“РЕПУБЛИКА КАСАНДРИЈА”

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:104:"Пеновќепрогласимораториумзаловнакучињатаскитници

    1. Не ги разбирам тие што се обидуваат да се мајтапат со “Вечер”, затоа што ги објавува продолженијата на “Касандра”. Не се во право и тие што ја обвинуваат државната телевизија што ударниот термин на програмата веќе пет месеци го пополнува со венецуелката сапунска серија. Медиумите се одраз на реалноста. А нам “Касандра” ни е судбина.
    Што мислите, дека ова што секојдневно ни се случува е со нешто повисока уметничка вредност од серијата и дека актерите се поквалитетни? Не. А пак со нетрпение чекаме што ќе ни донесе утрешната епизода и си се фаќаме како уживаме во тоа што го гледаме.
    Има ли нешто во оваа наша држава “Република Касандрија” што може да претставува скандал, како во серијата. Или скандалите се потрошија. Навистина, што е тоа што може да ни се случи, а да биде поинтересно од случките на убавата Венецуелка. Кога, на пример, “Вечер” би објавувал однапред кој политичар ќе си најде нова љубовница, кој кого ќе тужи, кој кому ќе му се закани, кој ќе изгради повисока куќа, кој ќе украде милиони марки, кој ќе избега во странство, кој ќе оди во затвор, мислите ли дека приказните ќе бидат поинтересни од прераскажувањата на серијата? Кај нас веќе сите по нешто украдоа, сите се во некаква пријателска или роднинска врска со секого, сите имаат по некоја пропадната заштеда, сите некому должат или нив им должат, сите што фатија пенкало или зедоа микрофон в раце станаа новинари, сите пријатели си го покажаа вистинското лице, сите даваат изјави, сите се сликаат на телевизија и сите, важни, уживаме во сапуницата и во пената што ја создаваме. Чудно, наместо сапунот да нé измие, ние заглавуваме во сé поголеми и поголеми валканици.

    2. Немаше смисла Љубомир Фрчкоски да го споредува Латас со Тито и со неговата изјава дека го признавал само судот на партијата. Се возбудија социјалистите и ни испратија огромно соопштение во кое ни кажаа дека Социјалистичката партија немала свој суд. Изгледа дека Фрчко се прави важен, па не ја гледа “Касандра”. Инаку, ќе можеше да го спореди однесувањето на тужениот со лошата Ерминија. И таа, како Латас, на судот не сакаше да му ги даде личните генералии, со образложение дека сите ја знаат.
    Штета што продолжението на судењето е закажано дури за јуни. Штета за кучињата скитници, кои со нетрпение ја очекуваат пресудата. Ако Фрчкоски го добие спорот, Латас ќе треба да му плати 100 илјади марки што ќе бидат дадени на Друштвото за заштита на кучињата. Сега им останува на кучињата да вршат притисок врз независното судство. Да лаат по судиите, да се вртат околу Судска палата во глутници и да ги преплашуваат тамошните вработени, да ги влечат судијките за здолништето, да им се олеснуваат и да им ги поганат скалите и тревникот. Градоначалникот на Скопје Ристо Пенов би требало да прогласи мораториум на ловењето кучиња скитници до конечната пресуда. Нема смисла кучињата да страдаат поради бавноста на правдата.

    3. Кога веќе кучињата ќе ги почувствуваат благодатите на правната држава (се разбира ако го најдат виновен Латас), некој во државата ќе треба да почне да води сметка и за другите животни. Зошто од некој друг судски спор фондот за отштета да не оди за заштита на магарињата од опивање со виски во кафеана. Или, барем како превентивна мерка, и на магарињата да им се дозволи да можат да избираат матичен стоматолог и кој пратеник да ги застапува нивните интереси.
    Дури на крај, кога веќе и кучињата и магарињата ќе се офајдат од владеењето на правото, ќе дојде ред и на луѓето. Какво време дојде, кога ќе ти напишат потерница и ќе ти ја објават на телевизија, да ти е страв да одиш по улица. За кучешките права на живот, барем некој се грижи.
    Фрчко, дај бе стегни уште некоја тужба! Ај кучињата ќе се оправат. Ама, што правиме со магарињата?

    4. Кога нема правда, нема правда. Биваше ли бугарската министерка Надежда Михајлова да му оди на грчкиот министер Пангалос, и тоа уште на романтичниот остров Санторини, а нашиот Ханџо уште упорно ја чека. Нема смисла. Не можам да ги сфатам ова жениве. Што толку ѝ се бендиса кај Пангалос, а Ханџо го избегнува.
    Е, Наде, Наде, убаво Наде… Не си свесна што пропушташ. Башка, наместо на Санторини, ќе си отидеше во Охрид. А Охрид ти е, нели, “колепката на б’лгарштината”. На Санторини тресат земјотреси и ќе ти свират сиртаки, а Пангалос не ми личи дека е многу подвижен за игра и ти ќе се чувствуваш осамена. А наш Ханџо и игра и пее. Ако треба и “Чакам те да дојдеш” ќе ти ја испее на увце, ќе ти го направи ќефот, само да го решите тоа спорот со јазикот. Не прави му јадови на човекот, ќе се депримира. И, имај малку душа. Ај што појде за Грција, појде. Ама, биваше ли да му го испраќаш Паскал Миљо.

    5. “Интерсити” возот “Зорба” на своето прво патување од Солун за Скопје задоцни 45 минути. Почесните патници што од Скопје тргнаа со автобус за да се качат во Солун на возот, на грчката граница чекале пограничните службеници да се најадат, па да им ги внесат имињата во компјутер и доцнеле на Железничката станица, а возот ги чекал.
    Еден стар чичко, на Македонската телевизија објаснуваше дека и во турско време, на оваа линија, од Скопје до Солун се патувало со некакви “пашапорти” што, всушност, не биле вистински пасоши, туку листови хартија и дека пред пат се пополнувале еден куп формулари.
    И денеска, 125 години подоцна, што се однесува до “пашапортите” што не се пасоши и листовите хартија со еден куп податоци, состојбата е иста. Само возот не е дрвен.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари