ЈОК ВИСКИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:98:"Данебешенаабортус?Не,бе,мисепријадеМекдоналдс.

    1 Сè почесто се чувствувам како да живееме во вестерн филм. Дека цела Македонија е како мало гратче сместено среде пустина некаде на Дивиот Запад. Секој со секого се знае, главната улица е центарот на светот, а со последните куќи на работ на пустината завршува цивилизацијата.
    Во градот сè функционира беспрекорно, летаргично и предвидливо. Затоа што сè е под контрола. И салунот, и барменот, и горниот кат со курвите, и пијанистот, и покер автоматот во задниот дел, и шерифот, и судијата и затворот, неколкуте дуќани, банката… Дури и погребникот е под контрола.
    Еден ден сите се вознемирија. Се расчу дека во градот ќе дојде железница и дека жителите со воз ќе се поврзат со светот. Дојаваа и странци со шапки. Мереа нешто, правеа, купуваа, ветуваа, курвите поскапеа, барменот заработуваше повеќе, пијанистот имаше кому да свири… Местото заживеа. Дури и погребникот триеше раце.
    Странците влегуваат во вестерн филмовите за да има заплет. И тамам мислевме дека филмот ветува и дека следува уште понепредвидлив заплет, кога еден ден се разбудивме и странците си заминале. А со нив и Клинт Иствуд и Џон Вејн, кои одјаваа кон зајдисонцето. Изгубиле интерес за местото.
    Другиот ден, точно напладне, во градот дојава осамениот јавач. Влезе во салунот, седна на шанкот и на барменот му рече: “Бир виски”. Барменот му одговори: “Јок виски”. А на тоа јавачот одговори: “Пу, јазак”.
    И постепено животот брзо се врати во нормала. Барменот плукаше во чашите и ги пребришуваше, пијанистот им свиреше на мувите, курвите безделничеа, само шерифот имаше работа. Дури и за погребникот немаше доволно работа, оти многумина си заминаа од градот. Подоцна граѓаните разбраа дека пругата нема да поминува тука. Трасата ја поместиле 500 милји посеверно.
    2 Каква држава е Македонија покажува тоа што два дена главна вест беше дека во Струга Дилавер Бојку, инаку поранешен осуденик за криминал за кого на времето пишуваа и странските медиуми, самиот си ја уривал кафеаната што му е дивоградба. Македонските медиуми го јавија тоа како да е за пофалба. Демек, еве и во Струга се почитува законот.
    Во која држава почитувањето на законот е вест?
    3 Оваа вест за малку ќе ја засенеше веста за демолирањето на ЛГБТ центарот во Скопје, која, пак, се врти дури две недели, оти полицијата сè уште не може да ги пронајде палавите деца што фрлале камења. А притоа повредија полицаец. Па настанот доби и меѓународни размери. Пред демолираниот центар се појавија амбасадорот на ЕУ, амбасадорката на Холандија и претставници на амбасадите на Шведска и на Германија. Се поведе дипломатска активност, со која три влијателни земји на ЕУ бараат “надлежните да спроведат соодветна истрага и да утврдат кој стои зад демолирањето на Центарот”.
    Во која земја странски амбасадори бараат полицијата да ги пронајде насилниците што повредиле полицаец?
    4 Солза од око ми капна за трогателната исповед на сликарот Коле Манев, кој бил на двонеделен одмор на Халкидики, ама клетите Грци му го расипале уживањето, оти на граница го натерале да залепи лепенка со текст дека ознаката МК не ја признаваат. Самиот се пожали пред неколку дена, во колумна во “Дневник”, обвинувајќи ги Грците дека му ставиле фашизоидна лепенка. И тоа не му ставиле тие, туку му рекле дека треба самиот да ја залепи пред нивни очи. И сликарот избирајќи меѓу аранжманот на Халкидики и фашизоидната лепенка, ја избрал лепенката. Самиот си ја залепил. Но, проблемот не завршил на границата. Таму сакал да си легне на врелиот песок и да си ја стопли душата, ама кога се брцнал во водата, си помислил зошто тој е поинаков од другите капачи од други земји кои не мора да си лепат лепенки. Две недели се сончал, се капел и цело време се туфкал. Му се расипал одморот, оти цело време во главата му била фашизоидната лепенка.
    Не разбравме дали болката ја убивал со гиро и со узо, ама, какотака, некако го истерал одморот. Издржал две недели и потоа напишал: “Кога се вратив дома, слушам опозицијата верува дека виновникот за тоа што не добивме датум за преговори бил премиерот Никола Груевски, а некои од нив ти биле спремни да го променат и името”.
    Само едно не ми е јасно. Кој му ја залепи лепенката на граница? Опозицијата? Не. Грчкиот полицаец? Не. Колку што разбрав, тој самиот си ја залепил. Име си е име, ама две недели на Халкидики си се две недели. Некои, можеби, се спремни да го променат името. Ама тоа е теорија. Ама во пракса се покажа дека има и такви што се спремни сами да си ја залепат фашизоидната лепенка со сменето име на чело.
    Толку за патриотите и предавниците.
    5 Додуша, сликарот имал избор. Можел да си се врати од граница. И да си сврти накај Дојран. Или да оди до Охрид, Преспа, Тиквешко Езеро, Велешко Езеро… Можел да оди и на друго море, каде што немало да го тераат самиот да се бележи.
    Ама Грција си е Грција. И добива сè поголема популарност, што не ретко нема врска со блиското море. Сега оди ваков муабет: Кај беше? На Халкидики? Не, бе, тркнав до Солун. На шопинг? Не, бе, каков шопинг… Еееј, а бе, да не заглави, да не беше на абортус? Не, бе, ми се пријаде Мекдоналдс со компирчиња…
    6 Општина Центар отвори читалница и ја крсти според починатиот писател Славко Јаневски. Читалницата беше отворена неколку дена откако писателот беше прогласен за кодош.
    Бидејќи во Македонија инаетот е промовиран како мотив за остварување, не ми е јасно кој го направил првиот чекор. Дали Општина Центар ја отворила читалницата за инает на лустрациската комисија на ВМРО-ДПМНЕ? Или ВМРО-ДПМНЕ го лустрираше Славко Јаневски откако разбрала дека Општина Центар ќе прави нешто со Славко Јаневски?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира