СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:100:"Созаконотзаденационализацијанемадасевраќаништо

    За време на последните претседателски избори во САД, во есента 1996 година, една група македонски новинари беше примена од одговорната службеничка за Македонија во Стејт департментот. Слушнавме многу убави работи за нашата земја, дека демократските односи добро се развиваат, дека имаме хармонични меѓунационални односи, дека приватизацијата напредува, дека со соседите речиси и немаме проблеми.. . Одеднаш, среде излагањето на службеничката, еден од групата новинари дигна рака и ја прекина со прашањето: “Извинете, дали зборувате за истата земја во која живееме ние, или можеби сме ја згрешиле канцеларијата?”
    Какви сме неблагодарни, сега би можеле и на заменикот на државниот секретар Строб Талбот да му префрлиме дека ја згрешил државата во која престојуваше пред неколку дена и дека говорот што го прочита во МАНУ му бил подготвен за некоја друга држава. Ама, тоа не држи. Господинот ги споменуваше Охрид, Кирил и Методиј, пастрмката. Добро, не ги спомена Битола, Гоце Делчев и ајварот, ама тоа не е причина да му се налутиме дека не нé познава баш најдобро. Има време, ќе не научи. Впрочем, нели токму тој ден дозна дека во МАНУ немало ниту еден Албанец – академик.
    Некои можеби ќе тврдат дека со говорот на Талбот, навистина, имало некоја грешка. Дека можеби му го подметнале службите на Владата. Други веќе искоментираа дека би било добро Строб Талбот да наврати во “земјата на чудата” некаде наесен, во ек на предизборната кампања за да му помогне на СДСМ. И тоа е злобна инсинуација. Зар требаше да дојде некој американски функционер, да одржи предавање, и ние да станеме свесни колку убаво живееме. Ние тоа го знаеме многу подобро од него.
    Убаво е што нé потсети на Кирил и Методиј. Затоа што ние не сме свесни дека имаме историска мисија, слична на мисијата на храбрите монаси што тргнале на пат низ сегашните Чешка, Русија, Украина, Словачка и им помогнале да се отворат кон надворешниот свет. Затоа и сме си ги прогласиле нашите Кирил и Методиј за светци. Американскиот гостин ни ги отвори очите и ни укажа дека и нашето сегашно чекорење кон Европа и отворање кон надворешниот свет е по стапките на Кирил и Методиј. Којзнае, можеби по неколку века, и нас ќе нé прогласат за светци. Како ли ќе нé викаат, ем да не се налутат тие што нé водат по патиштата на св. Кирил и Методиј ем да им се оддаде признание на тие што се мачат на тој пат? Можеби, “Свети СДСМ и два милиона маченици” би било најсоодветно име!?
    Сега е јасно зошто Македонија чекаше да биде последна која ќе го донесе законот за денационализација. Вредеше да се чека, зашто, конечно, добивме оригинален закон. Такво нешто не е видено досега. Законот предвидува враќање на неправедно одземените имоти, на тој начин што нема да се враќа – ништо.
    Теоретски гледано, некој што се родил токму во времето кога му биле одземени имотите на неговите родители, би можел да очекува некаков надоместок кога ќе наполни 90 години. Теоретски гледано, ако неговите имале големи имоти, тој ќе се задоволи со 60 отсто од вредноста на имотот, ама да гледа да не му е повисока од 100 илјади марки и нека почека до 2000 година и нека почне да ги собира парите за таму некаде во 2030-тата да си купи двособно станче. Што ќе му е повеќе на 90 и кусур години!? Башка и не заслужил штом чекал да наполни 90 години, а не заработил ни за еден стан, ама ајде, државата е праведна, па нека ја искористи.
    За министерот Таки Фити сосема е неважно дека законот, ако се усвои, ќе биде неуставен. Оправдувањето е дека тоа е “специјален” закон. Значи, закон што ѝ треба на власта затоа што е притисната од надвор, а што не мора да значи дека ќе се применува, бидејќи, ако веќе не го оспори Уставниот суд, можеби ќе падне во идниот состав на Собранието. До 2000 година, сепак, има уште две години.
    Законот треба да се донесе за да се исправи една историска неправда. Ама, изгледа дека најтешко се исправа неправдата што самиот си ја направил. Никој не го тераше СДСМ да се повикува на континуитетот на стариот СКМ и на уште постарата КПМ. Кога требаше да се задржи имотот на старата партија, тоа беше добра инвестиција. Ама сега, кога треба да се враќа имотот што старата партија го зела на времето, излегува дека неправдите биле многу криви, па сега е тешко да се исправат.
    Треба да се разбере министерот Таки Фити. Најважно е кога тој вели дека со овој закон се изразува волјата на државата за враќање на имотите на граѓаните. Е па, кога веќе државата има добра волја, можат ли нејзините државјани да бидат толку неблагодарни? Нека покажат и тие добра волја кон државата и нека се откажат од имотите.
    Државата, навистина, понекогаш има големи проблеми со неблагодарните граѓани. На пример, со социјалните случаи. Замислете, се регистрираат како социјални случаи, примаат помош, а дома имаат автомобил. И што е уште пострашно, наместо да го регистрираат и да ѝ платат на државата , тие си ги чуваат колите за џабе и се жалат дека немаат пари за регистрација.
    Е не може. Отсега, сите што имаат старо “фиќо”, “застава” или некоја друга крнтија од времето кога не биле социјални случаи, има да ги продадат, ќе се збогатат со најмногу 1000 марки, па после нема да им треба социјална помош.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари