НЕВАЖЕЧКИ ПОЛИТИЧАР

Изгледа дека на луѓето им е малкудупење. Сакаат уште.

    НЕВАЖЕЧКИ ПОЛИТИЧАР

    1 Кој се појавил на комеморација, кој дошол на погреб, кој испратил телеграма, кој платил некролог во весник… Целата атмосфера што се создаде околу смртта на новинарот Никола Младенов по кој знае кој пат ме поттикна одново да размислам за односот на политичарите кон медиумите.

    Никола беше најдрастичен пример што го докажува тој сосема природен, ама расипан однос. Кога политичарите се во опозиција, те бараат како да си им најголем пријател. Кога се на власт, им стануваш најголем непријател. Никола најмногу го изеде стапот од Бранко и од СДСМ, а денешната власт го обвинуваше дека работи за Бранко. Заборавија дека некогаш беше и нивни пријател. И дека кога жестоко го критикуваше Бранко, додека беше на власт, беше прв другар со ВМРОДПМНЕ. Тогаш СДСМ го сметаше “Фокус” за ВМРОвски весник.

    Во црнобелиот свет на македонското општество не важи правилото дека новинарството во една демократска држава е природен и неопходен контролор на власта. Зошто на секоја власт и треба слободно и критично новинарство? Прво, затоа што ако нема такво новинарство власта ќе зајде. И второ, затоа што кога власта ќе се врати во опозиција, ќе и требаат медиуми што ќе можат да ја пренесат и нејзината вистина.

    Затоа паметна власт не ги задушува критички настроените медиуми. Паметна власт знае дека и требаат. Денеска за да види каде греши. А утре за да и помогнат за пак да се врати на власт. Ама за да има такви медиуми, треба да се форсира и различно мислење. А не да се форсира хушкање против секој што мисли различно. Оти кога хушкањето и интригите стануваат начин за пресметка, доаѓаме во ситуација кога секој се сомнева во сè.

    Искрено, не верувам дека власта сака да живее во таков амбиент, во кој на веста дека во сообраќајка загинал истакнат новинар, првиот инстинкт на јавноста, без да чека истрага или детали, е да се сомнева дека тоа е несреќен случај.

    2 ОБСЕ и ОДИХР оценија дека изборите биле мирни. И ние го пренесовме тоа како главна вест. Во која нормална земја тоа достигнување е вредно за прва вест? Замислете, меѓународната заедница нè пофали дека сме направил мирни избори. По 21 година демократија, ние се радуваме дека изборниот ден поминал без насилство.

    3 Завчера некои разбојници среде бел ден ограбиле златарница во Кичево. Упаднале со калашникови и го собрале накитот.

    Има ли пологичен тек на настаните откако градоначалник на Кичево стана Фатмир Дехари, кој во предизборната кампања се рекламираше со калашников? Ако може градоначалникот, зошто да не можат и обичните граѓани. Калашниковот станува заштитен знак на Кичево. Можеби новата власт ќе го смени и грбот на градот. Не мора преземањето на власта да заврши само со одвејувањето на македонското знаме од јарболот, оти дувал силен ветар. Утре и домаќинките кога ќе одат да пазарат во самопослуга, во едната рака ќе си носат список за леб и млеко, а во другата калашников. Да си бидат подготвени за евентуални провокации од касиерката.

    Додека ВМРО-ДПМНЕ славеше победа на изборите, и тоа многу поголема од очекувањата, а СДСМ се радуваше на освоеното Ранковце, медиумите ја заборавија главната приказна. Најголем победник на овие избори е ДУИ. Калашниковот ги победи раскараните Македонци.

    4 По победата на ВМРОДПМНЕ, Бранко излезе и сериозно најави дека размислува дека можеби евентуално ќе го бојкотира вториот круг. А тие околу него и му аплаудираа. Другиот ден Андреј Петров, инаку генерален секретар на партијата за која лидерот рече дека евентуално размислува да го бојкотира вториот круг, даде изјава дека ќе победи во вториот круг.

    Ете доказ дека утрото е секогаш помудро од ноќта. Ако сакаш нешто да кажеш, прво преспи.

    Ама Бранко немаше време за спиење. Смислуваше финти како да ги зезне своите. Дури и пари потрошија од тие што ги немаа. Му купуваа погребален венец на Стевчо Јакимовски и нарачуваа маички со неговиот лик за да ги облечат кучињата. Да вложеа СДСМовците барем половина од енергијата што ја потрошија на оцрнување на Стевчо во Карпош кон ВМРОДПМНЕ, тогаш можеби немаше да се радуваат само на Ранковце.

    5 На изборите биле избројани над 40 илјади неважечки ливчиња. Само за Советот на Град Скопје имало 15.000 неважечки ливчиња. Каква порака испраќаат гласачите? Дека бараат нов профил на политичар? Неважечки политичар.
    Меѓу неважечките ливчиња имало предлози градоначалници да бидат Бетмен, или Чак Норис. Ама имало и многу ливчиња на кои бил исцртан патлак. Што му фали на овој народ? Лидер измелезен помеѓу Бетмен и Чак Норис, ама со голем патлак. Изгледа дека на луѓето им е малку дупење. Сакаат уште.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира