РТВ ПАЗАР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:155:"Какодасепропагирановсистем,адасеработикакововреметоодпреддваесетгодини

    1. Баш добро што оваа недела се случи големата фрка околу (не)укинува­њето на РТВ претплатата. Конечно на јавноста ѝ се сврти вниманието кон еден државен проблем, кој токму државните органи повеќе од две години го тргаа настрана, правејќи се како да не постои. Затоа, колку и да ми се разбирливи емотивните настапи на колегите новинари од Македонската радио-телевизија, сепак сметам дека од ова што се случи на крајот пак ќе можат да бидат задоволни. Едноставно, нештото мораше да пукне, за да се почне одново. Не може новина­рите во куќата да пропагираат и да градат нов систем, а да работат како да е вре­мето од пред дваесет години. Сега само им се укажува можноста, тоа што не можеа да го протуркаат повеќе години, вака, преку ноќ, да го постават како првокласен проблем кој, ако веќе државата сака да ги има, ќе мора да си го реши.
    Овој пат монета (и тоа доста вредна) за поткусурување меѓу партиите беше МРТВ. Утре – којзнае кој. Таков им е стилот на работата на државните органи. Се побуниле новинарите дека ќе останат без средства за работа. Големо чудо! Се побуниле стопанствениците дека приватизацијата уште не започнала. Големо чудо! Некому му попречило што повеќе од две години од стекнувањето на независноста на личните карти уште ни пишува СФРЈ. Големо чудо! Се бунат општинарите, затоа што уште го немаат новиот закон за локална самоуправа. Големо чудо!
    Па ајде, белким пред повторното гласање за Законот за радиодифузија партиите ќе направат уште некој закон. И онака критериумите за вредностите веќе се загубени. Без претплата или со претплата, и новинарството влезе во нивните игри на голема врата.

    2. Таман очекувавме оваа недела Уставниот суд, по осум месеци “интен­зивни” размислувања, кончено да ни соопшти дека нема никаква логика меѓу поставеноста на претплатата од 1974 година и новиот Устав на Република Македонија, ова во свои раце го зема Собранието, а Уставниот суд донесе решение за уште поклучен проблем – новите имиња на улиците на Скопје. Со ова решение практично се за­мрз­нува одлуката на Градското собрание за промена на имињата на некои скопски улици и населби.
    Тоа во практиката значи дека новата табла пред влезот на бившата населба “Сингелиќ”, на која сега е напишано “Методија Андонов-Ченто” – не важи. Сиромашкиот Ченто! По втор пат го тргаат.
    Во досегашните расправи проблематично беше дали некое име е бугарофил­ско, гркофилско или србофилско. Откако Институтот за национална историја даде свое мислење, со тоа што спорните имиња не беа земени предвид, сега според Уставниот суд треба да биде клучна некоја одредба на некој иден закон “со кој ќе се уреди начинот на определување и менување на имињата на улиците”. Којзнае какви членови би содржел тој закон. На пример: “Улица покуса од половина километар не смее да носи име на некој истакнат борец од историското минато на Македонија”. Или: “Само булевари на кои има семафори смеат да се именуваат со датуми од славната историја на македонскиот народ”.
    Уставниот суд смета дека ова прашање може да се регулира и со идниот закон за локална самоуправа. Арно ама, бидејќи за да се донесе тој закон е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, а тоа нема да се случи наскоро, се наоѓаме во интересна ситуација, кога цела држава ја слави 100-годишнината од формирањето на ВМРО, булеварот што според одлуката на скопското собрание треба да го носи тоа име, сé уште да биде обележан со “Маркс и Енгелс”.

    3. Многу интересно е последното соопштение на посредникот во грчко-македонските преговори Сајрус Венс. Тој не сака публицитет за преговорите. Грција рече дека нема да преговара за името. Македонија рече дека нема да преговара за името. Па, за што всушност ќе се преговара, ако воопшто се преговара во Њујорк? Или сé е веќе договорено!? Во Вашингтон.

    4. Хелсиншкиот парламент на граѓаните од Македонија деновиве излезе со иницијативата од идната учебна година на Универзитетот да стартуваат студии што ќе траат четири години во рамките на Центар за проучување на мирот. Во програмата на студиите ќе има и наука и практика.
    Мотото на идните дипломирани мировници ќе биде: “Да се подготвуваме како  100 години да ќе има војна, а да се однесуваме како утре да ќе биде мир”.

    5. Вчера во бугарското пристаниште Бургас требаше да стигне брод со хума­нитарна помош во брашно за Република Македонија. Одамна не сме имале таква вест. Владата ќе може да здивне.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари