Македонскиот репрезентативец Ангелче Петрушев го освои четвртото место на Европското младинско првенство во кајак слалом на диви води во Чешка. Во финалната трка на дисциплината К-1, тој за малку не стигна до медал. Во последната делница веслаше поспоро и за помалку од секунда остана без место на подиумот, што ќе беше прво одличје за македонскиот кајак на европските и светските првенства.
Младиот велешанец беше прв по полуфиналето, но тоа веслање не го повтори во финалето. Нов европски првак стана Французинот Кастрик, пред Словенецот Кочевар и Словакот Румански.
Петрушев има 18 години и од следната сезона ќе се натпреварува во повозрасната категорија, до 23 години. Тој настапи и на Светското првенство за јуниори, кое се одржа во јули во Италија, каде беше 19-ти. На светската ранг-листа за слалом на диви води се наоѓа на 117. место.
Во четвртокот, македонската репрезентација во состав Петрушев-Рибарски-Игнатов го освои 5. место во екипна конкуренција.
П. ПЕЧКОВ