ЕЛИЗАБЕТ СВЕЈНИ – НАЈЛОШАТА СКИЈАЧКА ВО ПЈОНГЧАНГ КОЈА НЕ ЗНАЕ ДА ИЗВЕДЕ НИЕДЕН ТРИК

    ЕЛИЗАБЕТ СВЕЈНИ – НАЈЛОШАТА СКИЈАЧКА ВО ПЈОНГЧАНГ КОЈА НЕ ЗНАЕ ДА ИЗВЕДЕ НИЕДЕН ТРИКСе квалификувала за ЗОИ само затоа што немаше доволно учесници во дисциплината халфпајп. - Елизабет Свејни во едно од ретките одделувања од подлогата (Фото: АП)

    Елизабет Свејни, американска скијачка која се натпреварува под знамето на Унгарија, се потруди да биде приказна за себе на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, откако убедливо го зазеде последното место во квалификациите во слободно скијање.

    Триесет и тригодишната Свејни ги комплетираше двете изведби без да падне, но притоа не се обиде да изведе ниту наједноставен трик, туку само се пушташе по платформата, не изложувајќи се ни на најмал ризик.

    Иако главната цел ѝ беше безбедно да го заврши настапот, Свејни, сепак, беше разочарана што не влегла во финалето.

    „Не се квалификував за финалето и многу сум разочарана поради тоа. Но, работев навистина напорно неколку години за да го остварам ова“, изјави Свејни, која пред да добие државјанство на Унгарија во 2016 година, ги бранеше боите на Венецуела.

    Свејни почнала да скија на 25 години и цело време ја водел сонот еден ден да настапи на Олимписки игри. За таа цел, собирала средства онлајн за да ги финансира своите настапи и патуваше по светот за да има што повеќе учества во Светскиот куп, најчесто завршувајќи последна или меѓу последните, пишува весникот „Денвер пост“. Најдобриот резултат ѝ било 13. место во конкуренција на 15 скијачки, но тоа секогаш биле внимателни возења, без трикови.

    На крајот, таа се квалификуваше за Пјонгчанг само затоа што немаше доволно учесници во дисциплината халфпајп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира