ДВАЈЦА БОКСЕРИ ПОЧИНАА ОД ПОВРЕДИ НА МОЗОКОТ ЗДОБИЕНИ НА ИСТ ТУРНИР ВО ЈАПОНИЈА

    ДВАЈЦА БОКСЕРИ ПОЧИНАА ОД ПОВРЕДИ НА МОЗОКОТ ЗДОБИЕНИ НА ИСТ ТУРНИР ВО ЈАПОНИЈАРингот во салата „Коракуен“ во Токио, каде што се одржа турнирот. (Фото: Јомуири)

    Двајца јапонски боксери, Шигетоши Котари и Хиромаса Уракава, починаа од повреди на мозокот здобиени во одделни борби одржани иста вечер во салата „Коракуен“ во Токио.

    28-годишниот Котари колабирал веднаш по завршувањето на борбата од 12 рунди против шампионот во лесна категорија на Ориенталната и пацифичката боксерска федерација (ОПБФ), Јамато Хата, на 2 август. Тој итно бил опериран поради субдурален хематом, состојба при која крв се собира меѓу мозокот и черепот, но починал во петокот.

    „Почивај во мир, Шигетоши Котари. Боксерскиот свет жали за трагичната смрт на јапонскиот борец, кој им подлегна на повредите здобиени за време на неговата борба за титулата на 2 август. Воин во рингот. Борец по дух. Замина прерано. Нашите мисли и молитви се со неговото семејство, тимот и целата јапонска боксерска заедница“, објави Светската боксерска организација (ВБО) на социјалните мрежи.

    Во саботата, неговиот сонародник, 28-годишниот Хиромаса Уракава, почина откако ја доживеа истата повреда за време на поразот со нокаут од Јоџи Саито. И тој бил подложен на краниотомија во обид да му се спаси животот.

    „Оваа тажна вест доаѓа само неколку дена по смртта на Шигетоши Котари. Упатуваме најдлабоко сочувство до семејствата, пријателите и јапонската боксерска заедница во ова неверојатно тешко време“, додадоа од ВБО во нова објава.

    Како одговор на трагедиите, Јапонската боксерска комисија објави дека сите борби за титулата во ОПБФ ќе бидат скратени од 12 на 10 рунди.

    Претходно годинава, ирскиот боксер Џон Куни почина една недела откако беше пренесен на интензивна нега по неговиот пораз во борбата за келтската титула во супер-перо категорија во Белфаст.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира