Американскиот атлетичар Хантер Вудхол триумфираше на трката на 400 метри на Параолимписките игри во Париз, што доаѓа откако неговата сопруга Тара Дејвис-Вудхол освои олимписко злато во скок во далечина.
Дваесет и петгодишниот Вудхол, кој трча со протези на двете нозе, ја прослави титулата гушкајќи ја сопругата, која го бодреше од трибините на стадионот „Стад де Франс“, сцена што беше видена и пред еден месец, кога таа освои злато.
„Преплавен сум со емоции сега. Ова е толку неверојатно. Толку долго го сакав ова. Ова е лекција како се остваруваат големи сништа“, изјави Вудхол.
Пред три години во Токио, тој освои бронза во истата дисциплина.
Роден со фибуларна хемимелија, на Вудхол му биле ампутирани двете потколеници кога имал само 11 месеци. Ја запознал Тара Дејвис на средношколски атлетски натпревар во 2017, а се венчаа пет години подоцна.
„Тара ме научи многу. Пред Олимпијадата таа пишуваше во својот дневник: ‘Јас ќе бидам олимписка шампионка, силна сум, брза сум‘. Го донесов мојот дневник со мене и изминативе неколку дена пишував во него ‘Ќе бидам параолимписки шампион‘ и тоа се оствари“, кажа Вудхол.