КОМИТИ И АСКЕР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:76:"Крупнаполитичкафигурасејазипојарбол

    1. Откако министерот за финансии Јане Миљовски среде Собранието на Европската банка за обнова и развој триумфално, од пазувите, како што беше јавено во новинарските извештаи, го извади македонското знаме и си го стави на работната маса пред себе, во Министерството за надворешни работи сериозно размислуваат да организираат некој дипломатски курс. Се работи за  специјален курс насловен како “Заштита на знамето и реагирање во специјални услови”, кој предвидува низа практични вежби, почнувајќи од наједноставната – вадење на знаме од под пазуви, па до најсложената операција – јазење и бесење по јарболи.
    Курсот предвидува и некои посуптилни методи. Обично на пат ни одат малку покрупни министерски фигури, па не изгледа премногу дипломатски ако, на пример, некој злобен грчки камерман го “улови” во кадарот Миљовски или Стево Црвенковски закачени на некој јарбол. Претседателот ни е во години, па и нему не би му прилегало изведување на таква вежба. Носење на вратоврски или кошули со апликации на жолто шеснаесеткрако сонце, освен за средби со иселениците, не е препорачливо за сериозна дипломатска средба.
    Во оваа смисла најпривилегирани се жените. Еве, сега кога министерката за образование Емилија Симовска ќе патува за Австралија, може да си стави обетки во форма на шеснаесеткрако сонце. Ем нема да му ја мисли дали на масата ќе мора скришно да вади знаме од пазувите, ем токму таму каде што Грците се најсил­ни ќе им инаети со сонцето. Единствен недостаток на оваа финта е што Грците се агресивни. Може да се случи некој запален Грк да ни ја истегне министерката за уши. Па кога ќе се врати дома може да рече дека ја боли уво за сé.

    2. Не ми е јасно како можеше да се случи еден министер на држава, како што е Јане Миљовски и како што е Македонија, да биде доведен во ситуација да не биде однапред информиран дека на неговото место ќе го нема знамето. И после тој мора да импровизира.
    Случајот со знамето во ЕБРД само уште еднаш покажува колку кај нас се потпираме на случајности. Ако има знаме – добро, ако нема, ќе смислиме нешто.
    Македонија не е Германија и македонската дипломатија е неспоредливо по­сиро­­маш­на од германската, ама сепак ќе забележам еден детаљ од посетата на Клаус Кинкел. Германскиот министер за надворешни работи во Македонија со себе си донесе и германски преведувач на македонски јазик. Не дека Кинкел не знаел дека во Македонија има катедра за германски јазик, не дека не бил информиран дека и ние имаме добри преведувачи, а верувам дека во Германија е далеку потешко да се пронајде Германец што знае македонски јазик и тоа така добро, како што ни покажа господинот што го придружуваше Кинкел. Па сепак… Ништо не се препушта на случајноста.

    3. Неделава, на гости ни дојде и турскиот министер за одбрана Мехмед Голхан. Тоа дава повод за размисла на тема, колку историјата на Балканот е смешна.
    Кога го гледав турскиот министер како се поклонува пред знамето на свечената гарда на АРМ, си помислив: “Ту, ама к’смет имала Турција, на кое дереџе стигнала, македонски комити да бидат построени во чест на турски претставник на власта!” А на нашиот министер Благоја Ханџиски не му беше доволно еднаш, на аеродромот, туку и среде Скопје му ги построи комитите на турскиот министер. Тој вели дека е внук на војвода, па ова му доаѓа некако како враќање мило за драго. Дедо му се бркал по кориите со неговите комити, а Ханџиски, уште онака две глави поголем од гостинот, му ја демонстрира супериорноста на македонската држава наспроти Турција. Недостигаше уште, во чест на гостинот, да се испукаат неколку плотуни од црешово топче.

    4. Уште еден гаф на македонската дипломатија. Зошто, кога пристигна Клаус Кинкел на скопскиот аеродром, не беше построена чета партизани во негова чест?

    5. Министерот-портпарол Ѓунер Исмаил одржа брифинг со германските новинари што го придружуваа Кинкел. На едно прашање што се однесуваше на кршењето на санкциите на ОН кон Србија и Црна Гора, господинот Исмаил се обиде пластично да одговори во смисла “видете, ние сме биле 72 години во брак со тие држави…”
    Бракот значи започнал уште во 1918 година. Не сум баш сигурен дека во врската што тогаш се викаше Кралство СХС, Македонија била во некој брак. Или пак тоа бил брак под принуда. Македонија била Цвета. Грабена невеста.
    Значи, од 72-те години, што ги споменува Исмаил, фактички во брак сме биле четириесетина. Ама и тој се покажа неуспешен. Во 1991 година се разведовме. Па сега Македонија е во прифатилиште за самохрани мајки.

    6. Министерот Црвенковски отпатува да учествува на Конференцијата за неширење на нуклеарното оружје. Пак си најде оправдување да отпатува за Њујорк и да повтори дека не започнува преговори под сенка на грчкото ембарго. Со Сајрус Венс сигурно ќе се сретне, кога е веќе таму. Во прашање е добро воспитување.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари