КОГА НЕМА НАСТАП ВО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР, ЖАРКО СПАСОВСКИ ПОСТИГНУВА ГОЛОВИ ЗА ФУТСАЛ ЕКИПАТА НА ГЕМИЏИИ

    КОГА НЕМА НАСТАП ВО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР, ЖАРКО СПАСОВСКИ ПОСТИГНУВА ГОЛОВИ ЗА ФУТСАЛ ЕКИПАТА НА ГЕМИЏИИАктерот Жарко Спасовки со соиграчите од Гемиџии ја прослави победата во полуфиналето на Купот на Македонија во футсал. (Фото: Фејсбук)

    Со двата гола на Жарко Спасовски, кој донесе водство од 3:2 и ја потврди победата со 4:2, екипата на КМФ Гемиџии од Велес се пласираше во финалето на Купот на Македонија во мал фудбал. Гостите од Кавадарци, екипата на Црна Река, до крајот намалија на 3:4, но сепак велешани ќе играат за пехарот во финалето.

    Двата решавачки гола ги постигна Спасовски, кој е професионален актер во велешкиот театар „Јордан Хаџи Констатнинов Џинот“, но и мајстор на фудбалот во сала.

    „Кога имам можност играм за екипата на Гемиџии, под услов вечерта да немам настап на сцената на театарот. Ова е голема радост за мене и моите колеги. Очекувам дека во мај ќе се радуваме и на пехарот“, рече по натпреварот Спасовски.

    Спасовски заврши ФДУ во класата на проф. Владимир Милчин, а во велешкиот театар е актуелен со претставите „Синиот портокал“, „Кралските копилиња“ и детската претстава „Заспаниот супер херој“. Тој игра за екипата на второлигашот Гемиџии, а во финалето кое ќе се игра во Гостивар, противник ќе им биде екипата на Јувентус Серава од Скопје. Пехарот лани го освои екипата на КМФ Велес, која како и шампионот КМФ Шкупи беа елиминирани годинава уште рано во куп натпреаврите.

    Ова не му е прв пат на Спасовски со неговите голови да ги одбележува натпреварите во футсал конкуренција. Пред две години со два гола во последното коло, обезбеди опстанок на екипата на КМФ Велес во Првата лига.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира