Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски победи на штипската трка на 10 километри Супериорранс. Во конкуренција на 1.400 учесници Ивановски беше убедливо прв оставајќи ги противниците стотина метри зад него. Во женска конкуренција на 10 километри најуспешна беше најдобрата македонска атлетичарка Адријана Поп Арсова.
Ивановски и лани убедливо победи на првата Супериорранс трка во Штип, ја пофали пaтеката околу реката Отиња во центарот на градот во вкупна должина од 10 километри.
„И годинава ми беше пријатно да трчам во една масовна трка со над 1.400 учесници. За цело време на трката мислев на престојниот олимписки маратон во Париз и во моментов го имам најдобриот резултат на сезоната со време 2 часа 8 минути и 26 секунди, што го остварив во февруари на маратонот во Севилја. Се надевам дека моето време нема да биде соборено и ќе бидам дел од олимписките игри во Париз“, рече Ивановски.
Неговиот тренер Игор Јакимовски додава дека Ивановски ја заслужува Олимпијадата. Тој е најдобриот атлетичар во историјата на македонската атлетика на средни и долги патеки.
„Дарио во моментот држи 9 сениорски рекорди на Македонија. Има 10 медали на сениорските балкански првенства, а трипати беше шампион, па да се надеваме на нови медали на престојните маратонски трки“, кажа Јакимовски.
Т. ЈОВАНОВСКИ