Женскиот фудбалски клуб Борец го промовираше проектот „Создаваме животни шампиони”, во кој учествуваат и други фудбалски клубови од Балканот и Европа. Од Македонија е вклучен и ФК Академија Пандев. Членките на клубот ќе имаат можност да одат на камп, кој е бесплатен.
„Децата спортисти повеќе му веруваат на тренерот отколку на родителот. Затоа во овој проект во центарот е тренерот. Тие бараат до 16. година да се укине натпреварувачкиот карактер, оти децата треба да уживаат во спортувањето. Нема потреба од ривалитет. Тие во спортот треба да уживаат, да патуваат, да се забавуваат, да се запознаваат, да научат нешто ново. Нашите кампови не се за да се натпреварувате. Таму малку тренирате, малку учите, да ги оттргнеме децата од дигиталните технологии“, вели Александра Кнежевиќ од Развојниот центар Белград.
Беа презентирани активностите на проектот. Првата активност во мај е обука за тренери, а потоа кон крајот на јуни следи бесплатен камп за девојките кои тренираат фудбал со сите спортски и едукативни активности, камп кој ќе биде од меѓународен карактер. Првиот е на Палиќ (Суботица), вториот на Златибор.
„Нема машки и женски спорт. Тој еднакво ги развива сите. Секоја возраст носи одговорност. Сакаме преку оваа програма да ги задржиме девојчињата во клубовите. Сакаме и да го смениме односот на тренерот кон девојчињата, тој е втор татко и затоа треба да им помогнат да станат добри личности“, рече Ленче Алексовска-Величковска, декан на Факултетот за физичко образование и спорт во Скопје.
„Го работиме овој проект за доброто на овие девојчиња. Се надевам дека повеќето од нив ќе се реализираат како спортистки и ќе го остварат нивниот сон. Спортот е најважен за психофизичкиот развој на едно дете и треба да се почне од рана возраст“, кажа Кирил Лазов, претседател на ЖФК Борец.
П. ПЕЧКОВ