ПЕТ ПЛУС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:83:""Јаветесенапоправениспитследнатасесија!"

    1. Многу му благодарам на Аце Циганот за срдечните поздрави што ни ги испрати со посредство на ТВ-камерите, по соопштувањето на пресудата од 15 години затвор за безобѕирно убиство. Она “го поздравувам македонскиот народ!”, со рацете кренати нагоре, иако фатени со лисици, имаше голема симболика. Аце Циганот на симболичен начин ни покажа дека дури и кога е “окован во пранги”, на македонскиот народ не му недостига желбата за слобода, што впрочем е опеано во патриотските песни.
    Не сум од оние што поздравот до македонскиот народ од осудениот го поврзуваат со националистички пораки – демек, еве сега има еден Ибраими помалку. Не верувам дека Аце од Драчево е така ориентиран. Напротив, мислам дека нема никакви национални предрасуди, штом гордо си го носи прекарот Циган. Повеќе мислам дека тој го поздравуваше оној дел од македонскиот народ што на 24 ноември минатата година имаше среќа да биде случајно погоден од истрелите во центарот на Скопје. За тоа ние сме му крајно благодарни. А верувам истото го мисли и судијата, кој речиси му се извинуваше кога му ја прочита пресудата.
    Не верувам дека и во неговата изјава имаше некаква револуционерност. На пример, ако речеше: “Не го признавам судот на оваа партија”, не ќе беше во ред, затоа што токму партијата знаеше одвреме-навреме да ги користи неговите услуги за обезбедување. Можеше да рече дека за него е валиден само судот на улицата, ама од дружбата со луѓе кои колку-толку се разбираат во владеењето на правото, сигурно дознал дека ние сме правна држава.
    Можеби токму тука лежи загатката зошто Аце така срдечно го поздрави македонскиот народ. Правнички, нему притворот му истекува на 24 овој месец. До тогаш, пак правнички, неговата пресуда нема да стане правосилна и ќе мора да излезе на слобода. Можеби вака, Аце Циганот – херојот на нашите улици сакаше да се прости од нас.

    2. Нема потреба од тревожење. Ако немаме интересни судења, барем постојано си имаме драма. Новата на репертоарот на политичката сцена се вика “Вечера кај претседателот”. Прво претседателот напиша писма до неколку политички партии со покана за самит. Потоа политичките партии расправаа, па зазедоа ставови. Сега некои поставуваат услови, па пишуваат писма што се објавуваат јавно. Драмата продолжува. Сега ќе чекаме реакции. Некои медиуми ќе го бранат претседателот, некои ќе ги анализираат писмата на партиите, некои ќе бараат внатрешни непријатели и народот ќе се забавува барем уште едно десетина дена.
    Нормално е. Во изборна година ни требаат драми за да се одржува вниманието на публиката. Затоа и една средба што се договара по телефон, за што не мора никој да знае, освен тие што по службена должност ги прислушуваат, сега се претвора во кодошење за кодошите, солење памет за тоа што е приоритет, поплаки и жалби дека од минатите вечери некому му се слошило.
    Штета ако самитот не се одржи. Ќе си расправаме за коридори, ќе си се обвиниме повторно за србомани и бугарофили, ќе се сконцентрираме барајќи го државниот непријател во најблискиот до нас, ќе се плашиме колективно ако нешто пукне на Косово, ќе си ги актуализираме Гостивар, тетовскиот универзитет, НАТО и ЕУ… Ех, да може уште Грција повторно да ни воведе некое ембарго…

    3. Во таква ситуација, кога безбедноста ни е загрозена и однадвор и однатре, кој ли уште има можности да размислува за привлекување странски пари. Иако, сметам дека кај странците би поминале одлично затоа што имаме одлична оценка.
    Во претпоследното издание на лондонски “Економист” е отпечатен еден прилог за Балканот, во кој, немале друга работа, ами ги оценувале земјите од регионот според степенот на корупција. Во рамките на рангирањето од 0 (без корупција) до 9 (најголема корупција), Македонија добила 5,4 поени. Колку за споредба, најниско (или највисоко, зависи кој како гледа на работите) е рангирана Словенија со 0,7 корупциски поени, потоа следува Унгарија со 1,2, Хрватска има 4,0, а подобри (или полоши) од нас се Албанија со 5,7 поени и СР Југославија со 7,4 корупциски поени. За Босна и Херцеговина нема податоци.
    Изворите што ги користи “Економист” се темелат врз податоците на Европската банка за обнова и развој и на Меѓународниот институт за странски студии. Мислењето на тие институции, барем досега, беше многу важно за нашата влада.
    Оценката 5,4 може да се толкува двострано. Ако тие во меѓународните финансиски институции сé уште мислат дека сме недораснати и на нас гледаат како на првачиња во основно училиште, тоа ти е исто како да сме добиле “5 плус”. Арно ама, кога даваат пари , тие веројатно сметаат да им ги дадат на луѓе што ги бидува барем за бруцоши на факултет. А на факултет – се знае. Со “петката”, дефинитивноно, сме паднале. Можеби затоа и постојано ни порачуваат: “Јавете се на поправен следната испитна сесија!”

    4. Васил Тупурковски ќе правел партија. Отидов еден ден во тенискиот клуб “АБЦ” во Скопје каде, велат, се собирале партиските кадри на Циле, кога – што ќе видам. Не една, таму се прават едночудо партии! Сите кандидати за идни министри играат партија – табла.
    Велат дека на ова поле Циле ќе треба малку посериозно да поработи. Што мисли тој, дека за една успешна партија треба само да го следи среќата кога ги фрла заровите и да му паѓа секогаш да биде бел, место црн. Финтата е кој прв ќе ги собере сите пулови.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира