ВРХОВЕН ТОКМАК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:113:"Воекономскатапустошможеданéспасатсамо"Нестле"чоколади

    1. Собирајќи го последниот атом од истрошената македонска сила, кој остана  благодарејќи на моето дрско и некооперативно однесување кон македонските србокомунисти кои ми беа мачители во занданата наречена Југославија, решив да си го соберам достоинството што, како што научно втемелено ни објасни Љупчо Георгиевски, ми паднало на најниската гранка. Арно ама, апокалиптичното пророштво на војводата од Делчево, кој со помош на астролошките испитувања вршени во Бугарија ни најави економска пустош, ми ја уби секоја помисла на животот во независна, суверена, самостојна и обединета Македонија. Тоа, комби­ни­ра­но со најновото сознание дека “тие што треба да го прават тоа немаат визија, способности и не знаат како да го направат тоа”, плус – големото разочарување дека­ но­ва­та македонска парична единица нема да се вика “лев” и конечно, суровиот реален факт дека отсега, па натаму, забавно-хумористичната серија “Директен пренос од Собранието на Македонија” ќе биде посиромашна за актерските мајстории на Љупче, ме фрлаат во длабок очај, така што навистина сум загрижен кога ќе можам да соберам барем уште еден атом да си го подигнам достоинството, на барем една гранка погоре.
    Длабоко свесен дека во овој тежок момент за македонската држава не смеам да излезам предавник и да трошам инфлаторни српски динари за книжни марамчиња “Палома” или, скраја било, за “Целекс” од САО Бања Лука, се воздржувам да не заридам. Иако, од друга страна, според количеството на солзите кои можам да ги пуштам за Љупче, можам да помогнам за подобрување на електроенергетската ситуација и да ги наполнам акумулациите на напатената ни татковина.
    Сепак, ми се чини дека од овој дополнителен труд нема да има потреба. Едно­ставно, не верувам во никакви балкански пророштва сé додека нив не ги потврди на овие простори веќе докажаниот видовит Митко Анастасовски. Бидејќи тој тоа не го стори, нема потреба од тревожење на јавноста.
    Освен ако дополнително не се возбудивте поради оставката на Драги Арсов. Јас лично за тоа немав време. Бидејќи Драги и Љупчо, како што беше речено, и дошле и си отишле во пакет, се занимавав со одгатнување на дилемата: Кој на кого му е машничка? И си замислував како стои машничка на пакет завиткан во полукартонска хартија за пакување од софискиот ЦУМ.

    2. Впрочем, суштинското несогласување на Љупчо е во пакет-аранжманите на останатите од македонскиот врв. Мислам дека последниов пат најмногу го изнервира Васил Тупурковски. Кога слушна дека Циле од Америка ќе ни донесе “Нестле” чоколадо и уште кога виде како србокомунистичките и необолшевис­тички новинари се радуваат на подарокот на вујче од Америка, реши и него да го спомене во своето најново дело “Критики на мудрата, разумната и слатка македон­ска политика”. Во кое едно цело поглавје се занимава со прашањето: Како можеше Циле, без да се консултира со никото, да прави предавнички разговори и на нео­свес­те­ни­от македонски народ да му нуди “Нестле” чоколада, кога според бугарски­те астролози ни настапува период на тотален економски хаос?
    Во таква ситуација, којзнае што сé може да му се случи на народот, кој спо­ред Љупчо е целосно заблуден. Најбезболното нешто што може да нé снајде, вака нацио­нал­но неосознаени, неодбранети и излажани од македонското раководство, е да го фрламе чоколадото, а да ги јадеме златцата.

    3. Она што може да биде најлошо за Циле е веднаш по враќањето од Америка да биде пресретнат од специјалните пештерски единици на Бранко Корен и да биде приведен во штабот за заштита на загрозените Срби. Сиромашкиот, сигурно во Америка немал можност да ја слушне најновата изјава на д-р Корен во која ја предупредува меѓународната заедница дека “мора да сфати, дури и по цена на економски санкции и нафтено ембарго, нема дел од српскиот народ во оваа Југославија кој би го оставил српскиот народ во Хрватска да биде повторно изложен на физичка ликвидација и геноцид, па макар се бореле за негова заштита и негово право и со токмаци”.
    Не е толку страшно како Циле ќе се снајде во улога на командант на некоја токмачка дивизија. Многу поголем проблем ќе биде како ќе му стои животинската кожа, како нова униформа на врховниот командант. Барем во периодот додека Бранко, со чин “токмак со три кокарди”, не го наговори да прејде на макробиотика, на Циле ќе му биде забрането да присуствува на состаноците што ќе се одржуваат во длабочината на некоја белградска пештера. Како особено заинтересирана странка, договорите со Грција за заплашување на македонските граѓани со пребојадисани авиони ќе останат тајна за “таканаречениот” Васил Тупурковски.
    Којзнае, можеби, ако дознае на кое место Грците пак ќе влезат на нашето небо, ќе организира одбрана. Ем ќе се оправда пред Љупчо Георгиевски ем ќе ги изненади врховните токмаци со употреба на македонското супер тајно оружје. Доколку тајната веќе не ја издал министерот за внатрешни Јордан Мијалков, јас ја преземам одговор­носта за издавање воени тајни. Ќе ги гаѓаме со ластегарки.

    4. Молам кога ќе ми се суди за штотуку направеното кривично дело, како олеснителна околност да се земе предвид мојата лојалност кон Владата.
    Во понеделник лично на премиерот Кљусев ќе му пријавам една колешка која не ја почитува одлуката на Владата за забрана на изнесување прехранбени производи од Македонија. Моите шпиони ми јавија дека кога неодамна службено патувала за Белград, во авионот внела три ѓевреци. И не успеала да ги изеде во македонскиот воздушен простор.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари