204. ТЕНИСЕР ВО СВЕТОТ ГО ОСВОИ МАСТЕРСОТ ВО ШАНГАЈ, ПОБЕДУВАЈЌИ ГО БРАТУЧЕД МУ ВО ФИНАЛЕТО

    204. ТЕНИСЕР ВО СВЕТОТ ГО ОСВОИ МАСТЕРСОТ ВО ШАНГАЈ, ПОБЕДУВАЈЌИ ГО БРАТУЧЕД МУ ВО ФИНАЛЕТОПротивник на Вашро (десно)во финалето му беше Риндеркнех, со кого се братучеди од мајчина страна и заедно пораснале. (Фото: Шангај Мастерс)

    Валентин Вашро заокружи еден од најневеројатните настапи во историјата на тенисот, станувајќи најнискорангираниот играч што освоил Мастерс 1000 титула, откако во финалето на турнирот во Шангај со пресврт го победи својот братучед Артур Риндеркнех со 4-6, 6-3, 6-3.

    Достигнувањата на 26-годишниот Вашро во изминатите две недели се речиси без преседан. Како 204. играч на АТП-листата, тој едвај влезе во квалификациите и тоа благодарение на неколку откажувања поради повреди. Тој е само третиот квалификант што освоил Мастерс титула во 35-годишната историја на овој формат и првиот тенисер од Монако со АТП-трофеј. На патот до титулата, меѓу другите, гo елиминираше и Новак Ѓоковиќ.

    „Нереално е тоа што штотуку се случи. Немам поим што се случува, едноставно е лудо. Пресреќен сум за мојот настап. Сакам да им се заблагодарам на сите што придонесоа за мојата кариера. Да го споделам ова со Артур беше навистина тешко, мора да има еден губитник. Но, мислам дека денес има двајца победници, победи едно семејство и мислам дека за тенисот оваа приказна е нереална“, изјави Вашро.

    Приказната ја прави уште поспецијална фактот што противник во финалето му беше Риндеркнех, со кого се братучеди од мајчина страна и заедно пораснале. 30-годишниот Риндеркнех, кој е 54. на АТП-листата, е тој што го убедил Вашро да игра колеџ-тенис во САД пред да стане професионалец. Тие често играле и во двојки, а утрото пред финалето заедно се загреваа на централниот терен во Шангај.

    Двајцата претходно се сретнале само еднаш, на ИТФ-турнир во 2018 година, кога Риндеркнех победил за заработка од околу 400 долари. Со победата, Вашро освои парична награда од 1.124.380 долари, што е повеќе од двојно од неговата вкупна заработка во кариерата досега.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира