СИГУРНА ИНВЕСТИЦИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:79:"БранкоЦрвенковскипопатотнаопозицијата

    1. Премиерот Бранко Црвенковски во последно време упорно зборува дека Владата ќе отвори нов инвестиционен циклус и ние си мислиме дека се работи за инвестирање во Македонија. Арно ама, од вчера сум во дилема – дали се работи за вложување во Македонија, или во СР Југославија. Имено, по веста што завчера ја емитуваше агенцијата “Макфакс” дека Македонија е втор по големина вложувач во СР Југославија, дилемата е сосема оправдана. Ако ни е до инвестирање, македонското стопанство веќе дебело  инвестирало – во Србија.
    Делува неверојатно и дај боже да излезе неточна информацијата дека Македонија во изминатите 18 месеци во СР Југославија вложила 400 милиони долари! Да нема недоразбирање, “Макфакс” пренесува изјава на еден функционер на Стопанската комора на Југославија, кој вели дека далеку зад нас по вложувањата во СР Југославија се Кипар, со 130, Германија со 127, Бугарија со 15, САД со 12 милиони долари… Замислете, ние сме имале 400 милиони долари! И сме вложиле над 20 пати повеќе од САД! Ние сме биле поголеми Американци од Американците!
    Не е за чудење тоа што Американците не им даваат на Србите пари. Тие им се непријатели, а ние сме им пријатели. И не е само пријателството во прашање. Мерено со бројките на доларите, изгледа дека македонските стопанственици повеќе си ја сакаат Југославија отколку својата држава. И додека  Владата ветува инвестиции во Македонија, македонските претпријатија инвестираат во Србија. Додека чекаме да дојде некоја странска фирма со 3-4 милиони марки да купи некое погонче во Македонија, македонските претпријатија вложуваат 400 милиони долари во Србија.
    Кој да ти дојде кога ќе слушне дека и домашните го селат капиталот. Изгледа дека македонските стопанственици сметаат дека им е посигурно да вложуваат во Југославија отколку во Македонија. Ионака до денеска не престанаа да жалат за старите пазари, не пронајдоа нешто што не е компатибилно со српските производи, не научија некој друг странски јазик освен српскиот, а и полесно се снаоѓаат во оригиналниот српски економски амбиент, отколку во таму некои капиталистички измислици на пазарна економија во која функционираат и давачки и царини. Којзнае, можеби парите што требаа да останат во Македонија, а отишле во СР Југославија не се бадијала дадени. Можеби луѓето си инвестираат во иднината.

    2. Бидејќи се што е македонско, во исто време е и бугарско, односно не може да биде македонско, ме чуди зошто денешниот празник 11 октомври не го слават и Бугарите. Ако се достојни на принципите на кои ја испишуваат историјата, творците на старо-новата бугарска национална стратегија ќе треба итно да пронајдат оправдување и за прославување на 11 октомври. Не може Македонците да имаат некој значаен датум од нивната историја што не е поврзан со романтичниот дел од бугарската историја.
    Подигањето вооружен бунт против “освободителите” не звучи нималку романтично. Тоа отвара дополнителна работа за бугарските историчари. Треба да се пронајде виновникот зошто “освободителите” тука ги чувствувале како окупатори. “Освободител”, а фашист – колку тоа романтично звучи.

    3. Советот на Европа го спаси претседателот на Република Македонија Киро Глигоров од уште едно свечено отварање. Денеска ќе се пушти за сообраќај новиот булевар “Водњанска”,  а претседателот уште ќе биде во Стразбур.
    Пуштањето на “Водњанска” може да предизвика различни политички реагирања во државата и добро е што оние од Советот на Европа ќе ни го држат претседателот подалеку од дома додека да помине празникот. Реконструкцијата на најтесното грло во главниот град на државата се припишува како успех на скопскиот градоначалник Ристо Пенов. А Пенов е потпретседател на Либерално-демократската партија. Тоа посредно некој може да го протолкува како успех на опозицијата. И замислете овие од СДСМ да му се налутат на претседателот Глигоров ако ѝ отвара пат на опозицијата. Затоа самитот на Советот на Европа дојде како нарачан за празникот 11 октомври.
    Сепак, Глигоров на враќање од аеродром дома, прв пат, по неколку месеци ќе помине по новиот булевар. Бидејќи во тој правец живее и претседателот на Владата Бранко Црвенковски и тој речиси секојдневно од дома до работа ќе се вози по новиот асфалт. Тоа ќе биде и конкретен прилог кон неодамна направениот договор според кој СДСМ по однос на значајните прашања ќе соработува и ќе се договара со опозицијата. На тој начин и Бранко Црвенковски секојдневно ќе оди по патот што му го проби опозицијата.

    4. Од материјалот за јавните набавки на МВР конечно е симната ознаката “доверливо”, во јавноста излегоа илјадниците марки давани за уметнички слики, предмети, коњи и возила, а потсекретарот Диме Ѓурев на пратениците “мртов сериозен” им порача: “Вие имате мандат да прашате за буџетски средства, а ние немаме обврска да кажеме од каде имаме пари во готово.”
    Во која држава во светот пратениците ќе замолчат пред изјава на висок полициски функционер кој едноставно ќе каже: “Полицијата има пари и вас не  треба да ве интересира, ниту пак таа ќе ви каже од каде ѝ се!” Небаре МВР е трговско друштво.
    Се знае дека за сопствените специфични потреби секоја полиција располага со некакви “кеш” пари, ама никој не помислил дека во тие полициски потреби спаѓа и набавка на мебел и уметнички предмети што можат да се платат сосема регуларно, со фактури и со сите давачки а не “на рака”. Сигурно во другите полиции тие пари не ги трошат за мебел. Исто како што е уште посигурно дека таму немаат некој како нашиот  Диме Ѓурев, кој по ваква изјава сигурно би бил повикан од министерот и би му забранил во иднина да дава изјави за јавноста.  Само, кој ќе му забрани да зборува на министерот.

    5. Професорот Никола Кљусев вчера соопшти уште неколку имиња на нови членови на Советот на интелектуалците на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, од понеделник да очекуваме уште една серија деманти.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари