УТЕШЕНИЕ ГРЕШНИМ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:31:"Чакамтедадоѓеш

    1. По приемот во НАТО и асоцијативното членство во Европската унија, не е никаква трагедија што Македонија не беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност. Посебно што сега се гледа дека сите знаеле дека немало шанси да нé изберат. Тоа не значи дека не беа потхранувани лажни надежи, ама овој народ е наклонет кон заборавање. Кој уште се сеќава на прикаските за јужното крило на НАТО и за брзото потпишување спогодба со ЕУ? Така ќе го заборавиме и ова гласање во Обединетите нации.
    Кога ќе се размисли трезвено,  резултатот од гласањето – 140:30 не е разочарувачки. Замислете пред тоа да не се откажеше Белорусија! Вака, ние сме пак во ќар. Ем собравме 30 гласа, ем сме се промовирале во светот. Велат дека ова било шанса да се чуе за Македонија. Сега подобро нé познаваат. До сега можеби не знаеја дека имаме нерешени проблеми со сите соседи, дека имаме трупи на ОН да нé чуваат од конфликти и дека со привремено име фигурираме како територија, а не како држава во Светската организација. За внатрешните работи да не зборуваме. Тоа и не мораат да го знаат. Зошто ако дознаеја како ги решаваме работите дома, сигурно ќе ни дадеа можност да се покажеме како да ги решиме работите во светот.
    Штета што со Генералното собрание на ОН не претседава нашиот Тито Петковски. Да ги броеше тој гласовите, како што ги брои во македонското собрание, сигурно ќе ја победевме Словенија. Или, во најлош случај ќе прогласеше немање кворум и ќе го презакажеше гласањето.
    Сепак, не е сé така црно. Ете државната телевизија веднаш зад резултатите од гласањето ја залепи веста дека нашиот амбасадор во Женева Гоце Петрески бил избран за претседавач на некој комитет, како врвен доказ за тоа колку нé почитуваат. Не е важно што не станавме членка на Советот за безбедност. Важно е што го избрале нашиот Гоце. Така, кога веќе Тито не можеше да заврши работа, Гоце ни доаѓа како утеха.

    2. Попусто. Изгледа дека стануваме сé повеќе неутешни. Се сожали и германскиот вицеканцелар и министер за надворешни работи Клаус Кинкел, па на пропатување од Бугарија се задржа неколку часа во Скопје, да ни каже колку тие емотивно гледаат на Македонија. Ни кажа јасно и гласно дека сега засега немаме шанси ни за НАТО, ни за ЕУ, ама потпишавме спогодба за културна соработка. Колку за утеха. А тоа што ги спомена и либералите, нема никогаш да му го простиме. Се знае кај нас со кого треба да најде заеднички јазик.
    Толку ли сме грешни, што сите што ни доаѓаат чувствуваат обврска да нé тешат? Уште малку и ќе се расплачат над нашата судбина. Па нас не ни е толку лошо. Полошо ни е.

    3. Дали по онаа скандалозна вест за вложените 400 милиони долари од Македонија во СР Југославија и по бројните реакции и деманти ви стана нешто појасно? Прво рекоа дека била грешка во запирката и дека така погрешната бројка била погрешно и прочитана. Потоа рекоа дека не се работи за 400 милиони долари, туку за 400 милиони марки. Потоа рекоа дека не се работи за милиони, туку за илјади. Потоа рекоа дека тоа не се вложувања, туку износот на размената меѓу двете земји. Арно ама, бројките од размената покажаа нешто сосема друго.
    На крај излезе дека нема ништо. Дури и портпаролката на југословенската комора ни порача дека за тоа не треба сега да паѓаме во несвест. Барем за Македонија е јасно. Тука ништо не остана. Нека му ја мислат Србите што ќе прават со толку пари. Колку за утеха, да го прифатиме објаснувањето дека тоа не се наши пари, туку Србите само си ги повлекуваат сопствените пари кои за време на војната ги “переа” преку мешовити фирми во Македонија и Кипар. Тие пари, наводно се враќаат дома, во онаа Србија на Милошевиќ, во Србија што ја започна војната, во Србија што не ја сакаат во ниедна меѓународна организација и од која меѓународните финансиски институции бегаат, во Србија во која нема демократија, ни пазарно стопанство ни приватизација. Наместо да ни ги остават тука, во оазата на мирот, во развиената демократија, во пазарното стопанство на приватизиран капитал кој само што не започнал со новиот инвестиционен циклус.

    4. ВМРО-ДПМНЕ одвај ја дочека веста за 400-те милиони долари, да му врати мило за драго на СДСМ за обвинувањата за бугарофилство од пред еден месец. Ај сега! Вие нас – бугарофили, ама ние вас – србомани. Ние сме за поблизок однос со Бугарија, а вие вложувате во заедничката иднина со Србија. Сакаш змија, сакаш магаре. Па кој дојде – дојде.
    Во екот на фестивалските вечери на “Макфест” слушнав едно интересно размислување која песна би била вистински хит во Македонија. “ЧАКАМ ТЕ ДА ДОЃЕШ”!

    5. Ќе почне исплатата на првата рата на таканаречениот кредит на ограбените штедачи на ТАТ.  Еве како одеше цела операција. Прво ги ограбија штедачите. Бидејќи не сакаат тоа што го зедоа да го вратат, сега и ним, ама и на сите други ни рекоа: “Дајте пари за да ви ги вратиме парите”. Тоа ти доаѓа како второ ограбување, само овој пат на сите граѓани. Бидејќи кога се донесе со законот требаше да му се даде на секое домаќинство по 500 марки, ама во меѓувреме со девалвацијата ќе им дојдат по педесетина марки помалку, значи дека ќе  присуствуваме и на трета кражба. Нема врска. Ќе им го платиме и тоа.

    6. Минатиот викенд беа доделени 11-октомвриските награди за  најуспешните научници, културни работници, стопанственици.. . Штета што нема 11-октомвриска награда за најупешни криминалци. Комисијата би имала многу работа. Конкуренцијата во таа област е многу голема.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари