Украинскиот натпреварувач во скелетон Владислав Гераскевич кажа дека Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) му забранил да се трка на Олимпијадата со шлем на кој се отпечатени фотографии од луѓе кои загинале во војната во Украина, велејќи дека оваа одлука му го крши срцето.
Дваесет и шестгодишниот Гераскевич го носеше шлемот на тренинзите во Кортина, откако претходно вети дека ќе ја искористи Зимската олимпијада како платформа за да се задржи вниманието на војната.
„ИОК ми забрани да го носам шлемот на тренинзите и натпреварувањата. Оваа одлука едноставно ми го крши срцето. ИОК ги предава оние спортисти кои беа дел од олимпиското движење, не дозволувајќи да им се оддаде почит на спортската арена, каде што никогаш повеќе нема да можат да стапнат. И покрај преседаните во модерното време и во минатото, кога ИОК дозволуваше такви почести, овојпат одлучија да постават посебни правила само за Украина“, рече Гераскевич, кој го носеше знамето на Украина на церемонијата на отворањето.
Тој кажа дека повеќето од луѓето на неговиот шлем биле спортисти, како младата кревачка на тегови Алина Перегудова, боксерот Павло Ишченко и хокејарот Олексиј Логинов, додавајќи дека некои му биле пријатели.
Според него, ИОК го забранил шлемот повикувајќи се на Член 50 од Олимписката повелба, кој не дозволува иикакви демонстрации и политичка, религиозна или расна пропаганда на олимписки локации.



