Македонската ракометна репрезентација останува без капитенот Кире Лазаров до крајот на Европското првенство во Хрватска, објави Европската ракометна федерација на својот профил на Твитер.
Лазаров ја повреди задната ложа на десната нога во 11. минута од вчерашниот натпревар со Шпанија и потоа веќе не влезе во игра. Селекторот Раул Гонсалес веднаш по средбата изрази сомнеж дека Кире ќе може повторно да игра на ова првенство и за веста што ја објави ЕХФ сѐ уште нема официјална потврда и од таборот на репрезентацијата. За тоа се чекаа резултатите од прегледите во Загреб.
„Лоша вест за играчите кои се повредија на мечевите во Вараждин. Кире Лазаров и Паул Друкс завршија со настапот на Европското првенство во Хрватска“, објави ЕХФ.
Македонија мора да победи на преостанатите две средби од втората фаза со Чешка и Данска, доколку сака да се пласира во полуфиналето, но по повредата на Лазаров, тоа ќе биде исклучително тешко.