Комите­тот на земји нечленки на Советот на Европа за добивање статус на посматрач на парламентарното заседание на Советот. Рече дека нашите парламентарци го положиле испитот. Бидејќи беа четворица, сигурно си потшепнувале.
    Се фалеа, а индексите не ги покажаа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари