СИЛЕН ТОПУК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:32:"Сезаме,отворисе!

    1. Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Љубиша Георгиевски ја започна својата предизборна кампања главно со критикување на сегашната власт. Меѓутоа, сепак ќе му биде тешко да го обвини актуелниот претседател Киро Глигоров за режирање на изборите. Во тој случај ќе мора да признае дека постои подобар режисер од него.

    2. Сé уште не е докажано дали постои подобар актер од Петар Темелковски, ама неговиот фолклорен настап во Универзалната сала, на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, дефинитивно ми помогна да ја сфатам смислата на животот. Актерот ни порача дека “никогаш не треба да се откажеме од светиот идеал за обединување на Македонија, бидејќи тоа ќе значи дека напразно сме живееле”.
    Сега, соочен со страшното сознание дека досега фактички јас и не сум живеел и крајно депримиран дека годините ми поминувале напразно дури и во оние светли моменти од моето минато кога одев на шопинг во Солун и се капев во Егејот, стојам пред животната дилема: да продолжам да живеам напразно, или да го следам светиот идеал за обединување на Македонија. Па ми доаѓа да викнам: “Перо, не сакам во Охрид! Таму е загадено, здодевно, скапо, нема странци и не ги сакаат скопјаните. Води ме на море!”

    3. Постојната владејачка коалиција, без ПДП, на изборите ќе настапува под името “Сојуз за Македонија”. Или – скратено СЗМ. Бидејќи трите согласки едноподруго тешко се изговараат, ќе ги викаме СЕЗАМ.
    Тука би требало да се крие шифрата на успехот на претстојните избори. Како би му дошло добро на премиерот Бранко Црвенковски да пронајде скриено богатство во некоја пештера, за да му успее економската програма. Па на изборите ќе оди со слоганот “Сезаме, отвори се!” Што на гласачкото тело треба да му асоци­ра дека по отворањето ќе наиде на скриено богатство на Али Баба и неговиате 40 разбојници. Сепак, тука нешто не е во ред. Не е логично светлата иднина да ја бараме во – пештера.

    4. Изгледа дека и лидерот на Демократската партија Петар Гошев е под влијание на приказната за Али Баба, што крадел од богатите за да им даде на сиромашните. Така современо се сфаќа даночниот систем на државата.
    Каде е грешката на Гошев? Имено, тој во кампањата настапува со ветувањето дека, ако дојде на власт, ќе ги намали даноците.
    Пред два-три дена во весниците можеше да се прочита податокот дека данокот на добивка го плаќаат само 50 од сто од приватниците. Па, тогаш кој ќе гласа за Гошев? Што е подобро, да плаќаш помалку данок или воопшто да не плаќаш?

    5. Генералниот директор на скопската железарница Душко Чолаковски рече дека тој може да им обезбеди на работниците една плата, а “ако постои маж кој може да обезбеди две плати, нека повели на моето место”.
    Осумилјадното гласачко тело во Железарницата доби две плати. Значи, имало поголем маж од Чолаковски. Парите се од Комерцијалната банка, ама бидејќи тамошниот директор важи за “стиснат” човек, мора да го притиснал некој поголем маж да го одврзе ќесето.
    Бранко Црвенковски може релаксирано да настапува на изборите. И да не му се даде можноста да го открива скриеното богатство во пештерата, барем си обезбеди работно место. Ќе биде директор на Железарницата.

    6. Од вчера, па сé до денес, македонската јавност и дипломатскиот кор се крајно потресени и мислат на судбината на еден човек. Човекот се вика Бранислав Синадиновски, до вчера министер за надворешни работи во сенка, кој со официјално соопштение им се обрати на јавноста и дипломатскиот кор дека ја напуштил ВМРО-ДПМНЕ. Јака штикла! Или, во превод – силен топук.
    Во образложението за оваа негова одлука стои дека “во ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време не постои демократска клима и елементарни меѓучовечки односи”. Големиот демократ по неуспехот во изборната единица 103 се прослави со демократската парола дека оваа власт може да се урне само на улица, а не по пат на избори.

    7. Парафразирајќи ја паролата на Синадиновски: “Оваа власт може да се урне само на улица”, во “Оваа уредба може да се урне само на паркинг”, младите скопјани тргнаа во акција “Сите на Водно” против декретот на Министерството за стопанство за затворање на кафеаните пред полноќ. Нејќат да спијат, па нејќат. И кога видоа дека младите се жилави, па не попуштаат, им испратија полиција да ги контролира уште на паркингот кај “Панорама”, за да не одат нагоре. Следниот чекор е забрана на движење во групи поголеми од тројца, по полноќ.
    Автор на познатиот декрет е помошник-министерот за сообраќај Јово Векиќ. Господинот Векиќ има богато искуство во угостителството. Бил раководител на студентска менза. Секојдневно го малтретирале студенти. Сега дојде неговото време за одмазда.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари