ОПЕРАЦИЈА КОРИДОР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:99:"Санкцииподдржуваме,амаодПКБмлеконесеоткажуваме

    1. Во духот на славната традиција на ефикасното македонско стопанство, чиј стожер се државните гиганти надалеку познати по својата виталност и флек­си­билност, кога е во прашање умешноста за преориентација на производство­то и барањето нови пазари, со висок квалитет на производите и навремена испорака на стоките што ги задоволува строгите стандарди на Србија и евентуално на уште некоја позаостаната источноевропска земја (ако воопшто такви останаа зад нас), не е ни чудо што веќе ни здодеаја тажаленките од циклусот “Жал за Србија”, длабоко инспирирани од најновите санкции против Србија и Црна Гора, кои, кој ли ѓавол нé тераше да се тепаме да влеземе во Обединетите нации, сега ќе мораме сериозно да ги почитуваме.
    Секоја нова резолуција на Советот за безбедност која ги зајакнува санкциите против Србија и Црна Гора кај нас подготвено се пречекува со репортажи од големите фирми и со плачење на челните луѓе на колективите, инаку гордост на македонското стопанство. Така деновиве излезе дека Македонија повеќе жали за санкциите отколку самите Србија и Црна Гора. Па дури и Владата одржа седница, ама од соопштението не видовме што наумила да направи, туку само ни понуди слика за безизлезот во кој ќе се најдеме, од типот “Запознај си ја татковината за да си ја жалиш повеќе”.
    Уште и кога ќе се слушне реченицата: “Санкциите ќе нé погодат повеќе нас отколку тие за кои се наменети”, ти доаѓа само по себе уште да почнеш да сочув­ствуваш со освојувачите и да ги сожалуваш властите. Зашто, од 30 мај минатата година, кога стапи на сила Резолуцијата 757, првата со која се стегна обрачот околу Србија, до денес Милошевиќ и Караџиќ запнаа на операцијата “коридор” низ Босанска Посавина. Нашите пак, еве речиси цела година, сé уште безуспешно работат на операцијата “коридор” што ќе ја заобиколува Србија. Ако и по ова не им е јасно дека санкциите нема да бидат укинати додека Милошевиќ е на власт, а тоа, како што стојат работите, може да потрае со години, тогаш нависти­на нека си признаат дека без Србија не можат да дишат, па нека ги замени некој што ќе направи поевтин и поквалитетен производ што ќе може да задоволи стандарди и надвор од затворената СРЈ. Ако не, тогаш да им дозволиме и ние да станеме заложници на нивните соништа за голема Србија. Не може од една страна да се зборува дека ги поддржуваме сите мерки на ООН за спречување на војната, а од друга страна да рониме солзи што нема да можеме да пиеме ПКБ млеко.

    2. Во деновите кога наголемо се зборуваше за воведувањето на досега нај­острите санкции, во Македонија на неколкудневна турнеја гостуваше ѕвездата на српска новокомпонирана музика, извесен Џеј Рамадановски. Го промовираше албумот “Мрак, мрак”. Колку што се сеќавам, уште резолуцијата од мај минатата година предвидуваше прекин на соработката со културни и спортски институции од СРЈ. Оттогаш до денес на неколку турнири, за кои ние тука се фалевме дека биле интернационални, учествуваа само репрезентациите на Македонија и СРЈ. Низ македонските театри и концертни сали продефилираа едно чудо групи, пејачи, артисти… Си го прибравме и Бора \орѓевиќ кој уште на почетокот на војната во Хрватска гласно “србуваше” против “усташите”… Ни гостуваа и “Електричен оргазам”, Милена Дравиќ, Драган Стојниќ… Еве, сега на големо се рекламира една сомнителна “Шовинистичка фарса” со Јатаганац. Во ситуација кога тезгите за овие уметници се секаде затворени, Македонија има сила да одвои некоја марка (сигурно не им плаќаат во денари), колку да ги одржи во кондиција.
    Нека ми се налутат културните работници, кои, нели, по природа се космопо­лити и не сакаат затворања. Не сакам ни јас. Ама, зарем не им пречи кога на се­кој агол од Скопје можат да се забележат плакати на српски јазик? Зарем нив би ги примиле во Белград да им глумат на македонски јазик и да им кажуваат некаква шовинистичка фарса во наша верзија. Зарем не сакаат во македонските концертни сали да ја слушнат Тереза Кесовија, по можност со некоја песна за разурнатиот дом во Дубровник? Или пак  да видат претстава од Словенецот То­маж Пандур?! Да не зборуваме случајно да ѝ текне на некоја албанска група од Косово да запее тука, макар и на свадба. За Бугарите, по славното тепање на гробот на Јане Сандански, не треба ни да помислуваме. А Грција? Таа и така веќе повеќе од година дена не ни е поле за културен натпревар меѓу народите. Тие луѓе таму, снимат ли воопшто филмови, имаат ли ТВ-драми, знаат ли што е тоа рокенрол, глумат ли во театар? Или сите заедно работат на спроведување на санкциите против Србија, кои нас и културно најмногу нé погодуваат?

    3. Господинот Мухамед Халили, водачот на парламентарната група на ПДП-НДП во Собранието на Македонија, инаку жесток заговорник на сожителство и рамноправност во нашата држава, која тој си ја чувствува за своја (така постојано истакнува), на заседанието на високите функционери на КЕБС во Прага беше член на делегацијата на Албанија. На истото заседание, фала му на господа, присуствуваше жива и здрава делегација на Република Македонија, која, патем, тогаш беше примена и како посматрач.
    И сега… Што да кажам сега!?

    4. Марката расте. Значи има побарувачка. А во банките нема денари. Значи, граѓаните не можат да купат марки. Тогаш, кој е купувачот, зашто очигледно денарите се на црната берза. Да не е тоа некој што ја контролира примарната емисија?
    …И после Владата ќе ни се фали дека ги зголемила девизните резерви.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари