По долги години неактивност, Одбојкарската федерација на Македонија летово го почна процесот на повторно создавање на женскиот национален тим. Со овој проект раководи српскиот стручњак Ненад Михајловиќ, кој беше именуван за селектор на младата репрезентација со цел да изгради тим кој ќе настапи на Европското првенство за одбојкарки до 19 години, чиј домаќин во 2022 ќе биде токму Македонија.
За да се постават темелите на идната репрезентација, Михајловиќ организираше пробни тренинзи во четири градови, низ кои поминаа вкупно 96 млади одбојкарки. Од нив беа избрани 26, кои како потенцијални репрезентативки оваа недела тренираат во кампот во Крушево.
На Михајловиќ во работата му помагаат Емилија Јаничиќ од Вардар ЕМ, Роберт Митковски и Александар Димовски од Пелистер волеј, Никола Јаневиќ од Јанта волеј Форца, спортскиот директор Горан Јаневиќ и координаторката за женска одбојка Емилија Терзиевска.
„Мојата цел е да направам голем чекор напред со женскиот национален тим. Тоа ќе биде голем предзвик за мене. Сакам да ги изберам девојките со најголем потенцијал и да ги поведам во вистинска насока, а тоа е да направам репрезентативки од нив. Има многу потенцијал тука, но пред нас е и многу работа“, вели Михајловиќ, кој има шампионска титула во Србија со екипата на Визура.
Г. КОНЕВ