По две недели исполнети со контроверзи околу нејзиниот пол, алжирската боксерка Имане Хелиф стана олимписка шампионка откако во финалето ја победи светската шампионка Јанг Лиу од Кина во категоријата до 66 килограми, со едногласна одлука на судиите.
Најголемата победа во кариерата на 25-годишната боксерка беше одбележана со голема прослава на трибините во Париз, каде што дојдоа многу нејзини сонародници. Хелиф е прва боксерка од Алжир со олимписко злато.
„Јас сум целосно квалификувана да учествувам во ова натпреварување. Јас сум жена како и секоја друга жена. Живеам како жена, се натпреварувам како жена, не треба да има сомнеж околу тоа“, кажа Хелиф по победата.
Хелиф е една од двете боксерки на Олимпијадата во Париз, заедно со Лин Ју во категоријата до 57 кг, кои добија забрана за настап од Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) откако двете паднаа на тест за пол направен од ИБА.