ЗИМСКА ПРОЛЕТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:98:"Имаалтернатива-илигоиграш"Тешкото"илиситапанар

    1. Сé беше добро смислено. Сите сме Македонија. Ама, само еден е Циле. Сите се во раководството на партијата. Ама, само еден е Циле. Сите можат да бидат членови на партијата. Ама, само еден е Циле.
    Само времето не се погоди. Требаше да биде прв ден на пролетта, а утрината провејуваше снег. Да му се случеше на Петар Гошев такво нешто, веднаш ќе го обвинеше СДСМ. Андов би рекол дека веќе се потрошија годишните времиња. Колку партии – толку годишни времиња, и затоа не ни треба нова партија. Џафери сé би ставил на сметка на геноцидната политика на македонската Влада и би се замотал со албанско знаме, со изговор дека му студи. Бранко би рекол дека тоа е најдобар доказ дека неговата партија држи контрола над сé, па дури и над времето. Само Циле се направи дека не го забележува доцнењето на пролетта. Во Универзалната сала сé беше раззеленето од ливчињата на кои пишуваше “ДА”. Штета. Можеше да рече дека е направена непринципиелна коалиција меѓу Владата и Господ. Ќе му го паметевме.
    Потоа се слушнаа коментари дека новата партија немала програма. Тоа не е вистина. Сите што беа на основањето на Демократската алтернатива се уверија дека партијата имаше програма. Културно-уметничка. На пример, настапуваше оперска пејачка од Миланската скала. (Некој во публиката рече: “За Македонка, дури и добро пее!”) Потоа на уметнички начин ни беше презентирана историјата на Македонија, од антички времиња, па, веројатно, до 21 век. И на крај, една убава девојка играше фламенко, во комбинација со “Тешкото”. Таа навистина била Македонка, ама се омажила во Шпанија и станала успешна фламенко танчарка. Да останела тука, веројатно ќе се здебелела, лупејќи пиперки и мешајќи ајвар, чекајќи ја Демократската алтернатива која ќе води сметка и за рамноправноста на жените. Така што од програмата на партијата, симболично ни стана јасно дека најдемократска алтернатива е да се избега надвор од земјава.

    2. И знакот на партијата е соодветно избран. Пролетно. Во сите бои. Шарен, како што е шарен составот на раководството. И не докрај дефиниран. Личи на петте олимписки кругови. Ако така сакаат да го гледаат граѓанките и граѓаните. Кој сака, може во знакот да препознае и петокрака. Ама петокраки има и на американското знаме. Кој се чувствува поевропски ориентиран, може да го прифати и како петокрака од знамето на Европската унија.
    Во рамките на демократски алтернативното гледање на работите, мене знакот ми личи на турбина. Може, на пример, да е дел од авионски мотор. Зошто не? Во раководството на партијата се првите луѓе на “Палер Македонија”. А и за остварување на програмата “Испраќање во светот на фламенкото, со звуците на ‘Тешкото'” ќе ни бидат потребни авиони. Среќа што регистрирањето на партијата не зависи од Бузлевски. Немаше да им даде дозвола за полетување. А и да полетаа, ќе ги приземјеше. Така што, сега имаме алтернатива. Некој ќе го игра “Тешкото”, а некој ќе удира по тапанот. За танчари не знам, ама тапанари има доволно.

    3. Како на Тупурковски му дошла идејата партијата да ја нарече Демократска алтернатива? Луѓето од ДА велат дека името им го смислил американскиот амбасадор Кристофер Хил.
    Амбасадорот можеби и не е свесен дека посредно станал кум на новата партија. Тупурковски и Хил имале една не многу пријатна средба минатото лето во американската амбасада во Скопје. Во таа пригода амбасадорот го убедувал Тупурковски дека Американците во Македонија не гледаат демократска алтернатива на оваа власт. Тупурковски му рекол дека не е можно да не постои демократска алтернатива на кого било. Бидејќи Американците сакаат сé да им биде едноставно, му текнало партијата да ја крсти Демократска алтернатива. Нема демократска алтернатива!? Е, па еве, сега има Демократска алтернатива!

    4. Пред некој ден, околу пладне, среде бела виделина, на педесетина метри од првата полициска куќичка на паркингот на Владата, за само дваесетина минути, некој успеал да ми украде раткапна од едното тркало на колата. Во тој момент не ми текна ниту на ТАТ, ниту на окотоподите, ниту на тренерките, ниту на приватизациите, ниту на законот за денационализација, па дури ни на оној графит во центарот на Скопје: “Не крадете, СДСМ не трпи конкуренција!”. Ми текна само на еден виц на кој слатко сум се смеел и задоволно си заминав, среќен што не ми ја ограбиле колата, туку сум поминал само со една раткапна.
    За тие што не го знаат вицот, а што паркираат на паркингот кај ЦК ќе го прераскажам.
    Некој човек си го оставил велосипедот пред скалите на влезот во Владата. Дотрчал дежурниот полицаец и му рекол: “Не смееш тука да го оставаш велосипедот.” Овој прашал: “Зошто?”. Полицаецот му одговорил: “Па ова е Влада”. А овој го прашал: “Па што има тоа врска?”. Полицаецот продолжил со убедувањето: “Како што има врска, па тука поминуваат премиерот, потпретседателите, сите министри, зар да поминуваат покрај твојот велосипед!?” Тогаш човекот се свестил: “Еј добро што ми кажа, да си го заклучам!”

    5. Гледајќи ги снимките од Бон, од седницата на Контакт-групата, може да се каже дека и ние имаме што да им понудиме на Американците. Тие нас ќе нé бранат со војници, ама ние ќе им го испратиме Ханџиски. Видовте како беше залепен до Медлин Олбрајт. Може да ѝ биде телохранител. Добро, сега нашиот Ханџо не е како Кевин Костнер, ама и Олбрајт е далеку од Витни Хјустон.
    Во моментите кога не беше на должност, Ханџиски ѝ шепкаше на увце на Надежда Михајлова. Фино се виде – камерата не лаже. Му остана невозавратена љубов уште од времето кога му ја собра Клаус Кинкел и ја однесе во Бон. Можеби Ханџо благонадежно ѝ шепкаше: “Ела при мен!” Којзнае, можеби навистина наскоро ќе го решат јазичниот спор.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари