1 Нашите очекувања од странските амбасадори се како очекувања на хипохондрици кои одат од лекар до лекар. И ако лекарот им рече: “Ај бркај си работа”, тие разочарано викаат: “Не чини лекарот. Не ми даде никаков лек”.
Така изгледаше известувањето на медиумите за посетата на заменикдржавниот секретар на САД Томас Кантримен. По средбата со Груевски човекот рече: “Јас не предупредувам премиери. Ние искрено разговаравме за она за што сме загрижени”.
Штета. Можеше да го натепа Груевски, да му ги истегне ушите, да му се закани со војна, да му каже дека ќе го сменат од премиер, да му нареди да го пушти Велија од притвор, да му забрани да закажува предвремени избори, да го убеди дека треба да го слуша Бранко…
Ништо од тоа. Кантримен рече дека очекува домашните политички прашања да ги решаваат одговорно политичките лидери. Со други зборови: Бркајте си работа, веќе сте големи.
Не дека и Американците и ЕУ не сакаа до пред извесно време да ги решаваат домашните политички прашања. И ги решаваа. Особено кога со Албанците го пишуваа Рамковниот договор по кафеани и ресторани. Ама тогаш ним тоа им одговараше. Арно ама, сега решиле да ни кажат дека сме пораснале. А ние упорно одбиваме да пораснеме. Па како што до 1990 година очекувавме некој од Белград да ни каже што да правиме, сега бараме некој од Брисел или Вашингтон да ни каже кога да имаме избори, кога да се сретнат лидерите на власта и опозицијата, дали да градиме црква или џамија, кој министер да го смениме, како да го крстиме аеродромот…
На 8 септември независна Македонија ќе слави 20 години. Државата ни е како невоспитана тинејџерка што станала полнолетна, а не созреала. Годините ги има. Ама памет не и доаѓа.
2 Може Бранко колку што сака да им дава поддршка на приватни телевизии и весници во кои газдата и управителите им се осомничени за криминал. Тоа е политичка проценка на лидер на опозицијата. Да фаворизира едни, а да омаловажува други медиуми. Да фаворизира водење бизнис по урнек на Велија, а да им се потсмева на други што не водат бизнис како Велија.
Ама баш би сакал да ги прашам СДСМовците: Дали нивната партија е приватен клуб на Бранко или сериозно друштво на демократски ориентирани граѓани со левичарска идеологија? Дали тие му одобрија на нивниот лидер толку цврсто да застане зад А1, “Време”, “Шпиц” и “Четири точки е ре” (чие име самото кажува колку се правно чисти), оти само тие биле критични кон власта? И дали и тие се согласуваат да поддржат само неколку медиуми, а за другите баш да им биде гајле.
Јас не барам Бранко да застане зад “Вест”. И да бара излегувањето на нашиот весник да биде услов за пратениците на СДСМ да се вратат во Собранието. Тоа не го бараме ни од кој било друг политичар. Оти ние не сме А1.
Тие нели се столбот на демократијата. А ние, за разлика од нив, воопшто не придонесуваме за слободата и демократијата. Зошто? Затоа што плаќаме даноци и придонеси. И бараме и другите да го прават тоа. Владеењето на правото, почитувањето на правната држава и еднаквите услови за работа за сите на пазарот ни се светиња. И очекуваме тоа на дело да биде светиња и за лидерите на партиите на власт и за лидерите на партиите во опозицијата. Без разлика како се викаат.
Тоа што Бранко ја држи цела партија во заложништво е нивни партиски проблем. Кој им е крив што за 20 години не најдоа поасолен човек што сега би можел да го победи Груевски? Впрочем, затоа и Груевски го врати Бранко во живот со вештачко дишење. Така и секојдневно го одржува. А и самиот си се одржува.
Она што ме прави очаен е дека сите одиме курбан, затоа што лидерот на опозицијата не сфаќа дека го прегазило времето. Како шлепер жаба.
3 Ние добро знаеме дека Груевски многу умешно владее со купување на наклонетоста на медиумите. Малку телефонски јавувања и пораки преку мобилни телефони, малку закани со судови, малку толерирање криминал и нелојална конкуренција, малку криење документи по фиоки, малку врбување полициски доушници меѓу новинарите и малку повеќе државни пари за реклама…
Меѓутоа, страшно е сознанието дека единствената понуда што Бранко има да ја даде за иднината на Македонија е А1 на Велија Рамковски. И ако тоа е единствената алатка на која опозицијата се крсти за да се врати на власт, тогаш дај да го затвораме дуќанот и да се селиме.
4 Многу сум загрижен оти Груевски ќе го трга министерот за правда Михајло Маневски од Судскиот совет. Затоа што тој од темел ги прави реформите. Гради нова судска зграда.
5 Во земја што ја владеат странски амбасадори, доволно е еднаш да се појавиш на телевизија и веднаш стануваш експерт. Ако те прашаат нешто за весник, тогаш веднаш стануваш аналитичар.
Затоа на следниот попис ќе има две нови графи за попишување: експерти и аналитичари.
6 Претседателот Ѓорге Иванов се врати од молитвениот појадок од Вашингтон и изјави дека со претседателот на САД Барак Обама си намигнале.
Звучи шашаво. Ама е вистинито.