СЛОБОДЕН ЧИН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:121:"СлободатавоСрбијаеограниченасобуквата"Н"накрајотназборот

    1. Боро ни се врати! Во согласност со својата проверена чест и совест, на пратениците на српското собрание категорично им рече: “Пу, не играм!”
    “Тато, пушти ме барем уште малку да бидам претседател!”, жално залелека Борисав Јовиќ. А тато е многу строг. Тепа и знае само да наредува, бара и инсис­тира. Остро рече: “Ајде сега, Боро, на работа!”. И Боро мирно и достоинствено се врати во Југославија.
    Целата земја знае дека претседателот на нејзиното Претседателство не прифаќа политика на свршен чин. Неговите настапи се СЛОБОДЕН чин. Како што ќе каже СЛОБОДАН.

    2. Слободен чин е и самоиницијативноста на социјалистичкиот пратеник Александар Бакочевиќ. Спонтано собра 130 потписи за разрешување на Риза Сапунџија од функцијата член на Претседателството на СФРЈ од Косово. Собранието на Србија постави нов член. Се вика Сејдо Бајрамовиќ. Собранието на Србија слободно го врати во Претседателството и Борисав Јовиќ. Собранието на Србија сега ќе избере и член на Претседателството од Војводина.
    Кога веќе собранието на една република поставува тројца членови на Прет­седа­телството, јасно е дека се работи за нерамноправност. За да се обезбеди рамноправност и гласање како што ќе сака тато, Собранието на Србија ќе постави членови на Претседа­телството од Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија. Словенија може да оди по ѓаволите. За Црна Гора важи истото: “Наредувам, барам и инсистирам!”. “А сега Буќин, на работа!”
    И сите ќе живееме слободно.

    3. Тоа што си играм со “светото” име Слободан и си дозволувам да го преведувам на македонски, веќе е доволен знак за агилниот пратеник Батриќ Јовановиќ да посочи до каде дошла насилната македонизација. Ете, таа не завр­шува само на оние “неколку илјадници насилно македонизирани Срби во Скопска Црна Гора”, туку оди дури и до претседателот на “сите Срби во една држава”.
    Пратеникот за сите времиња е познат по својата приспособливост. Отсе­когаш бил лојален на врвовите на српската политика. Затоа нема да му падне тешко кога до него ќе допре насилната македонизација. Ќе се вика Батко Јовановски.

    4. Слободан Милошевиќ, кој е научен само да зборува, минатата недела мораше и да разговара. Студентите од Белград му поставија многу незгодни прашања. Па некои општин­ски одбори на Социјалистичката партија на Србија изразуваат “чудење и незадо­волство затоа што голем број студенти не покажале ни елементарна пристојност, воспитување и култура. Жалосно и бедно изгледале младите момчиња, желни за власт, кои барале оставка на Слободан Милошевиќ”.
    Е па претерале. Мора да се знае дека слободата во Србија е ограничена. Со едно “Н” – на крајот на зборот.

    5. Европскиот парламент најде причина да ја стави состојбата во Југославија на дневен ред на своето заседание. Сојузниот парламент таква причина – нема. Дури, претседателот на Собранието, Слободан Глигориевиќ, изјавува дека “нема причина да не му верува на Претседателството на СФРЈ”. Иако има толку детинест претседател што еднаш сака, а вторпат не сака да си игра. Па чекаат иницијатива. Потоа ќе чекаат уште десет дена, зашто само така, според деловникот, може да се “свика” заедничка седница на двата собора.
    Во меѓувреме Глигориевиќ ќе вежба строев чекор. И ќе чека да дојде 27 март. За тој датум во Белград се закажани два паралелни митинга. Социјалис­тичката партија на Србија на Теразие ќе организира концерт за да го одбележи денот кога пред 50 години народот му се спротивстави на фашизмот. Опозицијата на Плоштадот на Републиката ќе се обиде на истиот ден кога пред 50 години Србија му рекла “Не!” на фашизмот, сега да му рече “Не!” на комунизмот.
    Во 1941 година главниот збор го имаше војската и еден генерал. Луѓето извикуваа: “Подобро војна, отколку пакт!” Секакво паралелно поврзување на овие два историски датума го сметам крајно злонамерно и тенденциозно.

    6. Македонија конечно доби влада. По повеќе од четири месеци откако се одржаа изборите. Премиерот Кљусев нé замоли да не го вознемируваме и во наредните 100 дена.
    Штета! Баш сакав нешто да кажам.
    Уште 98 дена…

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари