ЈУГОСЛОВЕНСКА КРАЛИЦА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:46:"НаСоњанемакојдаѝсуди

    1. Камионџиите поминаа лесно. Никој не ги приведуваше и никој не ја изгуби работата.Дури и им беше дозволено пешки да стигнат пред Владата за да протестираат. Мора да се признае – сепак е подемократски да ти ги одземат клучевите од камионот, отколку да те одведат во полициска станица, како што завршија железничарите. Особено што полицијата овој пат била многу фина. Ги прашувала камионџиите каде одат и со придружба ги спроведувала до граница. Тоа е многу подобро отколку да ги спроведувале до станица.
    Ние не сме свесни колку треба да сме среќни што полицијата ни овозможува ваква слобода на движењето. Само што тоа не знаеме да го цениме. Замислете да имавме иста полиција како француската! Па да бевме блокирани со денови, заради таму некои што бараат свои права, а не ги почитуваат меѓународните конвенции. Треба едно да биде јасно. И да се сопнеш на тротоар полн со пешаци и не дај боже да паднеш, полицијата има право да те приведе. Затоа што го попречуваш нормалниот тек на сообраќајот и затоа што ги кршиш меѓународните конвенции за обезбедување слободен проток на луѓе и стока.
    Освен тоа, во која држава би можела полицијата да излезе на крај со ваква опозиција. Тие од ВМРО-ДПМНЕ во Штип нашле да се возат во возило со ист тип и иста боја, на ист реон и во исто време кога полицијата ловела шверцери со дрога. И после се чудат зошто ги привеле!? Кога овие од опозицијата ќе сфатат дека не треба да ѝ се мешаат во работата на полицијата?

    2. Сепак, интервенцијата на полицијата против камионџиите може да фрли темна дамка врз нашата успешна надворешна политика. Во Франција штрајкот на камионџиите заврши со преговори. Како сега министерот Благој Ханџиски ќе им го оправда на своите колеги франкофони, нефранкофонското однесување на неговиот колега Томислав Чокревски? Ќе мора да бара некоја друга организација каде што ќе нé примат, а нема да се посрамотиме.
    3. Убаво е тоа што Малезија ќе ни даде поддршка за прием во Европската унија и НАТО, ама да можеше некако да се пикнеме и во Организацијата на Африканското единство. Или, во АСЕАН. Неврзаните ќе ги добиеме по сукцесија, а за Исламската конференција имаме врски. По сé, полесно ќе ни биде отворен патот до ОПЕК.
    Сепак, најпрактично е да станеме членка на Комонвелтот. Ќе си имаме кралица. Нема да имаме потреба да избираме претседател. Ем ќе заштедиме пари, ем нерви за предизборната кампања. Дворски шутови имаме доволно.    3. Велат дека сме можеле да бидеме и скандинавци. Од Белград пристигна идејата за некаква балканска компанија, по угледот на скандинавската САС. Тоа во српско-македонскиот МАТ е прифатено со задоволство. Ним веќе им направиле и нов ред на летање од Скопје до Белград и назад, со кој ќе се овозможела подобра искористеност на флотата. Која флота? Оние два авиона на кои пишува МАТ, а на опашката стои југословенската тробојка и ознаката ЈУ? Навистина  се работи за подобра искористеност на флотата. На ЈАТ.
    Фати си го уште рано в зори авионот и оди во Белград. Што бараш подалеку? Скопје навистина е центар на Балканот, ама само географски. Бидејќи веќе толку години сме биле провинција, можеме и да останеме. Научени сме постојано некои други да нé возат.
    Минатата година, “Палер Македонија” прослави пет години и пропадна. Годинава, петгодишнина славеше и “Авиоимпекс”. Не знам што чекаат, време им е да го приземјат. Нема смисла нашите патници да летаат во наши авиони, да ги возат наши пилоти и да ги служат наши стјуардеси, кога ЈАТ има толкава неискористена флота, а ги изгуби пазарите во Хрватска, Босна и Словенија. Треба да му се отстапи простор, како и порано, да се докаже. Ние ќе сме биле Франкофони, Англичани, Скандинавци!? Море, ќе си бидеме повторно Југословени.

    4. Знаете ли со каква национална гордост сум ја следел прес конференцијата на директорот на Електростопанство Панде Лазаров, кога им рече на Грците: “Па што, ако треба и ќе ви платиме!” Кога би биле нашите преговарачи со Грција, така енергични како Лазаров, воопшто не би ги фермале по таму некои си Њујорци и Женеви. Ама енергијата е негова работа. Ќе платиме бе!
    Многу голема работа што раководството на Електростопанство потпишало некаков преддоговор со грчка фирма за опрема на хидроцентралата Козјак и што Грците сега ќе нé тужат, па можеме да изгубиме 5-6 милиони долари. Како да е тоа сума за секирација. Струјаџиите велат дека ако треба ќе платат. Како да не!? Ќе платиме ние. Очекувајте после пресудата зголемени сметки за струја. Ако не платиме, ќе ни ја исклучат струјата. А на Панде Лазаров нема да му фали ни влакно на главата.
    На прашањето на новинарите колку чини прифатената кинеска понуда за хидроцентралата, заедно со процентот за осигурување и провизијата, членот на Управниот одбор на ЕСМ Љупчо Николовски одговори: “Сумите се игри на цифри!” Ете ти! Како да е тоа многу важно. Плати и молчи!

    5. Судот во Битола побара изземање од судскиот процес против обвинетите во аферата ТАТ. Многу судии биле штедачи на ТАТ и на тој начин вмешани во случајот.
    Сега судењето ќе треба да се префрли на друго место. Тоа може да биде голема беља. Ќе излезе дека не се само битолските судии тие што треба да бидат изземени. Којзнае кој сé бил на списоците на битолската мама Соња. Да не се случи цела држава да се изземе  од судењето на ТАТ-овци. На Соња нема кој да ѝ суди.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари