ЛАДЕНИ ГЛАВИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:105:"НикојнемаправонамакедонскиотнароддамувикаШиптари

    1. Да не беше “Стопански весник”, немаше да се види ништо од свечената прослава на 50-годишнината на АСНОМ. Форматот на овој весник е повеќе од двојно поголем од форматот на поканите за свечената седница на Собранието, што се одржа во Домот на АРМ, па согласно со законите на аеродинамиката – поголем весник, кога се користи како ладало, прави поголем ветер. Форматот беше – таман. Да се делеше по некоја случајност “Нова Македонија”, пратениците и гостите од многу мавтање ќе направеа торнадо.
    Многу е незгодно кога на вакви манифестации, на кои меѓу другото се оди и за да се види и да се биде виден, не работи клима уредот во салата, ниту пак има некакво природно проветрување, па не се знае од каде дува ветерот. Па не знаеш каде да се свртиш. Кога се дуваш со покана или весник, ветерот обично доаѓа однапред. Така што и од таа гледна точка организаторот ја погоди целта. Сите гледаа во правецот од каде што доаѓа ветерот.
    Се очекува техниката да напредне, па кога ќе ја славиме 100-годишнината на АСНОМ, гостите ќе користат пософистицирани методи на ладење на главите. Ќе се печатат покани со поголем формат. Може уште да се смисли, пред влегувањето во салата, сите да бидат потурени со кофа вода. Па сите ќе излезат – покиснати. Овој пат излегоа – попарени.

    2. За разлика од претседателот Глигоров, кој на свеченоста во вжештената атмосфера во Домот на АРМ, а без покана и “Стопански весник” при рака, со шамивчето собираше пот од лицето, премиерот Бранко Црвенковски другиот ден си се ладеше под ведро небо на Мечкин Камен. Застана на бришан простор, на отворено пред Љупчо Георгиевски и Доста Димовска и нивните револуционер­ни симпатизери, дојдени специјално за да ѝ дадат повеличествен тон на прославата.
    На општо и колективно задоволство на Љупчо и Доста. А сé во знакот на идеите на Крушевскиот манифест од 1903-та. Додека Бранко полагаше цвеќе на споменикот, новокомпонираните револуционери го поздравија со “Уа!” и со извиците “Шиптари, Шиптари…” Со свирежи и со “Уа!” беа поздравени и Љупчо и Доста, ама од другата страна, но сепак тоа не го расипа генералниот впечаток, што мора да бил многу пријатен штом ја видовме госпоѓицата Димовска насмеана. Додека тие од зад неа му викаа на премиерот “Уа!”, таа се топеше од блаженство и милина.
    Подоцна на настанот реагираше некојаси ВМРО-ШПЏХР (веќе не можам да им ги паметам имињата, колку многу револуционерни организации се намножија), со соопштение за јавноста во кое стоеше дека “никој нема право на македонскиот народ да му вика “шиптари”! Што не е во колизија со човековото право некој некому да му рече: “Ти си мајмун”. Ниту пак е против неприкосно­вената граѓанска можност да се обратиш со “Коњу еден!” Само не викај – Шиптар!

    3. Во Св. Прохор Пчињски повеќе не можеме да славиме. Во Крушево е многу бучно. Во Скопје е жешко, а не работат клима-уредите. Во тек е потрага по некое место за прослава, што ќе може да ни ги замени досегашните традицио­нални места.
    Најголеми изгледи на успех, да стане познато место од новата македонска историја, има битолското село Трново. Зошто? Прашајте го Васил Тупурковски и претседателот Глигоров.

    4. Кај нас, како така, ветерот помалку го менува правецот. Ама, гледајте го Слободан Милошевиќ. Вистински провев. Луѓето издувани. А тој – кандидат за Нобелова награда за мир.
    Човекот вели дека од мир се плашат само воените профитери и луѓето со нечиста совест. А тој, и покрај тоа што ја започна војната и што ги предизвика сите несреќи на територијата на бивша Југославија во последниве три години, и натаму има чиста совест.
    И пред две години, кога вршеше притисок на Србите од Краина да го при­фатат Венс-Овеновиот план,, се однесуваше слично. Тогаш го смени Милан Бабиќ. Сега Милан Бабиќ е министер за надворешни работи на таканаречената Република Српска Краина. Очекувам по две години Радован Караџиќ да биде министер за надворешни работи на Голема Србија. Претседателот ќе биде непро­менет – Слободан Милошевиќ.
    Вчерашна “Политика” во својот коментар пишуваше дека “кога еднаш ќе се тргне по патот на мирот, народот нема да можат да го водат истите тие кои две години гаѓаа цивилни објекти во Сараево со директен пренос на сите светски станици и тие кои на згрозување на светот гордо ја промовираа својата поезија над Сараево кое гори…”
    Кога ќе се тргне по патот на мирот, тие што сега ова го пишуваат, ќе заборават дека тогаш пишуваа дека Србите го ослободуваат Сараево, а странските ТВ станици го сатанизираат српскиот народ и нивниот водач во Босна, кој е толку хуман што пишува поезија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари