БЕЛГРАДСКИ ПАРТИЗАН ПРИФАТИ ДА ИГРА СО ТРЕТОЛИГАШОТ ЦРНОБУКИ, ВО ЧЕСТ НА НАВИВАЧОТ КОЈ ГО ПРАВЕЛ НАЈДОЛГОТО НАВИВАЧКО ЗНАМЕ ВО БИТОЛА

    БЕЛГРАДСКИ ПАРТИЗАН ПРИФАТИ ДА ИГРА СО ТРЕТОЛИГАШОТ ЦРНОБУКИ, ВО ЧЕСТ НА НАВИВАЧОТ КОЈ ГО ПРАВЕЛ НАЈДОЛГОТО НАВИВАЧКО ЗНАМЕ ВО БИТОЛАБитолското село Црнобуки отсекогаш имало многу навивачи на „црно-белите“. - Горан Кадениќ од ФК Партизан со Тодорче Кочишки, претседател на ФК Црнобуки (Фото: СДК.МК)

    Великанот на балканскиот и европскиот фудбал, белградски Партизан, со постава од поранешни познати фудбалери денеска игра меморијален натпревар со ветераните на третолигашкиот клуб Црнобуки од ова истоимено битолско село. Партизан, предводен од Горан Кадениќ и Небојша Вучичевиќ, дојде во Битола на иницијатива на Тодорче Кочишки, претседател на ФК Црнобуки ЗЛ. Натпреварот се одигрува на годишнината од смртта на неговиот татко Трајан Кочишки-Куља, верен навивач на Партизан и член на битолските „Гробари“, кои го изработија најдолгото навивачко знаме во Битола, а воедно и едно од најголемите поставено на стадионот на ЈНА во Белград.

    „Татко ми беше голем љубител на фудбалот, а последните неколку години кога се реорганизираше клубот во Црнобуки беше комесар за безбедност. За жал, не го виде најголемиот успех, пласманот во Третата лига-Југозапад. Беше голем навивач на Партизан и од мали нозе нѐ воспитуваше заедно со брат ми да го сакаме фудбалот“, раскажува Тодорче Кочишки.

    Знамето кое го изработиле во 1970-ите било долго 171 метар. Адвокатот и голем навивач на Партизан Емил Главичне раскажува дека знамето било сошиено во фабрика каде директор бил „звездаш“.

    „Знамето се состоеше од црна и бела боја, симболите на Партизан. Платното го порачавме преку тогашниот директор на свиларницата ‘Хрони‘. Купивме крепсатен бел и црн и го дадовме да се шие во трикотажата ‘Пелистер’ во подружницата во Цапари, чиј директор беше тврдокорен навивач на Црвена звезда. Тој не сакаше никој да го фати и сработи тоа знаме. Меѓутоа, ми беше пријател и по налог на директорот на свиларницата, се соши знамето“, раскажува Главинче.

    Бидејќи било многу долго, морале да го носат на ливади во околината на градот, каде можеле да го распостелат и да напишат „Верни навивачи на Партизан Битола“.

    „Кога беше подготвено, го оптегнавме низ битолските улици, иако сообраќај имаше и на Широк Сокак. За првпат го однесовме на дербито Партизан-Звезда во 1975. За наша среќа, тогаш Партизан победи со 3:1. Неколку пати го носевме и враќавме, прво со воз, а потоа и со возило“, се присетува Главинче.

    Поранешниот фудбалер Горан Кадениќ вети дека ќе возвратат на гостопримството и ќе го поканат ФК Црнобуки да одиграат натпревар во Белград.

    „За Црнобуки ни велеа што ќе правите таму, никој не знае на мапа каде е. Но, тоа место има јадро на навивачи кои се постојано присутни на нашиот стадион. Во ова време нема поубава работа од тоа луѓето да се сретнуваат за спорт“, рече Кадениќ.

    Тој ѝ додели плакета на битолската градоначалничка Наташа Петровска за поддршката што Општина Битола ја даде за да се организира натпреварот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира