НАРОДНИ ПЛАТЕНИЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:73:"СамоплатенМакедонецедобарМакедонец

    1. Јавно изјавувам дека ќе го тужам мојот главен и одговорен уредник кај пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Да му се суди како на најголем произве­дувач на антимакедонци во редакцијата “Вечер”. Не ме плаќа доволно. Ме прави поткуплив.
    Сега лесно можат да ме купат токму 26-те ВМРО-овски пратеници, кои за јану­ари од благајната на Собранието си ја подигнаа првата пратеничка плата од околу 14 милијарди. Можат да одвојат некој динар и за мене. Ако во меѓувреме ми се зголеми цената, по основа на подобрен македонски квалитет, за да ме исплатат ќе треба да вработат уште некои од преостанатите 11 ВМРО-овци, што сé уште не се професионалци во Собранието.
    Дел од парите ќе отстапам за колешката од мојата канцеларија, што меѓу првите го застапуваше ставот дека пратениците можат, ама и не мораат да бидат платени. Деновиве, во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, научно беше елаборирано дека тоа е опасен антимакедонски став. Од него произлегува дека Македонија како држава не е кадарна да го издржува својот парламент, да ги плаќа своите 120 пратеници.

    2. Околу 170 илјади работници немаат примено плата повеќе од еден месец. Не се кадарни да издвојуваат за платите на своите претставници. Опасни антимакедонци! Повеќе од 160 илјади пензионери ги чекаат своите пензии со задоцнување од повеќе од еден месец. Опасни антимакедонци со одложено дејство! Повеќе од 160 илјади чекаат работа. Безнадежни и непоправливи антимакедонци!
    Во секоја куќа и на секој агол демне по некој балкански шпион. Непријатели и антимакедонци – прст и плева. Среќа што ја имаме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која навреме го откри овој опасен антимакедонски заговор.

    3. Колку пари – толку музика. Поголема плата – поголем Македонец. А платите – во динари. Нестабилни.
    За да се зачува стабилноста на пратеничката функција, најдобро е платите да се исплатуваат во германски марки. Така и македонштината ќе се вреднува по европски критериуми. Освен тоа, таквата исплата е многу логична. Белким нема странските известителни служби да се обидат да ги врбуваат македонските пратеници со левови?
    На потег се македонските банки. Најтопло им го препорачуваме штосот на “Политика експрес”, што ја лансира тезата за озрачените “калашњикови” на хрватските редарственици, купени од Унгарија. Истиот рецепт може да се примени и во наши услови.
    Ќе објавиме дека девизите скриени по чорапите и перниците на македонските граѓани се радиоактивни и дека предизвикуваат смртност кај 50 од сто од озрачените. Ќе ставиме наслов дека Македонија станала најголема нуклеарна депонија во Европа. Ќе измислиме неколку вистински приказни во кои сопст­ве­ниците на девизи изјавуваат дека сакаат што побрзо да се ослободат од нив и ќе ја цитираме изјавата, да речеме на директорот на Комерцијалната банка а.д., во која тој вели дека банката добила строги упатства како да се однесува и каде да ги складира озрачените девизи. На тој начин и банкарските служби ќе ни се приклучат во офанзивата против опасните антимакедонци.

    4. Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ си ја чукаат главата дали секој втор или секој трет Македонец е антимакедонец, за Србија и Грција тој проблем е веќе решен. Завчера во Белград беше најавено формирање на Друштво на српско-грчко пријателство, со што “силно ќе биде изразен интересот на Србите и Грците нивниот заеднички географски простор подобро да се валоризира во рамките на Европа, Азија и Африка”. Македонија и Македонците веројатно се наоѓаат на некои други простори – во вселената.
    Споменувањеато на Европа, Азија и Африка мошне успешно се вклопува во омилената патриотска реченица на сесрпскиот вожд: “Сите Срби во една држава”. Овој пат неговиот лут противник, претседателот на Демократската партија д-р Драгољуб Муќиновиќ, жалејќи се дека српската политика е заложник на југо­словенската, околу нејзиното гледање на македонското прашање изјави: “Друштвото на српско-грчкото пријателство мора да се земе како сериозен сигнал на созревање на новата политика спрема соседите”.

    5. Во вселената веројатно е лансирана и македонската влада. Истиот ден кога ТАНЈУГ јави дека грчките камиони масовно го заобиколуваат преминот Бого­родица, одејќи преку Бугарија на српскиот премин Димитровград, таа ни соопшти дека, според податоците што ги поседува, нема појави на издавање визи на грчките граѓани на границите.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари