РАСИПАН ТЕЛЕФОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:133:"ПретседателотГлигоровќејапреземеодговорностазаатентатотврзсебе

    1. Бранко Црвенковски сé уште размислува. Помина повеќе од една недела откако министерот за внатрешни работи му даде оставка, а премиерот сé уште се нема огласено. Министерот Фрчковски со дадената оставка се исчисти пред јавноста, барем што се однесува до моралната страна. Со тој гест му ја префрли  одговорноста на премиерот. Кажа што кажа, сега нека му ја мисли Бранко. Ако пак премиерот и понатаму продолжи да размислува, значи врз себе ја презел одговорноста и на министерот во неговиот кабинет.
    Сега сите се прашуваат до кога ќе размислува Бранко Црвенковски? Веро­јатно, додека не се опорави претседателот Киро Глигоров. Ќе чека претседателот повторно да почне да работи, за да може да го праша што да прави со оставката на Фрчковски. Така, според системот на синџир, а во согласност со традицијата од пред атентатот, целата одговорност ќе заврши кај претседателот. Фрчко на Бранко, Бранко на Киро и… Накрај ќе излезе дека претседателот Глигоров ќе ја преземе одговорноста за атентатот врз себе!

    2. Министерот Фрчковски се лути на новинарите што преземаат сопствена истрага. Што е нормално, кога нема податоци од официјалната истрага. Иако лично мислам дека министерот треба да им биде благодарен на новинарите. Во државата се случи атентат врз претседателот, а новинарите многу брзо заборавија на тоа. Поради атентатот министерот за внатрешни работи си дава оставка, а новинарите забораваат да го прашаат премиерот дали ќе му ја прифати оставката.
    Министерот вели дека ништо по 3 октомври во Македонија нема да биде како пред тој датум. Само што изгледа малкумина го сфаќаат тоа тврдење сериозно. Никој не сака да биде толкав песимист, за да може да ја замисли Македонија со уште некој атентат, со закани до политичарите, со убиства на бизнисмени и јавни личности, со општа несигурност меѓу граѓаните… Меѓутоа, има ли основа за оптимизам кога се знае дека сé уште не се откриени ни изврши­телите, а камоли налогодавачите на атентатот врз Глигоров. Песимизам или реалност е живеењето во вакво опкружување, постоењето на разни “мулти…” или не знам какви компании со сомнителен капитал, постоењето на банки со сомнителен источен капитал и нивното врзување со македонски фирми, нерас­ветлени убиства, неоткриени злосторници, опасни по живот судници, прекинати судски процеси, “Хард рок” афери…
    Премиерот навистина треба да размислува на многу теми, не само за оставката на министерот Фрчковски. На пример, како се отвора фирма или претставништво со сомнително потекло на капиталот, како се врши притисок врз судот, како се дава дозвола за отворање странска банка…

    3. Најголема корист од отворањето на границата со Грција досега имаат осигурителните компании. Продаваат зелени картони што не важат. Ако по извесно време се среди и оваа работа со зелените картони, тие повторно ќе ги продаваат и повторно ќе им собираат пари на осигурениците.
    Новинарите, покрај тоа што водат истрага за атентатот врз Глигоров, оваа недела беа граничари на македонско-грчките премини. Како стражари секојднев­но броеја колку возила ја минале границата и водеа сметка за секој ден одделно и за секој случај, каква е процедурата за влез во Грција.
    Неколку денови им бевме лути на Грците што не ни ги признаваа зелените картони, додека не сфативме дека работата сме ја зезнале ние. Некој од нашето национално биро потоа убаво ѝ објасни на јавноста дека тие го побарале по телефон генералниот секретар на националните осигурителни бироа во Лондон, за тој да ургира кај Грците да нé пуштаат со нашите зелени картони. Арно ама, секретарот не бил на работа. Што е најтрагично, луѓето тоа толку сериозно го соопштија, така што помисливме дека тие навистина тоа го сметаат за сериозно објаснување. Што е уште потрагично, потоа ни рекоа дека сега Грците се обидувале да го добијат по телефон генералниот секретар во Лондон, ама и тие не можеле да го добијат. Деновиве очекуваме уште посериозно објаснување. Ќе ни кажат дека најверојатно на тие во Лондон им е расипан телефонот.
    Патем, нели некој спомена дека во односите со Грција нашата страна ќе го применува, без исклучок, принципот на реципроцитет. Да не се расипал во меѓувреме некој наш телефон, па тие таму долу на границата не знаат што да прават?

    4. Неодамна бев во Њујорк и имав можност во живо да се уверам колку обичните Американци знаат за Македонија. Приказнава нема врска со нашата опседнатост дека сме центар на светот, дека сите ја почитуваат нашата мирољубива политика, дека сме најдобри сојузници на Американците, дека одвај чекаат да дојдат во оазата на мирот во која повремено вршат атентат врз претседателот… Приказнава нема никаква врска со политиката, таа едноставно ми се виде интересна.
    Еден таксист ме праша од каде сум. Кога му одговорив! “Од Македонија!”, следеше дополнителна заинтересираност: “А, од која страна на реката е тоа?”
    За разлика од таксистот, еден продавач во продавница за фармерки, покажа значително повеќе познавање, отколку неговиот сограѓанин кој помисли дека Македонија е некој кварт во Њујорк, отаде реката. Кога на продавачот му кажав од каде сум, тој радосно и возбудено ми рече: “А знам, сум бил во Македонија. Бев на Олимпијадата во Барцелона!!!”

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари