НИВНАТА ЕВРОПА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:74:"ДоЛисабониназадпрекуБерлинскиотѕид

    1. Првиот контакт со Европа го имав на аеродромот во Лисабон. Пограничниот полицаец прв пат видел македонски пасош. Не му беше доволна шестмесечната шенгенска виза издадена од француската амбасада во Скопје. Ме праша каде е Скопје и потоа, за секој случај повика некој негов шеф.
    Шефот беше културен, ама ми рече дека со овој пасош не можам да влезам во Португалија. Зошто? Затоа што Португалија немала дипломатски односи со Македонија. Кога му реков дека сум новинар и дека бидејќи “покривам” надворешна политика сигурно знам дека дипломатските односи се воспоставени уште во1994 година, малку се подзамисли, ама во секој случај не го избегнав третманот на криминалец и натрапник – ме внесоа во некоја канцеларија и таму чекав петнаесетина минути да ми го вратат пасошот, додека тие некаде телефонираа и пребаруваа по компјутерите. Кога им реков дека тоа што го прават е класична дискриминација и ги замолив да ми го вратат пасошот, затоа што мислам да го фатам првиот лет за било кој европски центар, бидејќи имам валидна виза и не дозволувам кон мене да се однесуваат како кон криминалец. На крајот на краиштата, им реков, по ваков однос јас не сакам да влезам во вашата земја, а вие повелете објаснете им на португалските новинари кои ме поканија како гостин на нивниот конгрес, зошто сте ме вратиле од граница. Полицискиот службеник потоа културно, но некако со завист дека не може да ме зезне ми рече дека ќе ме пушти затоа што имам виза, ама да знам дека Португалија и Македонија немаат дипломатски односи.

    2. Поубавото лице на Европа го видов на Конгресот на Асоцијацијата на европски новинари на кој во Лисабон учествуваа 150 делегати од 23 земји во Европа. Ова е прво учество на Македонија на ваков конгрес, иако кај нас сé уште не  е формирана секција на европски новинари. Според она што го видов, се работи за мошне сериозна новинарска организација која на почетокот ги обединувала новинарите од земјите на Европската заедница. Со паѓањето на Берлинскиот ѕид, европските новинари се прошируваат и кон исток, така што сега како полноправни членки таму се застапени речиси сите бивши комунистички земји од средна и источна Европа, освен државите од бившата СФРЈ.
    Идејата на Конгресот да се покани претставник од Македонија ја даде пред еден месец претседателот на Асоцијацијата, угледниот грчки новинар Атанас Папандропулос. Најдена е и формула како да се обезбеди присуство без формирана национална секција. Добив официјална покана од грчката секција на европските новинари. Впрочем, таа е универзална формула што таму се применува во процесот на таканареченото придружно членство. На пример, на времето финската секција ги поканила Естонците, Чесите биле гости на германските новинари,  Унгарците биле поканети од Холанѓаните.
    Фактот дека Грците решиле да поканат токму новинар од Македонија беше сепак изненадувачки за поголемиот број делегати. Можеби токму затоа и јас бев предмет на интересирање од моите колеги. Морам да признаам дека малку и јас бев изненаден. Ние тука мислиме дека светот се врти околу нас. А таму, на некои фински колеги морав да им објаснувам дека во Македонија како мировници има и Финци. Или, на некои Унгарци, кои барем географски не се многу далеку од нас им ја цртав картата на Балканот, за да ги убедам дека имаме заедничка граница со Албанија.
    Бидејќи формално бев поканет од грчката секција, бев подготвен да се соочам со некакви непријатности во претставувањето. Но, она што пријатно ме изненади е тоа што секаде бев претставен едноставно како од – Македонија. Дури и кога бев најавен дека ќе го поздравам конгресот, бев најавен како новинар од Македонија.Во приватните разговори стана збор и за името и за визите и за можностите за вложување во Македонија, но тоа е нормална професионална размена  на информации. Колегите од другите земји од Европа, проблемот со Грција веќе и не го регистрираат. За нив беа поинтересни односите со албанското малцинство и евентуалниот конфликт на Косово. За жал, друго ништо и не знаат.

    3. Повторно назад во реалноста. На аеродромот во Штутгарт каде што имав врска со Македонија слетав на Шенгенската зона и никој не ми побара никаков документ. Од прекрасниот терминал каде што патуваат европјаните морав да се префрлам на друг каде што сме ние – егзотичните. Како тампон зона меѓу “нивната” Европа и “нашата” Европа е еден оддел со туристички агенции што ги носат Германците на секс турите во Тајланд. Дури потоа се стигнува до “егзотичниот” терминал, удолу по скалите, во полутемница меѓу шалтерите на “Авиоимпекс”, “ЈАТ”, “Истанбул ерлајнс”, “Онур ер”.. . Што подалеку од нив, под земја, случајно да не им го загадиме европскиот воздух со нашето дишење. Повторно пасошка контрола. Нé претресуваат како криминалци, нé загледуваат под око и строго чукаат по тастатурата на компјутерите. И нашиот авион стигна на време, како нивната “Луфтханза”, ама не може да полета на време. Замислете, двајца од Македонија останале два дена подолго отколку што им било дозволено со визата и им направија цела истрага – кај биле, што правеле, зошто останале подолго. Цели два дена некој од тука газел по европскиот асфалт без дозвола!
    Зошто повторно не го дигнат берлинскиот ѕид?

    4. Знаев што ме чека на скопскиот аеродром. Од четири шалтери за пасошка контрола работат само два, македонските државјани чекаат во истиот ред со странците за да си влезат дома, процедурата е бавна.. . Знам дека не е во ред, ама наспроти разумот, некако ми беше мило кога ги видов странците што допатуваа како се нервираат  затоа што се на опашката и треба да чекаат за да влезат во Македонија.
    Кога би знаеле колку телефонски разговори сум направил, колку факсови сум разменил, колку дена сум ја чекал визата и колку сум платил за неа, можеби ќе разбереа зошто им се ситам. Уште кога би можел на следното патување во Европа со мене да ги поведам Елизабет Рен и Макс ван дер Штул, да напишат извештај за почитувањето на човековите права и за ограничувањето на слободата на движење.. . Нема да ни биде здодевно. Додека чекаме пред шалтерите ќе разговараме за идејата за обединета Европа. За нивната Европа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира