Карипскиот остров Курасао го надмина Исланд и стана најмалата нација која се пласирала на светско фудбалско првенство, што го потврди со ремито без голови против Јамајка. Курасао, кој е оддалечен 65 километри од брегот на Венецуела, има само 150.000 жители и површина од 444 квадратни километри, а стана независна држава во рамките на Кралството Холандија дури во 2010.
Пред десет години, Курасао беше на 150. место на ранг-листата на ФИФА, а сега е на 82. позиција. Проширениот формат на СП 2026 во САД, Канада и Мексико му даде многу поголеми шанси, па Курасао ќе биде четврти дебитант на претстојниот мундијал, покрај Зелен ‘Рт, Узбекистан и Јордан.
„Ова е лудо и една од најголемите работи што му се случиле на Курасао. Пред само неколку години не можевме ни да помислиме на ова“, изјави репрезентативецот Жунињо Бакуна.
Како и 78-годишниот селектор Дик Адвокат, најголемиот дел од играчите на Курасао се родени во Холандија или имаат семејни врски со неа.
„Почнав да играм за Курасао во 2019 и тоа беше голема одлука за мене. Имав само 21 година, но видов многу играчи на моја возраст како веќе играат за холандската репрезентација, па се решив за Курасао. Една од причините беше и што можев да играм во истиот тим со мојот брат“, изјави Бакуна.
Покрај Курасао, од зоната КОНКАКАФ се пласираа и Панама и Хаити, што ќе биде негово прво светско првенство од 1974 година.



