ЗЛАТНА РИПКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:82:"СДСМбожемнештобара.АВМРОбожемнемудава

    1 Денеска Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе расправа за условите кои ги постави СДСМ за да не ги бојкотира локалните избори во март. Никола Груевски не спиел цела ноќ. Се думал како да му ги исполни трите желби на Бранко. Се думал, се думал, и на крај решил. Му купил златна рипка.
    Е така приближно функционира демократијата во Македонија. СДСМ божем нешто бара. А ВМРО божем не му дава.
    И после Бранко самобендисано, како во 2011, ќе изјави дека народот е во право и кога гре-ши. А Никола ќе го цитира Бранко од 1994 и ќе му порача: “Кој губи има право да се лути”.

    2 Бранко се пофали дека заклучоците на СДСМ се донесени едногласно. Ама пред тоа се водела сериозна дебата, оти СДСМ е сериозна политичка партија. Се ставиле на маса сите аргументи, плус и минус, и на крајот се пристапило кон одлучување. И сите гласале исто. Желбите на Бранко биле усвоени без ниту еден глас против и без ниту еден воздржан.
    Среќа што пред извесно време го исклучија бившиот лидер Бучковски од партијата. И уште неколкумина што не го слушаа Бранко. Па сега СДСМ-овците можеа дури непречено и дискусија да отворат.
    Може Бранко да прави смешки од себе колку што сака. Ама што прави сега целата онаа вој-ска што стои зад него? На сите оние кандидати за градоначалници, досегашни успешни градоначалници, советници, јавни службеници вработени по партиска линија во локална администрација, директорчиња, инспекторчиња, градежни фирми и фирмички, постилачи на асфалт и лепачи на плочки ич не им е смешно. Жално им е. Ама кога ни лидерот не жали за нив, зошто пак ние да ги жалиме. Нека пропаднат заедно сосе него. Оти се сериозна политичка партија која носи сериозни заклучоци.

    3 На 24 декември видовме на што сe е подготвена ВМРО-ДПМНЕ за да не ја даде власта. Ако можеа со сила да ги исфрлат опозиционите пратеници од Собранието, а сега не преста-нуваат да глумат лудило дека во Македонија сe е нормално, тогаш страв ми е и да помислам што може да ни се случи нам обичните гласачи.
    На 24 декември видовме и колку СДСМ не е подготвен да ја преземе власта. Ниту со лидер, програма и идеја на избори, ниту со масовност на улица.
    Но на 24 декември се уверивме дека двете партии ја држат демократијата во заложништво. ВМРО-ДПМНЕ нe убедува дека сите што не мислат како нив се против државата. СДСМ нe убедува дека тоа што тие имаат проблем со самите себе е проблем на државата.
    Сега и едните и другите ги напаѓаат тие што не се ни за едните ни за другите. Демек, најло-шо е да си неутрален. Откако си се преброија меѓу себе како “комуњари” и “фашисти”, сега и зборот “неутрален” го лепат како етикета. Будали. Па ако си и против едните и против другите, не значи дека си неутрален. Значи дека имаш јасен став. Којзнае, можеби по бруталното укинување на Парламентот, кој нели е носечки столб на секоја нормална демократска држава, на Македонија $ се отвора нов прозорец. Можеби ќе се одважи некој чијашто политика нема да биде: “И вие така правевте”. Можеби баш 24 декември 2012 ќе биде пресвртната точка од која, по 21 година партиско силување на демократијата, Македонија ќе добие уште една историска шанса. Ех колку ни треба. Многу ни треба.

    4 Исто како што сега на Бранко многу му треба да се смени директорот на јавниот сервис МРТВ. Не знам дали СДСМ-овците дискутирале и за другите медиуми, ама како ли не им текна кога ги ределе заклучоците да достават и дополнителни барања до власта. Да се сменат и газдите на Сител и на Канал 5.
    Го паметам времето, не беше баш многу одамна, кога на Бранко не му пречеше што МРТВ беше сервис на СДСМ. А и газдите на Сител и на Канал 5 не му пречеа, оти му беа коалици-ски партнери, а телевизиите маваа по ВМРО. Ама го паметам и времето кога на Груевски многу му пречеа и Сител и Канал 5 со истите газди, и МРТВ со директорот поставен од СДСМ.
    Политичарите се најсебичните луѓе. За слободата на медиумите им текнува само кога се во опозиција. А кога се на власт, на новинарите гледаат како да им се слуги. Секој партиски лидер што во опозиција се прави голем демократ, во суштина е голем автократ штом дојде на власт. Сега Бранко плаче, а кога беше на власт ние плачевме. Исто како што сега плачеме од фамозниот Центар за комуникации на Груевски.
    Еден на друг си се надградуваат. Слушнав многу ветувања овие денови, ама не слушнав дека СДСМ ќе ги ослободи медиумите. И не слушнав ветување дека ако победат, нема веќе да го употребуваат вечното оправдување: “А кога ВМРО правеше така, не се буневте”.
    Ако сега ВМРО притисоците врз медиумите ги претвори во правило и систем, тогаш утре, ако победи Бранко, тоа ќе му даде право тој систем уште побрутално да го применува.
    Животот е тркало. Уништувајќи го слободното новинарство, Груевски се уништува себеси. Ќе му требаат слободни медиуми, а ќе ги нема. Оти неговиот центар за комуникации постави такви стандарди на новинарство.
    Не е лошо тие од Центарот да му покажат на лидерот Груевски неколку снимки од вестите на МРТВ, на Сител и на Канал 5 од времето кога Бранко беше власт, а ВМРО-ДПМНЕ опозиција. Колку да се потсети. Како е кога сакаш нешто да кажеш, а немаш каде.

    5 И дедо Стефан, исто како Груевски, како по традиција кога се обраќа на празници, ги нападна тие што не мислат како него. Па рече дека “слободата на секуларизмот и либера-лизмот незапирливо продира во нашето секојдневје и ги поткопува темелите на традицио-налното македонско семејство. Наша задача е како родители, воспитувачи и учители на моралниот закон, да ги заштитиме младите поколенија од таквите влијанија уште од најраната возраст”.
    Навистина е опасна слободата на секуларизмот и либерализмот за македонското семејство, особено за она традиционалното. Оти децата ги учи да не бидат поданици и да мислат со своја глава. Оти ако мислат со своја глава и не слушаат беспоговорно авторитети, децата уште од најрана возраст почнуваат и да прашуваат. На пример: Тато, зошто сите попови возат скапи џипови? Зошто тргуваат со дуќани и со хотели? Зошто одбиваат бесплатно да погребуваат, венчаваат и да крштаваат? Зошто, кога ќе однесеш стара облека во црква за сиромашните, ти велат дека немаат каде да ја чуваат и оти е подобро да оставиш пари? Зошто им се на поповите најскапите мобилки? Толку ли е скап муабетот со Господ?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира