Лидерот во Бундеслигата Баерн Минхен денеска продолжи со тимските тренинзи среде кризата поради коронавирусот по пауза од три недели, во кои фудбалерите тренираа индивидуално. Неколку други германски клубови, исто така, почнаа со тренинзи, иако лигата е суспендирана најмалку до 30 април како дел од борбата против КОВИД-19.
Тимот на Баерн се врати во тренинг-комплексот и фудбалерите работат во мали групи, поделени на неколку терени. Вообичаените тренинзи сѐ уште се забранети, бидејќи властите сакаат да го ограничат контактот меѓу играчите, во согласност со рестрикциите кои важат во земјата.
„Имав многу невообичаено чувство на тренингот денеска во мали групи. Но, убаво беше да ги видам соиграчите во живо повторно“, кажа голманот Мануел Нојер.
Тренерот Ханзи Флик разговараше индивидуално со играчите, но одржуваше дистанца. По тренингот, играчите си заминаа директно дома да се пресоблечат.
Единствено Вердер не доби дозвола од локалните власти да продолжи со тренинзите, откако нивното барање да добијат исклучок од забраната за собири беше одбиено.