ШАР ХАРБУР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:72:"Врховниотврачиединаесеттепоглавици

    1. Последниот самит кај претседателот на Републиката ќе биде забележан како историски. Петар Гошев се насмеа. Добро сега, не се насмеа којзнае колку, ама, сепак – се насмеа.
    Насмевката на Гошев беше предизвикана од неговата изјава дека кај претседателот ќе се состанат поглавиците. Ова произлегува од таму што, поради темата, самитот не е меѓупартиски, туку меѓуетнички. Кога е така, на иста маса не седнуваат политичките лидери, туку поглавиците на племињата. Дали во моментот додека Гошев со својата насмевка му даваше историска димензија на самитот, во глава ја имаше сликата на единаесетте поглавици седнати во шаторот околу врховниот врач, како го пушат лулето на мирот. Можеби Гошев смислувал и какви имиња би им прилегале на поглавиците.
    За него, се знае, ќе го викаат Натажениот Був, ама што ли име да им се даде на другите. Дали Бранко Црвенковски личи на Мирна Лисица? Како на Лисицата”ќе ѝ се спротивстави еден Прериски Којот во ликот на Љубчо Георгиевски. Дали собирот кај врховниот врач ќе им го расипе мрморењето на еден Арбен Џафери со поглавичко име Немтурестиот Мрмот? Му прилега ли на Насер Зибери името Надуениот Орел? Или на Драгиша Милетиќ – Голорака Сабја?
    За да биде сé како во стриповите, на собирот на поглавиците недостига уште еден генерал Кастер, што ги испотепал Сијуксите. Бидејќи тој е од друго племе, значи за негова замена треба да бараме некој од странство. Најмногу одговара некој од Контакт-групата. Тие се грижат како ние меѓуплеменски ќе се договориме. Ете, генерал Кастер може да биде Медлин Олбрајт.

    2. А и таа Контакт-група е многу несериозна институција. Неделава не им кажаа на нашите што да прават и нив никаде ги нема. Нема изјави, се отепавме од здодевност. Бранко оди на самити, Лазе ги пакува куферите за Америка, а Ханџо уште проверува кој му рекол на Клаус Кинкел дека, покрај Американците, ќе ни требаат и посматрачи од Западноевропската унија во Тетово.
    Може да дојдат посматрачи, ама само под услов да останат во градот. Немој случајно да им текне да се качат на Попова Шапка. Затоа што тамошните капацитети се веќе пребукирани. Ајде што десет илјади Албанци се подготвуваат со топови да го нападнат Косово (како што тврди белградска “Политика”), па може за време на обуката да настрадаат, туку што нема место ни за одмор и рекреација. Министерот за туризам Лазар Китановски гордо соопшти дека на падините на Шара има 10 илјади скијачи.
    Туристичкиот комплекс “Попова Шапка” е под управување на “Електростопанство на Македонија”. Бидејќи Уставниот суд веќе му забрани на “Електростопанство” да наплаќа по 1200 марки за секој нов приклучок, ете ти начин за компензација. “Електростопанство” никогаш не е зијан. Ако не им наплати на потрошувачите, ќе им наплати на скијачите. Што повеќе скијачи донесе Лазе на Шапка толку поголем ќар за струјаџиите.
    Туку, што правиме сега, кога ќе почне снегот нагло да се топи. Дали скијачите ќе се преориентираат на пливање? Само што тоа ќе биде многу понапорно. Сé ќе се стори кал. А во кал не се плива. Се дави.

    3. Сега, кога ќе оди во Америка, на министерот Китановски треба да му се забрани да ги пропагира убавините на Шара. Немој да ни навалат Американци, да ни ги трошат ски-лифтовите и струјата. Башка, ќе направат некоја беља. Зашто, кај се Американците, таму почнувала војна.
    Оваа теза, стручно, од историски аспект ни ја образложи Латас во интервјуто со Стојан Андов на Сител телевизија. Се бунеше Андов, се бунеше, ама пред фактите на Латас и боговите молчат, а не, пак, Андов. Што може да каже Андов на податокот дека Првата светска војна почнала меѓу Американците и Јапонците во Перл Харбур!?
    По ова историско откритие на “бисерот” од “Силекс”, постои опасност да му се налутат неговите. Да му речат, како бре, душо, заборави на славното српско минато, на Гаврило Принцип, на атентатот во Сараево.. .Џабе ли те учеа сите овие години? Ама од каде да знае, сиромашкиот, кога бил нападот на Перл Харбур, како почнала Првата светска војна, како почнала Втората светска војна, ако не му кажале неговите странски извори?
    По логиката на “Перл Харбур”, Третата светска војна ќе започне во Македонија. А ќе победат “нашите”, како во анкетата на Сител во која луѓето ги прашуваа: “Ако има војна на Косово, кој ќе ја почне?”, а граѓаните одговараа: “Ќе навиваме за ‘нашите'”. Се разбира, ако е здрав и жив Слободан Милошевиќ (како што одговори една госпоѓа), војна воопшто ќе нема. Исто како што ја немаше ни во Хрватска ни во Босна. Освен ако не го изнервираме со скијачите и со Американците кои се тука за да нé потпалат. Како што е мала Македонија, можеби ќе му личи на носач на авиони, па ќе направи напад на Шар Харбур. И така ќе почне светската војна. Србите во улога на Јапонци, ќе ги бомбардираат скијачите, а Американците ќе се исподават во Вардар и ќе ги собираме таму долу, кон Криволак. Освен ако Латас како политички комесар не им се придружи на елитните герилски единици на новата комунистичка партија и не ги протераат Американците и од таму.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари