Светското првенство во фудбал ќе биде проширено од 32 на 48 репрезентации, реши ФИФА.
Во првата фаза ќе има 16 групи со по три тима и во нокаут-фазата ќе продолжат 32 тима, а новиот формат ќе почне да се спроведува од турнирот во 2026 година.
ФИФА едногласно ја донесе одлуката за промена на форматот на светските првенства на денешниот состанок во Цирих. Бројот на натпревари на турнирите ќе порасне од 64 на 80, но максималниот број на натпревари на еден тим останува седум. Последен пат форматот беше сменет во 1998 година, кога бројот на учесници се зголеми од 24 на 32.
Претседателот на ФИФА Џани Инфантино, кој стои зад новиот формат, кажа дека Светското првенство во фудбал мора да биде поинклузивно. На спортска-конференција во Дубаи минатиот месец, тој рече дека проширувањето ќе биде од корист за развојот на фудбалот низ целиот свет.
Според истражувањата на ФИФА, приходот од турнир со 48 репрезентации ќе се зголеми на 5,3 милијарди фунти со потенцијален профит од 521 милион фунти.