ВИВА ЕСПЕРАНЗА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:72:"Ревизијанаполитикатанаеквидистанца

    1. Граѓаните на “Република Касандрија” никогаш не се наоѓале во потешка состојба. Токму во моментите кога се подготвуваат да се збогуваат од омилената им венецуелска сапунска серија, извршена е тортура на сетилата, подривање на системот на живеење и се создава комплетен хаос што се заканува од темел да ја урне нашата горда касандриска чест.
    Не бидуваше ли аферата со семејството Глигорови да се објави барем една недела подоцна, кога ќе завршеше и последната епизода од “Касандра”. Сега сме ставени во тешка, речиси неподнослива состојба. Може ли да се секираме за бракот на шефот на државата токму сега, деновиве, кога Ранду умира на градите на Касандра, а Ерминија лежи во болничка постела. Вреди ли да се грижиме за наследството на Глигорови и за нивните контакти со адвокатите, сега, кога конечно Касандра го пронајде тестаментот на Алфонсо. Кој ли ќе се заморува со приказните за довршување на атентатот врз Глигоров, кога се разоткрива фотороботот на Росаура како убиец. И како да ни наврат солзи на очи на изјавите дека бракот на Глигорови ќе трае сé додека смртта не ги раздели, кога на Хема ѝ снемаа солзи за плачење по докторот Роберто што ја напушта.
    И – згора на сé, во серијата се појавува нов лик, навредената Есперанза (што на македонски би значело Надеж или Нада), која го прави расплетот уште поинтересен, кога со кафе-муабет со новинари ја раскажува приказната за семејството Ароча. А штом се појави жена, веќе нема контрола на случувањата. Не за џабе рекле, жената може да те направи везир, ама и резил.
    Ете, гледате што сé направи Касандра. Снимија цела серија од 150 епизоди. Се убиваат заради неа, лежат во затвор, страдаат… А таа си стои настрана и во неформални разговори им се жали на сите околу неа.

    2. Ова што сега се случува со претседателот на државата е само уште една потврда на исправниот курс на надворешната политика на државата, така што аферата нема да предизвика последици на меѓународен план.
    Кога во нашата омилена татковина “Касандрија” толку многу сме зборувале за сакање, а не за омраза? Љубовта е секаде околу нас. “Водете љубов, а не војна”, им порачуваше претседателот Глигоров на сите во непосредното соседство и затоа толку го почитуваат надвор од земјата. Само ние тука, дома, одвреме-навреме му забележувавме дека за некои работи не заземал тврд став. Му наоѓавме оправдување во искуството, во годините, во тактизирањето со време, создавањето соодветна атмосфера за акција…
    Глигоров отсекогаш бил за решавање на отворените прашања со преговори. Ако треба и со медијатори. Затоа цела нација сите овие денови ја чекаше неговата ќерка Донка да допатува од Њујорк, да посредува во спорот. Таа, некако, во колективната свест ни доаѓа како потсетување на доаѓањата на Сајрус Венс и Ричард Холбрук.
    Што се однесува до глобалната ориентација за Европската унија и НАТО, и овој пат е добиена потврда дека “Република Касандрија” е на вистинскиот пат. Дека работиме по американски модел, тука веќе нема дилеми. Секоја споредба со Клинтон е беспредметна. Ние веќе сме ги надминале нивните стандарди и пред нив сме најмалку триесет години. А што се однесува до Европската унија, тука веќе можеме да очекуваме сопки од Грција. Тие грижливо ја негуваат историјата на љубовта на Папандреу и сега може пак да нé обвинат дека им ги крадеме традициите.
    Единствено, доведена е под знак прашалник политиката на еквидистанца. По сé изгледа, претседателот прифатил нешто од сугестиите на опозицијата дека не може да се однесува подеднакво кон сите, кога од нив не добива исто. И така, политиката на еквидистанца падна на примерот на Есперанза и Кате.

    3. Европа како Европа, секогаш доцни со реакциите кога станува збор за Балканот. Додека се договорат, додека ги испреведат документите на сите европски јазици, додека формираат екипа, Американците веќе летаат преку Атлантикот и доаѓаат директно на местото на настанот.
    Началникот на Здружениот генералштаб на воените сили на САД Хенри Шелтон, завчера допатува во Македонија со специјална задача. Насекиран дека веќе цела недела не се јавила ниту една жена со тврдење дека имала некаква љубовна врска со него, американскиот претседател Бил Клинтон, го испратил својот началник да ја испита можноста за интервенција на специјалните сили на САД, да ја киднапираат советничката Кате Коцевска. Клинтон бил многу љубопитен што е тоа што му предизвикало афера на касандрискиот врховен командант. А и Хилари била многу навредена. Покрај толку неважни службенички што се врткале по одаите на Белата куќа, за што не вредело да се разговара дури ни со новинарите, не ќе беше лошо Били да фрлеше некој поглед и кон повисока функционерка, од типот на советничка за култура.

    4. Раководството на ДПА направи голема грешка што токму деновиве реши да ги напушта институциите на системот и да прави секојдневни митинзи во Гостивар. Глупаво влегуваат во кадарот на “Касандра” и без потреба ја оптоваруваат фабулата. Наместо да се концентрираме на драмата на натажената Венецуелка, сега уште треба да мислиме и на Руфи Османи.
    Па и тој Руфи! Го сметавме за попаметен политичар. Се оди ли в затвор во исто време кога од таму уште не е излезен Луј Давид? И после очекува народот да мисли на него, а не на љубовта на Касандра. И не Луј Давид, туку Османи е навистина за жалење. Оти, вљубениот до гуша, заглави в затвор поради Касандра. А зошто заглави Руфи?
    Немаше да биде никаква штета, ако и Руфи го затвореа поради љубовна страст кон жена. Можеби немаше национално да му одговара да се “затреска” во некоја Нада или Есперанза. Ама, ќе признаете, подобро ќе му беше да му го “смести” некоја Шпреса отколку Арбен или Мендух.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари