УЗО ЕКСПЕРИМЕНТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:40:"Оваакартаепогрешна!

    1. Чувството на експериментално глувче сум го имал повеќе пати откако Македонија започна да се вклопува во меѓународната заедница како независна држава. Овој пат истото се случува и во Барцелона, во Шпанија. Една младинска организација, што околу себе ги собира младите од Каталонија што се заинтере­сира­ни за меѓународните односи, инаку финансиски поддржана од Европската унија, се зафати со еден проект, наречен “Мир во Македонија”, во чии рамки глав­на­та идеја им беше во Барцелона да направат директен контакт меѓу младите од Македонија и Грција.
    Нашата држава ја претставуваше делегација на Младинскиот совет на Маке­донија. Грците, онака параноични, некој нешто да не им спакува зад грб, испратија младинска невладина организација од Солун (демек од нивната Македонија). А за да не се случи нешто, којзнае што си мислеа дека ќе се испотепа­ме меѓу себе на балкански начин (!?), во Барцелона доведоа и медијатори од слични младински организации од Италија, Франција и Португалија.
    Како еден од делегацијата си земам за право да го дадам и првиот извештај. Колку за почеток – не беше лошо. Накусо, тие сфатија дека да се седне на иста маса со нас и не е толку опасно, и ние и тие сфативме дека постојано да се протес­тира кога тие ќе го споменат името ФУРОМ, а ние Македонија, нема никаква смисла, а не беше лошо и да се потсетиме како се игра сиртаки, обоено малку и подмачкано со узо. Впрочем, немаше никаква смисла да се верува дека две неформални младински организации од Солун и Скопје во Барцелона ќе го решат она што нивните влади не можат да го решат во Њујорк и дека претстав­ниците од Шпанија, Италија, Португалија и Франција, што до вчера за Македонија знаеле само како за име на салата, се поуспешни медијатори од Сајрус Венс и Метју Нимиц.
    Тоа што Грците на овој собир испратија историчар, воопшто не беше проблем за нас. Едноставно, одбивме да разговараме за историја и политика, обиду­вајќи се да најдеме некои секојдневни начини за соработка и дружење. Тие, бидејќи се будеа и легнуваа со мислите кон Александар и Филип, инсистираа пред да почнеме што и да дискутираме, да ни ја образложат историјата. И така стигнавме до нашето вино “Александрија” (за инает) и нивното узо “12”, па медијаторите многу успешно се вклучија во основата на целиот проблем. Наутро не можевме да ги разбудиме, толку беа опфатени со идејата како да ни помогнат што побргу да ги снема меѓусеб­ни­те разлики (меѓу виното и узото).
    Експериментот беше во тоа што Каталонците толку се беа амбицирале дека ете и тие ќе влезат во историјата на Балканот, што еден ден предвидоа секоја делегација да го изрази својот став за политичкиот проблем. Како да е тоа некоја расправа за заштита на глувците во граничниот појас или несогласување во извид­нич­ка­та организација во поглед на тоа кое место да се одбере за кампување. Луѓето не сфаќаат дека било каква расправа околу политичкиот проблем е еднак­во емоци­онал­но болна и за нас и за нив.

    2. Организаторот смисли и како да се дружиме. Нé сместија во некое пре­правено училиште, ставиле по училниците околу петнаесет кревети на кат и – сите заедно! Демек, ќе ги здружуваме. Грците веднаш побараа да бидат изолирани. Којзнае што мислеа што ќе им направиме на спиење. Иако, во поглед на сместува­ње­то требаше ние да вложиме протест. Тоалетите и тушевите беа надвор – според рекламниот слоган на Шпанија “Сé под сонцето”, а во Барцелона и не беше некоја голема горештина среде декември. Тука бевме ставени во нерам­ноправна позиција. Грците научени во спартански стил, без проблем ги совладуваа тешкотиите на туши­ра­ње на отворено. А ние, со традицијата на турски амам бевме целосно фрустрирани.
    Што се однесува до програмата за подготвување национални вечери, бевме еднакви, си ги направивме нашите специјалитети, им рековме на домаќините дека се грчки односно македонски, а тие се турски. Дури мислам дека малку бевме и супериорни. Во грчката делегација имаше една девојка, што на официјалните разговори седеше зад машките, дури не ја ни претставуваа. Потоа сиромашката ја стегнаа за грчката вечер самата да подготви храна, за повеќе од триесет луѓе. Тие се појавија како гости, кога веќе сé беше поставено на масата, па нашите девојки протестираа кај медијаторите, не врз национална, туку врз женска основа, ставајќи ја Гркинката во сопствениот табор со образложение: “Белким не ја доведовте со себе само да ви готви”.
    Македонската делегација ја водеше една остра госпоѓица, што на историча­рот од Солун му заигра сиртаки, колку така за да го исшокира, ама не ја бива за готве­ње. Сепак, во интерес на идната соработка, решивме македонската вечера да ја подготвува мешан тим од момчиња и девојки, зашто, во спротивно, ако шефицата нé натераше само нас машките да готвиме, а тоа го видеа Грците, тогаш дефинитив­но ќе речеа дека “таа држава нема да ја признаеме” никогаш, дури и да си го сме­ни името.

    3. Уште една интересна случка: Бевме гости на Центарот за истражување на етнички групи, малцинства и националности. Само што влеговме, нé пречека една огромна карта на Европа, меѓутоа пребојадисана според распространетоста на национал­ностите. И нормално – на неа Македонци токму таму каде што Грците не сакаат да бидат – кај нас и плус во Егејска и Пиринска Македонија. Потоа се појави еден професор кој објасни дека тое е резултат на најново истражување на национал­ностите и нивните малцинства во Европа, дека на тој проект работеле стручњаци во сите земји во Европа, освен од Грција, зашто властите од Атина тоа не им го дозволиле. Ситуација: “Нам ни е удобно, а нив им е незгодно”, ама…
    Прво следи грчко објаснување: “Грција не е фашистичка земја (тоа никој не го натера да го рече, бидејќи никој такво нешто не тврдеше), ама таа мора да води сметка кој ги прави картите и затоа не го дозволила овој проект на нејзина територија”. И еден бисерен додаток кон ова: “Ако ни направат ваква карта, тогаш тие луѓе ќе бидат малцинство и ќе бараат правда и рамноправност”. Замис­ли! А такви луѓе не постојат. Како тогаш може да бараат рамноправност?
    Средбата во Центарот помина многу интересно. Професорот смирено објас­ну­ваше, Грците излегуваа со пенкала на картата, му влегуваа во збор, протестираа што го употребува зборот Македонија и на крајот еден член на делегацијата, инаку актер по професија, му рече сосем јасно: “Оваа карта е погрешна! “А надежниот историчар, како заклучок, наместо благодарност му стресе: “Во иднина кога ќе правите карти треба да бидете повнимателни”.
    Ние бевме сосема коректни. Уста не отворивме.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари