ВОЕНА ПАРАДА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:97:"ВоАнголазавршиграѓанскатавојна.ДалекуеАфрика...

    1. Први мај го прославивме работно, свечено и величествено. Како во старите добри времиња. Со многу говоранции, аплаузи, безброј разновидни знамиња и тенковско дефиле на братството и единството.
    Еуфоричното славје со пеење револуционерни песни и пукање од сите видови оружје – продолжува, на општо задоволство на сите кои во последните неколку месеци нé плашеа со граѓанска војна. На свечената трибина останаа непополнети местата предвидени за главните команданти Туѓман и Милошевиќ. Воената парада се изведува со боева муниција, па се препорачува нејзино следење од пристојна далечина.

    2. Откако командантите, на својата прва средба во Караѓорѓево, ја отворија годинашнава ловна сезона, териториите на кои го гонат дивечот станаа места опасни за живот. Тогаш се договорија да ја суредат Југославија, најдоцна за два месеца. Крајниот рок, од кога треба сите среќно и весело да живееме, во братска слога и вечен мир, е 25 мај.
    Среќниот живот се одлага на неодредено време. Спорот настанал во моментот кога не можеле да се договорат кој од нив двајцата ќе ја прими штафетата.

    3. Штета! Беше предвидено последен носител на штафетата да биде про­славениот четнички војвода Воислав Шешељ. Во прошетките низ српските земји, растурени насекаде низ светот, тој секогаш е присутен на вистинското ме­с­­то во вистинско време.
    Бројните милиционери, кои за 2 мај, во организација на кумановската под­ружница на СК – Движење за Југославија, се најдоа на пикникот во кругот на манастирот “Св. Прохор Пчињски”, попусто го очекуваа. Војводата имаше неодложна работа да ги храбри и повикува на освета Србите на мировниот митинг на Плитвице. На “светата српска земја” околу манастирот “Прохор Пчињски” и онака покрај српската милиција имало доволно граѓани од јужна Србија. Освен тоа, војводата Шешељ веќе го “снимил” теренот околу манастирот, уште минатата година, кога за Илинден ги симна обележјата на македонската државност. Па сега може да премине во напад кога сака. Само да ја заврши работата во Хрватска.
    Шешељ го “сними” и теренот околу Куќата на цвеќињата во Белград и дојде до заклучок дека е “многу незгоден за напад”. Сепак, за денес најавеното уривање на Титовиот гроб се одлага. Иако Шешељ се фалеше дека ако треба дури и ќе легне под тенковските гасеници.
    На што офицерот на гардата, задолжен за безбедноста на Меморијалниот центар на Дедиње, потсмешливо реагирал: “Какви гасеници? Ќе го натепаме со стапови!” Рачки од тапан!

    4. И по Тито – Тито. Денес, во 15,05 нема да свират сирените. Свиреа вчера. Редовна проверка на системот за тревожење секој прв петок во месецот.
    Култ-песната со изменет наслов: “Другар Тито – ние ти се кол(н)еме!”
    Во Македонија, досега неправедно запоставуваното одбележување на смртта на Гоце Делчев, кој ја имал таа несреќа да загине на ист датум како Тито, годинава доби нагласено значење.
    Меѓу другото, стиховите на една новокомпонирана народна песна која деновиве се емитира на радио-брановите одат вака:
    “…Песна за Гоце пееме,
    со него се гордееме,
    сите му се колнеме,
    по негов пат ќе појдеме…”

    5. Вечерва на Песната на Евровизија боите на Југославија ќе ги брани Беби Дол со песната “Бразил”. Лани, “Ајде да лудуваме” на Тајчи ме асоцираше на секогаш насмеаниот Анте Марковиќ и на неговата програма што токму во тоа време почна да дава опипливи резултати. Во денешнава политичка ситуација поврзувањето на името на една латинско­американска земја со реалноста, колку и песната и пејачката да се весели, буди непријатни асоцијации. На пример: хипер­инфлација, сиромаштија, воена диктатура…

    6. Во Ангола заврши граѓанската војна. Владата на анголскиот претседател Едуардо Душ Сантуш и разбунтуваното движење Унита по 16-годишната војна постигнаа согласност за трајно примирје.
    Далеку е Африка…

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари