1. Големо е разочарувањето во македонската јавност, а може да се претпостави и наоколу низ светот, бидејќи, како што можевме со задоволство да слушнеме, нашиот претседател на парламентот бил познат човек, по завршената расправа за оставката на Стојан Андов, која не даде одговор на суштинското прашање за развојот на демократските процеси во Републиката. Малку им е на граѓаните на Македонија што се секираат затоа што некој не сака да нé признае, па сега им треба уште и непотребното одолжување на разврската на случајот од ноќта меѓу 18 и 19 септември минатата година. Инкриминираната ноќ, како што нé потсети пратеникот Александар Флоровски, претседателот Андов ја изговорил реченицата “Чекајте бе, госпоѓата Димитрова сака пак!”, а “што сакал да потенцира со оваа реченица, само тој може да ни каже!”
А Андов молчи. Што е најдобар доказ дека продолжува да манипулира со Собранието. И да дава повод неговите зборови да се толкуват на различен начин. Па тоа ќе го правда со демократија. Демек секој си има право да си мисли што си сака. Арно ама, ако тоа важи за народот, сепак нема смисла барем госпоѓата Димитрова повеќе од половина година да живее во дилема “што сакаше да потенцира господинот Андов”.
Бидејќи ова прашање несомнено заслужува одговор, меѓу другото и затоа што задира во суштината на кревката парламентарна демократија, најдобро е да се формира парламентарна група која ќе ја анализира реченицата од сите аспекти. Пожелно е во работната група да влезат парламентарци кои ќе најдат начин да контактираат со луѓето блиски на Садам Хусеин и Анте Марковиќ. Којзнае, можеби токму критичната септемвриска ноќ Андов бил телепатиски поврзан со своите најверни другари, а инкриминираната реченица ја изговорил според упатствата содржани во тајниот план за уништување на Македонија, со работен наслов “Бермудски триаголник”. За претседател на работната група најдобро е да го постават Митко Анастасовски. Тој, бидејќи е видовит, сé знае. Прашање на политичка проценка е само дали е време да каже. Или ќе остави на историчарите по неколку децении да се занимаваат со настанот што се случи во ноќта меѓу 18 и 19 септември 1991 година.
2. Ноќта и онака веќе дефинитивно влегува во историјата. Премиерот Кљусев во Собранието свечено ни соопшти дека наскоро на сите ќе ни светне. Вели дека нé очекува една нова светлина. Затоа е време уште сега да почнеме да се подготвуваме. Да заштедиме две-три плати за да можеме да си купиме темни очила.
Не е добро сега да се создава нова дилема што сакаше премиерот да каже кога им велеше на пратениците да ги замрзнат амандманите на буџетот до “новата светлина”. Сега засега не се забележува ни некоја посебна навалица по оптичарите за набавка на темни очила. Тоа е уште еден доказ дека претседателот на Владата никој повеќе сериозно не го сфаќа.
Сепак, не е исклучена можноста некој ден да се појави со соопштение Министерството за информации: “Пробудете се, морни копачи и копачки, силно светнал ден!” Топло ќе ни препорача дека пристигнала новата светлина и затоа се наредува сите да си ги навлечат темните очила. Само на тој начин може да ја спаси Владата. Како слепци ќе нé водат како сакаат и каде сакаат и уште ќе им бидеме благодарни дека ни помагаат да го најдеме патот. Така и ни треба. Кога сме слепци и без темни очила.
3. Оттука затоа и не ми е јасно зошто се дигна толку голема врева бидејќи полицијата “им светнала” неколку пендреци на демонстрантите во Куклиш и Радовиш. Тоа било само онака, за да им го покажат патот до дома. Патот до светлата иднина ќе им го покаже некој друг. Не очекуваат белким и на тој пат да стигнеме со интервенција на МВР.
Сега големите демократи од Собранието плачат над натепаниот народ, со гнев зборуваат за пендрек-демократија, формираат работни групи, бараат одговорност од министерот за внатрешни работи, се повикуваат на земјите од Запад. Таму полицијата ич не тепала, дозволува да ја гаѓаат со камења, мирно гледа како се влегува насилно во објекти, толерира блокади на сообраќајниците, се прави луда кога некој го симнува и го кине државното знаме пред највисоката државна институција.
За родените демократи-парламентарци имам само едно прашање. Кога се толку фини и, што се вели, за народот, зошто не протестираат кај службата за обезбедување на Собранието да не ни прават проблеми на нас новинарите при секое влегување и како не им пречи меѓу нив по цел ден да се шетаме со беџовите околу вратот, како бележени? Нели нема од што да се плашат?
А и министерот Фрчковски би можел да биде малку повеќе демократ. Кога ќе бидат следните демонстрации пред зградата на Собранието, нека не пушти ниту еден полицаец. Па нека влезат демонстрантите во зградата. Да почувствуваат малку парламентарците на своја кожа како изгледа демократијата.
4. Пред најавеното “признавање” секој вистински патриот треба на поставеното прашање: “Што си во хороскоп?” да одоговори: “Македонец!”. Еве што велат ѕвездите за овој знак во следнава недела:
ЉУБОВ: Деновите што доаѓаат не ви се наклонети во поглед на емоционалните врски. Внимавајте кому ќе му го отворите срцето.
РАБОТА: Не преземајте никакви активности. И онака ништо не ви поаѓа од рака.
ЗДРАВЈЕ: Главоболките се карактеристични за овој период на годината.
СОВЕТ: Што и да се случи во понеделник, не очајувајте. “Вечер” ќе продолжи да излегува секој ден, освен во недела.